Сеќавање на жртвите на комунизмот и тоталитаризмот
23 август 2018
Денеска се одбележува Денот на сеќавање на жртвите на сталинизмот и нацизмот, како меѓународно сеќавање на сите жртви на тоталитарните идеологии, особено тоталитарните комунистички режими, нацизмот и фашизмот
Реклама
Европскиот парламент во 2008 го определи 23 август како сеевропски Ден на сеќавање на сите жртви на тоталитарни и авторитарни режими, а ширум Европската унија се одбележува од 2009 година. Една година подоцна и парламентарното собрание на ОБСЕ го поддржа овој ден.
23 август е избран како ден кој се совпаѓа со датумот на потпишување на договорот Молотов-Рибентроп, спогодбата за ненапаѓање меѓу СССР и нацистичка Германија од 1939 година, кој содржеше и протокол за поделба на Романија, Полска, Литванија, Латвија, Естонија и Финска на германски и советски сфери на влијание. Договорот беше опишан од претседателот на Европскиот парламент Јержи Бузек во 2010 година како „заговор на двете најлоши форми на тоталитаризам во историјата на човештвото“.
Во САД и во Канада овој датум исто така се одбележува под името Ден на црната лента.
Повеќе за спомениците ширум светот кои му се посветени на овој ден или на жртвите на тоталитарните режими погледнете во нашата фотогалерија:
Светот им оддава почит на жртвите на комунизмот
До падот на Берлинскиот Ѕид околу една третина од светското население живееше во комунистички земји. Колапсот на источниот блок го следеше процес на рехабилитација во кој Германија имаше посебна улога
Фотографија: Bundesstiftung zur Aufarbeitung der SED-Diktatur
Чешка: Меморијал на жртвите
Седум бронзени скулптури се поставени на бели скалници под прашкиот рид Петрин. Отворен во 2002 година, меморијалот е дело на скулпторот и поранешен политички затвореник, Олбрам Зулбек. Како што се наведува на постаментот, споменикот не им е посветен само на оние „затворени или егзекутирани, туку и на оние чиј живот беше уништен од тоталитарен деспотизам“.
Фотографија: Bundesstiftung zur Aufarbeitung der SED-Diktatur
Германија: Меморијалот Хоеншонхаузен
Повеќе од 11,000 луѓе беа затворени меѓу 1951 и 1989 во затворот на тајната полиција на поранешна ГДР, Штази. Претходно зградата била користена од советските окупациски сили како специјален камп за противниците на режимот. Оттаму, затворениците биле префрлани во поранешниот нацистички концентрационен логор Заксенхаузен.
Фотографија: picture alliance/dpa/P. Zinken
Романија: Сеќавање на отпорот
Од 2016, овој 20-метарски споменик изработен од скулпторот Михаи Букулеи стои на пиедесталот каде некогаш се наоѓала статуата на Ленин во Букурешт. Сместен е пред една од најважните згради во сталинистичката ера, плоштадот Слободен печат. Иницијативата е идеја на Здружението на поранешни политички затвореници.
Фотографија: Florian Kindermann
Албанија: „Куќа на листовите“
Во Тирана, првиот меморијал по падот на сталинистичкиот режим беше отворен во 2017 година. За време на нацистичката окупација, зградата била користена како затвор. По доаѓањето на власт на комунистите во 1945 година, тука биле затворани и измачувани луѓе. Подоцна зградата ја користела тајната полиција.
Фотографија: Bundesstiftung zur Aufarbeitung der SED-Diktatur
Казахстан: Жртви на гладот
Околу 1.5 милиони Казаци беа жртви на големиот глад во 1932/33 година, предизвикан од злоупотреби и принудна колективизација. Скулптурниот ансамбл во Астана им е посветен на жртвите. Беше отворен на 31 мај 2012, националниот ден на сеќавање на жртвите на политичката репресија.
Фотографија: Dr. Jens Schöne
Латвија: Меморијалот на слободата
„Милда“ е прекарот на овој 19-метарски обелиск на фигура на жена во Рига. Изграден е уште во 1930 година, пред советската окупација во 1940. Споменикот е централен потсетник за Летонците за нивната борба за слобода и само-определување. Во изминатите децении често служеше како почетна точка за протести и отпор.
Фотографија: Bundesstiftung zur Aufarbeitung der SED-Diktatur
Камбоџа: Жртвите на Кмер Руж
Околу 2,2, милиони Камбоџанци беа убиени за време на режимот на терор на Кмер Руж. Тоа е околу половина од целото население. По инвазијата на комунистичките трупи од Виетнам, човечките остатоци и скелети беа јавно откривани за да се документираат злосторствата. Дури и денес, многу масовни гробници и натаму се откриваат.
Фотографија: Bundesstiftung zur Aufarbeitung der SED-Diktatur
САД: Божица на демократијата
Оваа статуа во Вашингтон отворена во 2007, е реплика на „Божицата на демократијата“ изградена од кинеските студенти во 1989 година за време на крвавите протести на плоштадот Тјенанмен во Пекинг. Локални политичари соработуваа со европски борци за слобода како Вацлав Хавел и Лех Валенса за подигнување на овој споменик во САД.