1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сеќавање на Тито и социјализмот

25 мај 2011

Повеќе од 20 години по падот на социјализмот се‘ уште живеат сеќавањата на тоа време. Мотивите не се секогаш политички, туку симболите на минатото често се продаваат како сувенири.

На 25 мај секоја година се одбележува роденденот на Јосип Броз Тито во КумровецФотографија: picture alliance/dpa

Иста слика како секоја година. На 25 мај, денот кога некогаш се славеше роденденот на поранешниот југословенски претседател Јосип Броз Тито, во неговото родно место Кумровец се собираат голем број луѓе од сите делови на поранешна Југославија. Тие пеат стари партизански песни, мавтаат со знаменца од поранешната држава и во малиот ресторан пијат вино од лозјето на Броз. Таму повторно се продаваат значки, шолји за кафе и маици со ликот на Тито. Тито е присутен и денес, вели загребскиот историчар Твртко Јаковина:

„Како и порано, кога беше жив, Тито е и денес ’бренд’. Весниците се продаваат кога на насловната страна е приказна каде тој ја има главната улога. Се‘ што е поврзано со него буди голем интерес - и тоа насекаде.“

Во социјалистичките држави отсекогаш се негувал култот на одредена личност. Така на пример, телото на починатиот лидер на Октомвриската револуција Владимир Илич Ленин е мумифицирано и изложено во мавзолејот на Црвениот плоштад. Неговиот наследник Сталин, пак, отиде и чекор понатаму. Ликот на „големиот водач“ долго време бил обожаван како икона.

Минатото не е целосно потиснато

Сеќавањата на социјалистичките времиња се‘ уште живеатФотографија: AP

Денес, 20 години по падот на Берлинскиот ѕид и пропаѓањето на социјализмот во Источна Европа, сеќавањата на тие времиња и натаму живеат, и тоа не само на територијата на поранешна Југославија. И покрај тоа што Бугарија беше единствена членка од Источниот блок која немаше музеј на социјализмот, социјалистичкиот начин на живеење таму се‘ уште е актуелен, вели писателот Георги Господинов:

„Најпрво забележав дека во Бугарија и натаму се произведуваа и се продаваа производи типични за социјализмот. Индустријата прва го забележа присуството на носталгијата. Како второ, луѓето, особено во внатрешноста, продолжија да живеат како во социјализмот, секако поради сиромаштијата. И како трето, речиси воопшто не се зборува за малите трауми од социјализмот, за понижувањата како што се редиците луѓе кои чекаат да купат тоалетна хартија или 15-годишното чекање на автомобил. Мислам дека луѓето треба да се потсетат на тоа.“

Во Полска и порано имаше силно антикомунистичко расположение, а денес се прави критички осврт на социјалистичкото минато и се истражуваат тогашните репресии и кршењето на човековите права. Но, како што вели полскиот новинар и публицист Јануш Рајтер, минатото не е целосно потиснато:

„Минатото се открива како нешто смешно. Токму апсурдите од животот во комунизмот, на некој начин се забавни, но тоа повеќе не се политизира. Верувам дека тоа е така, поради тоа што општеството го прифатило новиот систем.“

Употреба на симболите од комунизмот

Јахтата ’Галеб’ што ја користел Тито

Апсурдноста е особено видлива во употребата на симболите на социјалистичкото минато во контекст на сегашноста. Тие се изменети и така повторно се интересни, без разлика дали станува збор за некоја актуелна диско-музика, во која старите партизански песни се комбинираат со хип-хоп или, пак, реклама за прашак за перење алишта, во која се имитираат тогашните графички решенија. Или, како во Хрватска, се создава посебен облик на јавно-приватно партнерство, вели историчарот Твртко Јаковина:

„На поранешниот брод на Тито ’Галеб’, наскоро ќе биде отворена изложба на дела на уметници од Источна Европа кои некогаш биле забранети. Една од целите е бродот, кој е симбол на една епоха, да се сочува од пропаѓање, оти сега е во лоша состојба. Исто така во план е да се издава на богати туристи, а во останатиот дел од годината да биде музеј во пристаништето во Ријека.“

Автор: Зоран Арбутина / Јасна Мушиќ Јанчулева

Редактор: Горан Чутаноски

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми