Сериозно нарушена безбедноста во БиХ
28 април 2015Нердин Ибриќ (24) од околината на Зворник упаднал ноќта на 27 април во полициската станица во Зворник и од автоматско оружје го убил полицаецот Драган Ѓуриќ и ранил двајца негови колеги. Министерот за полиција на Република Српска Драган Лукач вели дека се работи за терористички акт и дека подготвеноста на полицијата е подигната на највисоко ниво.
„Од моментот кога влегол во полициската станица, напаѓачот сето време извикувал - Алаху Акбар“, тврди Лукач. Првите информации од истрагата велат дека младиот човек последните месеци се однесувал чудно, но мотивите за нападот засега не се потврдени, иако некои медиуми шпекулираат дека се работи за припадник на вахабитската заедница во БиХ.
Во текот на ноќта се одржа вонредна седница на владата на Република Српска, на која беше осуден нападот, а граѓаните беа повикани да останат мирни.
Нападот во Зворник беше окарактеризиран како терористички напад и од министерот за безбедност на БиХ, Драган Мектиќ. Но тој во јавноста изнесе и вознемирувачки податок- дека разузнавачките служби уште во петокот (24.04) имале информација за можен напад во БиХ и тврди дека за тоа биле известени сите релевантни институции во земјата.
„Подготвен сум да ги мобилизирам сите безбедносни агенции во БиХ и да му се спротивставиме на тероризмот. Или тероризмот ќе не‘ победи нас, или ние ќе го победиме тероризмот. Имавме информации дека се подготвува некој вид терористички напад во БиХ. Таа информација ја споделивме со сите безбедносни агенции во БиХ, па и со МВР на Република Српска, но не знаевме кога и каде ќе се случи. Баравме мерките да се подигнат на повисок степен и на повисоко ниво“, рече Мектиќ.
Од друга страна, претставниците на РС тврдат дека не добиле никаква сериозна информација. „Имав увид во тоа и се работи за начелна информација, бидејќи во неа се говори за можноста во БиХ да се случи некој напад, но тие немаа поим ни каде, ни кој“, изјави претседателот на РС, Милорад Додик.
Црвен картон за безбедносните агенции
Реагираше и високиот претставник во БиХ, Валентин Инцко, оценувајќи дека настанот е „црвен картон за полициските агенции во БиХ поради нивната несоработка“. Тој нагласи дека граѓаните, по нападот, со право треба да бидат загрижени, но се надева дека нема да има дестабилизација на земјата. Инцко потсетува дека е тоа трет терористички напад во БиХ и дека тоа се случува токму поради фактот дека институциите во БиХ не се занимаваат со безбедносното прашање во земјата.
Во нападот со автомобил-бомба врз полициската станица во Бугојно во 2010. загина еден полицаец, а една година подоцна Мевлид Јашаревиќ беше ранет откако вооружен со „калашников“ пукаше врз амбасадата на САД во Сараево.
Веднаш по нападот врз станицата во Бугојно, тогашниот директор на Разузнавачко-безбедносната агенција на БиХ Алмир Џуво изјави дека на БиХ и‘ се заканува опасност од околу три илјади потенцијални терористи. „Од нив само три до четири проценти се странци, останатите се државјани на БиХ. Извонредно добро се опремени, подобро од полицијата на БиХ“, рече тогаш Џуво.
Деканот на Факултетот за криминалистика во Сараево Неџад Кораљиќ смета дека во нападот во Зворник постојат елементи на тероризам и дека истрагата најверојатно ќе се одвива во правец на пронаоѓање на евентуалните помагачи. „Ова е порака дека луѓето кои се најмногу опремени, а тоа е полицијата, не се безбедни. Замислете тогаш ситуација кога граѓанинот ќе почне да размислува за својата безбедносна ситуација, затоа што овде е сериозно нарушено чувството на безбедност, не само во БиХ, туку и во регионот. Се надевам дека по овој трагичен настан ќе сфатиме дека ова е шанса да ги надминеме проблемите во системот на безбедност и да се изврши реорганизација на безбедносниот сектор, подобро да се поврзе, за одредени информации да бидат порано достапни, за да можат да се спречуваат вакви напади во иднина“, вели Кораљиќ.