1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Се вклучи семафорот на кружниот тек на Груевски

Борис Георгиевски9 мај 2015

Македонскиот премиер и министрите и функционери надлежни за безбедноста досега требаше да излезат пред граѓаните и да одговорат на бројните прашања кои се наметнуваат по кризата во Куманово и смртта на цивили и полицајци

Mazedonischer Premierminister Nikola Gruevski
Фотографија: picture-alliance/dpa/N: Batev

Оставате ме да си ја вршам работата, и порача деновиве македонскиот премиер Никола Груевски на една хрватска новинарка која, несвесна за праксата на водечките државни функционери во Македонија да не одговараат на ненарачани прашања, се затрча да добие мислење од него за состојбата во државата со која тој раководи. Тешко им е веројатно на странските новинари, кои изминатите недели доаѓаат во Македонија за да ги проследат масовните протести и да информираат за политичката криза во земјата, да сфатат зошто на македонскиот премиер му е поважен кружниот тек во Влае од длабоката политичка криза во која се наоѓа неговата земја?
Можеби не знаат или не сакаат да веруваат дека Македонија веќе со години е во кружниот тек на Груевски. Се врти во кругот на корупцијата, непотизмот, партизираноста, злоупотребите, криминалот... На околните сообраќајници за влез во колоната мирно чекаат наредени: ред меѓуетничка нетрпеливост, доза контролирани конфликти, запршка од хистеричен национализам, колона контра-демонстранти... Во зависност од тоа што ќе им затреба на Груевски и на тесниот круг околу него.
Но, токму реакциите на граѓаните за време на инцидентот во Куманово, но и претходно за време на мирните граѓански протести против полициската бруталност, покажуваат дека тие го вклучуваат црвеното светло на семафорот на кружниот тек на Груевски.
Македонскиот премиер и неговите министри и функционери надлежни за безбедноста сега треба да излезат пред граѓаните и да одговорат на бројните прашања кои се наметнуваат по кризата во Куманово и смртта на цивили и полицајци.
На партискиот Конгрес на неговата ВМРО-ДПМНЕ, кој патем првично требаше да се одржи токму на 9 мај во Куманово, но од „безбедносни и оперативни цели“ беше презакажан за една недела порано, Груевски пред своите сопартијци тврдеше дека „институциите се подготвени да пресретнат“ сценарија кои би го загрозиле мирот во земјата.
Како тогаш се случи десетици вооружени лица најпрво да ја нападнат караулата Гошинце, а неполни две недели подоцна и да влезат во крвав судир со македонската полиција? Што прават македонските безбедносни служби додека вооружени паравоени формации слободно се шетаат низ држава, сеедно дали во два или повеќе автомобила? Се користи ли воопшто скапо платената опрема од Израел за пресретнување на безбедносните закани?

Од саботното утро во 4 часот, кога според извештаите започнала пресметката во Куманово, до моментот кога се пишува овој текст, полни 17 часа никаде ги нема најповиканите- македонскиот премиер, неговиот коалициски партнер Ахмети, министерката за внатрешни работи Јанкулоска да и соопштат на јавноста, на нивните сограѓани, што се случува во нивната држава. Кој, како и зошто ја нападна македонската држава, нејзините органи на редот, институциите? Каде се да им објаснат на семејствата на загинатите и повредени припадници на МВР, зошто нивните најблиски ги загубија и ги ризикуваа своите животи? Во некои други држави таквиот повик секако би бил упатен и до шефот на државата, таткото на нацијата, но тој одамна се откажа од таа улога.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми