Сенатот ја изгласа правосудната реформа во Полска
22 јули 2017Текстот на законот помина без какви било промени, јави полската агенција ПАП. Со тоа Сенатот ги игнорира заканите со санкции од страна на Европската Комисија и големиот број предупредувања во земјата и од странство. Во двата дома на парламентот доминира национал-конзервативната партија Право и правда (ПиС). Сега законот треба да го потпише претседателот на земјата Анджеј Дуда, кој ја има поддршката на ПиС.
Реформите би требало да ѝ овозможат на владата да испраќа во пензија судии од Врховниот суд и на нивни места да носи нови луѓе. Нови луѓе треба да дојдат и во Судскиот совет. Критичарите стравуваат дека таков Врховен суд во иднина би можел дури за неважечки да ги прогласува и изборите во иднина.
Против реформата ширум земјата протестираат десетици илјади луѓе. Тие сметаат дека во опасност се независноста на судството и поделбата на власта во земјата. Политичарите на ПиС, пак, објаснуваат дека со реформата правосудството би требало да се направи поефикасно, а треба да му се зголеми и одговорноста. Претседателот на Советот на ЕУ, Доналд Туск, предупреди дека поради реформата на правосудството Полска е соочена со закана да биде турната настрана во Европската Унија.