1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Семејството против џихадизмот

Клаус Јансен/ Симе Недевски8 септември 2014

Идејата потекнува од Германија: спасување на младите луѓе од радикално исламистичката сцена со помош на нивните семејства. Овој проект наскоро би требало да заживее и во други земји од светот.

Фотографија: picture-alliance/dpa

Младиот муслиман веќе тргна во „Света војна“. Ја напушти Германија и во Египет помина различни кампови за тренинг на џихадисти. Понекогаш му праќаше електронска пошта на своето семејство. А тие пак, кусо по неговото исчезнување, се обратија во советувалиштето Хајат во Берлин. Тамошните соработници, заедно со членовите на семејството, ги прегледаа едно по едно сите електронски писма и помогнаа да најдат вистински зборови за одговор на тие писма.

Даниел Келер е еден од соработниците во Хајат. Тој ги знае триковите кои ги употребуваат оние кои младите исламисти ги обучуваат во специјални кампови. „Дури ни твоето семејство нема да те прифати тебе и твојата вера, тие ќе се обидат те извлечат одовде“, им се зборува на новите регрути во камповите за обука. А тоа е тогаш наводен доказ дека и семејството се вбројува меѓу непријателите. Стратегијата на соработниците од Хајат во тој случај е семејството никогаш да не се однесува како што предвидуваат радикалните идеолози. Би требало да се избегне конфронтација во секој случај. Семејството треба трпеливо да се нуди како партнер за разговор. Кога синот почна да се сомнева во оправданоста на своите радикални погледи, семејството му предложи заминување во друга земја. Таму момчето беше далеку од кампот. Основаше семејство и оттогаш одржува интензивен контакт со своето семејство.

Фотографија: picture-alliance/dpa

Семејството како алтернатива за радикалната идеологија

Советувалиштето Хајат придонесе младиот муслиман да се дерадикализира. Овој проект, кој постои во Германија од 2011. година, очигледно привлекува внимание во целиот свет. „Хајат“ е арапски збор и значи „живот“. Во проектот се ангажирани неколку лица. Соработниците дејствуваат како мост во сите насоки, посредуваат меѓу родителите, децата, училиштата, имамите. Ако е потребно разговараат и со полицијата и со претставниците на власта.

„Нашиот метод е работа со целото семејство и со сите кои имаат позитивен став кон тоа лице“, вели Келер. Семејството треба да биде засилено како очигледна алтернатива за радикалната идеологија. Аргументи за тоа дава и самиот ислам. „Постои јасна изјава на пророкот Мухамед, рајот е до мајчините нозе“, вели Келер. „Ако е некој муслиман, не може да го занемари фактот дека родителите, посебно мајките, имаат посебна вредност.“

Изминатите години Хајат успеа да им помогне на десетици луѓе. Некои од нив целосно успеаја да излезат од радикалната сцена, кај други радикализацијата беше барем подзабавена. „Тоа е долготраен процес“, вели Келер и додава: „Работиме со околу 200 до 300 проценти над границите на капацитетот.“ А бројот на молби е се’ поголем.

Извоз во Англија

Идејата е толку уверлива што сега се „извезува“ и во други земји. Во тоа придонесоа и заинтерсирани лица од Австрија, Канада, Франција или Шведска, кои го открија Хајат на интернет. Слични понуди во други земји немало. Оние кои бараат помош, се надеваат дека ќе можат да профитираат и од тоа што телефонското советување во Берлин се нуди и на други јазици, значи не само на германски, туку и на турски, арапски, англиски...

Бидејќи Хајат го финансира Сојузната канцеларија за миграција и бегалци- значи се користат пари на германските даночни обврзници- понудата всушност би требало да биде наменета за луѓе во Германија. „Беше јасно- и кога се во прашање ресурсите- дека нема да бидеме во состојба да организираме советувалишта за сите делови од светот“, вели Келер. И така набрзо се роди идеја за меѓународна соработка.

Тоа во Англија наскоро ќе заживее. Сајмон Кронвел од државната организација Лондон Пробејшн Траст ја донесе оваа идеја во британскиот главен град. Заедно со партнер од невладина организација започна англиски Хајат. Британскиот парламент се’ уште треба да одобри финансии, но сите учесници во проектот веруваат дека наскоро ќе се отвори советувалиште во Лондон.

Фотографија: imago

Градење мрежа

Сега е во план и организирање на Хајат советувалишта во Австралија и во Канада. „Би требало да постои поинтензивна размена меѓу овие организации“, вели Даниел Келер. Но и натаму не е сѐ докрај подготвено. „Во Канада и во Холандија ситуацијата е добра“, уверен е тој и најавува дека таму ќе бидат основани советувалишта во наредните месеци. И во Австралија постои голем интерес, но таму само што започнаа разговорите.

Во идеален случај националните филијали би можеле да се поддржуваат меѓусебно. Германските соработници од Хајат ќе ги едуцираат колегите во странство и ќе им помогнат да започнат со програмите. Подоцна соработниците и меѓусебно би можеле да се консултираат за одделни случаи. Меѓународната мрежа за помош при напуштање на радикалната исламистичка сцена би можела да биде противтежа на џихадистичката сцена, бидејќи ни таа не познава државни граници.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми