1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Се’ е исто, само „него“ го нема

18 август 2020

Според партиски извори, владата нема да биде предводена од премиер Албанец со полн или ротирачки мандат. Ако се следат ветувањата, новата влада би требало да има седум министри помалку.

Nord-Mazedonien | Gebäude der Regierung in Skopje
Фотографија: DW/P. Stojanovski

„Владата е договорена". Ова се накусо идентичните потврди што доаѓаат и од редовите на СДСМ, и од ДУИ, а по неколкудневните разговори за состав на новата влада. Од СДСМ вчера преку соопштение посочија дека во разговорите со ДУИ кои се водат на ниво на генерални секретари бил постигнат сериозен напредок во однос на речиси сите прашања кои водат до договор за Влада, и се очекува тој процес да финишира денеска.

„Со оглед на итноста и потребата од брзо ставање во целосна функција на клучните институции во државата заради справувањето со здравствените и економските предизвици поврзани со Ковид-19, во текот на утрешниот ден ќе се одржи лидерска средба меѓу претседателите Зоран Заев и Али Ахмети, на која се очекува конечен договор за нова, стабилна, посветена Влада со мандат од четири години. Имајќи ги предвид очекувањата за брз конечен договор, во текот на следните денови се надеваме дека ќе продолжи конститутивната седница за избор на претседател на Собранието“, соопшти партијата.

Заев: Ќе градиме уште поотчетна и потранспарентна влада Фотографија: DW/P. Stojanovsk

Доколку денеска бидат завршени разговорите Заев-Ахмети со допрецизирање и потврдување на коалицискиот договор, неофицијално, се очекува изборот на претседател на Собранието да се реализира утре (среда), а изборот на новата Влада во почетокот на следната недела. Според партиски извори, извесно е дека Талат Џафери би имал нов претседателски мандат во Собранието, и дека владата нема да биде предводена од премиер Албанец со полн четиригодишен или ротирачки мандат. Според неофицијални информации, кадри на ДУИ ќе раководат со три од ресорите како и во претходниот мандат, а ќе се подноват со речиси исто толкав број „значајни ресори“, од кои во два ќе раководат првпат. За објавата на некои медиуми дека кадар на ДУИ ќе раководи со ресорот МВР, тврдат дека е шпекулација.

Седум министри помалку?

Ако се следат дадените ветувања, новата влада би требало да има седум министри помалку, како што на Фејсбук објави лидерот на СДСМ, Зоран Заев, за време на изборната кампања.

„Ги укинуваме кабинетите на сите 7 министри без ресор во новата, уште подобра Влада, предводена од СДСМ и коалицијата ’Можеме‘. Ќе градиме уште поотчетна и потранспарентна Влада, која ќе работи за народот, за унапредување на правата на сите граѓани“, најави Заев.

За истото говореше и на почетокот од преговорите за новата влада.

„Идните чинители во новата Влада ќе треба да се подготвени и за сериозна реформа на јавната администрација – зборуваме за промена која ќе донесе ефикасно служење на потребите на граѓаните, но и промена со која обемот на администрацијата ќе се намали за 20%. Зборуваме и за помал број министри и за рационализација на јавните служби, но за поголем број и побрзи услуги за граѓаните", рече Заев.

Владата сега има 16 министерства и 23 министри, од кои 7 се без ресор, но имаат посебни задолженија: тројца беа задолжени за странски инвестиции, еден за комуникации, отчетност и транспарентност, еден за дијаспора, еден за имплементација на Стратегијата за подобрување на состојбата на Ромите, и седмиот за регулативата за подобрување на инвестициската клима за домашните претпријатија.

Веќе следната недела ќе се види дали ветувањето за укинување на министерските позиции без ресор ќе биде исполнето. Во 2015 година социјалдемократите критикуваа дека Македонија е убедлив негативен рекордер со 26 министри на два милиона население, што значи дека на 81.000 граѓани има по еден министер. Ветија дека идната влада на СДСМ нема да има повеќе од 20 министри, со тенденција тој број да се намалува. Сепак, претходниот мандат го почнаа со премиер и 25 министри, а го завршуваат со 23 министри. 

Ако се следат дадените ветувања, новата влада би требало да има седум министри помалкуФотографија: DW/P. Stojanovski

Ветувањето на тапет

Што се однесува до состојбите во албанскиот блок, очекувано е опонентите на ДУИ и натаму да го поставуваат прашањето за реализација на ветувањето за прв премиер Албанец. Од коалицијата Алијанса/Алтернатива повеќепати изјавија дека ДУИ победила врз основа на тоа ветување, и ако не го реализира - треба да оди во опозиција, затоа што ги измамила гласачите. Партијата на Ахмети со последните реакции веќе навести како ќе одговара на тие критики: ги повика да поднесат оставка заради нивниот пораз.

„Изгубивте на парламентарните избори 2016 година, потоа изгубивте на локалните избори од 2017 година, изгубивте и на референдумот затоа што бевте единствени Албанци кои го бојкотиравте референдумот за НАТО и ЕУ, изгубивте на претседателските избори во 2019 година, но и на локалните избори во Дебар во 2019 година, за конечно да изгубите на парламентарните избори оваа година, додека исто бевте поразени на сите избори кога бевте дел од другите партии од 2002 година. Кога ќе ја ослободите узурпираната опозициска сцена исполнета со рекордни загуби? Јавно ветивте дека ќе поднесете оставка за вашиот пораз, бидете достоинствени, оддржите го својот збор и покажете демократски капацитет и не потценувајте ги Албанците. Наместо да го напуштите недостоинственото стоење зад вратата и по ходниците на СДСМ и ВМРО со молби до нив албанските барања да не се реализираат, вие одлучите да ја напуштите Заедничката средба на албанските парламентарни партии. Албанскиот народ никогаш нема да ви прости за ова понижување и ова недостоинствено однесување на албанската опозиција“, се вели во реакцијата на ДУИ.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми