Сервер: Можни се санкции против македонски политичари
18 април 2016Одлуката на претседателот Иванов да амнестира повеќе од 50 осомничени политичари и нивни соработници за корупција предизвика бура во Македонија. По петдневни протести вчера во земјата владееше благо затишје, но не стивнуваат реакциите ни во меѓународната јавност. Поранешниот американски дипломат Даниел Сервер во неколку наврати беше директен сведок и преговарач во балканските кризи особено во 1990-те години. Од Стејт департментот во меѓувреме се пресели во академски води, па денес е професор на Џон Хопкинс школата во Вашингтон. Сепак, и натаму ги следи балканските превирања, па и поводот за разговорот со него всушност беше реакцијата на Сервер на Твитер по одлуката на Иванов за помилувањата.
„Одлуката на Иванов е збунувачка. Оваа крајно несоодветна амнестија се случува како продолжение на скандалот со прислушкувањето кој откри широко распространети злоупотреби од страна на владата. Време е да се расчисти сето тоа“, вели Сервер во разговорот за ДВ.
За релативно кусо време, од држава која беше посочувана како пример за мултиетничка стабилност и демократски развој, Македонија повторно стана „проблематично дете“ за меѓународната заедница. „Тоа се случува во демократии“, одговара Сервер, особено кога „дел од оние на власт забораваат дека треба да бидат одговорни, правно но и пред електоратот“.
Нема веќе црвен тепих
Дали и какви мерки можат да се очекуваат од ЕУ и САД по острата осуда на потегот на Иванов е прашање на кое ни поранешниот дипломат во моментов нема дефинитивен одговор, но во игра според него се неколку опции.
„Се сомневам дека во Вашингтон или Брисел сега би ги пречекале македонскиот претседател или премиер со црвен тепих“, вели тој.
„Санкции против поединци- забрана за патување, замрзнување имот- се можни, иако не очекувам дека ќе имаат ефект веднаш. Притоа не треба да се заборави дека владејачките партии се уште имаат големо влијание врз јавното мислење (во Македонија, з.н.)“, дополнува тој.
Во дел од јавноста во Македонија е силно изразено чувството дека меѓународната заедница, а особено ЕУ предолго ја толерираше кризата во Македонија и критиките дека државата завлегува во авторитарност. Но, Сервер не се согласува со таквите критики.
„Не мислам дека треба да очекувате од меѓународната заедница повеќе да знае или да има поголем интерес за коруптивните пракси, од граѓаните на Македонија. Демократија е систем на самоуправување, а не наметнување од странство“, вели Сервер.
Демократијата зависи од граѓаните
Трендот на раст на авторитарните тенденции во балканските земји, но и во источна Европа, американскиот професор го споредува со ефектот на нишалка. „Владејачките политичари често ги користат сите средства што им се на располагање за да останат на власт. Во демократии кои не се целосно консолидирани, тие средства вклучуваат и влијание врз медиумите, нелегално прислушкување, и амнестија за корумпирани функционери. На Македонија, како и на другите балкански земји, и‘ е потребно независно судство и здрава изборна конкурентност“.
ЕУ и САД ќе се обидат да помогнат во расчистување на кризата, но клучната улога ја имаат македонските граѓани, вели Сервер.
„САД за себе си ја одредија улогата на поддршка за ЕУ на Балканот. Сигурен сум дека и Брисел и Вашингтон ќе поддржат веродостоен обид да се расчисти со коруптивното однесување и да се застане на патот на авторитарноста на Балканот. И ЕУ и САД сакаат да ја видат Македонија во НАТО и ЕУ. Но од македонските граѓани зависи дали ќе ја натераат владата да го стори она што е потребно за земјата да се квалификува за членство“, вели за ДВ поранешниот американски дипломат и професор чија специјалност е менаџирањето конфликти, Даниел Сервер.