1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Се заканува ли војна меѓу Саудиска Арабија и Иран?

Петер Хиле
9 ноември 2017

Заострена реторика, интригантски потези, ракети: дали се заканува отворена војна меѓу регионалните сили Саудиска Арабија и Иран? Не, се надева експертот Себастијан Сонс. Војната би го втурнала целиот регион во хаос.

Yemen Raketenangriff auf den Flughafen Riad
За ракетниот напад врз аеродромот во Ријад, Саудиска Арабија го обвини ИранФотографија: Reuters/Houthi Military Media Unit

Дојче веле: Саудискиот престолонаследник Бин Салман го обвини Техеран за ракетниот напад врз Ријад од пред неколку дена, нарекувајќи го „објава на војна“. Дали се ова први искричења пред евентуална војна на ривалските регионални сили?

Себастијан Сонс: Дури и повеќе од искричења. Од 2011. година, а посебно по нуклеарниот договор со Техеран од 2015. година, спорот меѓу Саудиска Арабија и Иран е значително интензивиран. Тоа е очигледно во Јемен, во Сирија, во Бахреин, сега и во Либан. Сепак, отвореното зборување за објава на војна претставува нова димензија. Тоа претпоставува давање соодветен одговор со воени средства, што е прилично вознемирувачки, ако се им предвид дека може да дојде до директни воени дејства.

Колку сме далеку од вистинска војна меѓу двете регионални сили?

Спиралата на ескалација, секако, се врти многу брзо и достигна нова точка на вжештување. Без оглед на тоа, полн сум со надеж дека нема да дојде до директен воен судир помеѓу Иран и Саудиска Арабија. Фактички, ниедна од двете земји нема вистински интерес од таква војна. Посебно е малку веројатно дека Саудиска Арабија, и покрај тоа што е исклучително вооружена, би била во состојба да извојува победа во евентуална војна. Оттаму, уште верувам дека сето ќе остане на ниво на реторичка војна и нема да се пренесе на реално боиште.

Што ако сепак спорот се пренесе на вистински фронт? Ќе биде ли целиот регион зафатен од пожар?

Регионот веќе сега тлее и гори на сите страни. Директна воена конфронтација меѓу Иран и Саудиска Арабија целиот Блиски Исток би го втурнала во целосен хаос. Од тоа никој нема интерес, ниту во регионот ниту надвор од него. Оттаму, претпоставувам дека ескалацијата ќе продолжи да се одвива во истата форма како и досега, со ангажирање на свои сојузници, како на пример Хезболах, кој е ирански сојузник во Либан.

Саудиска Арабија и Иран водат индиректна војна во ЈеменФотографија: Getty Images/AFP/S. Al-Obeidi

Во борбата за постигнување влијание во Либан, кралското семејство од Ријад тукушто изврши прераспоредување на шаховските фигури: либанскиот премиер Харири поднесе оставка за време на посета на Ријад. Дали  е во прашање интерес на Саудиска Арабија?

Тешко е да се одговори на тоа прашање. Досега постоеше некој вид договор со Иранците - Либан да биде оставен на мир. Хезболах беше дел од тамошната влада. Со оставката на Харири, настанува поместување во просаудискиот табор. Едно од толкувањата би било дека Саудијците бараат конфронтација со Хезболах. Се шират гласини според кои Саудијците се надеваат дека Израел ќе интервенира воено против Хезболах, за да се елиминира еден од иранските сојузници. Можам само да се надевам дека Саудијците немаат таква стратегија. Во спротивно, со сигурност ќе дојде до натамошни воени судири што ќе води кон дополнителна нестабилност во регионот.

И палестинскиот претседател Абас замина во изненадувачка посета на Ријад.

Според моја претпоставка, и за ова патување извесна улога игра Либан. Но, сакам да се воздржам од шпекулации, зашто работите се прилично исплеткани. Не можам да кажам ништо поконкретно во поглед на саудиските планови и намерите кои ги имаат со Палестинците.

Себастијан СонсФотографија: DGAP

Случајност ли е сегашната серија настани? Покрај сите надворешнополитички заплети, саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман нареди апсење и на половина од државното раководство во земјата.

И тука се можни само шпекулации. Бранот апсења во Ријад е само продолжение на политиката која принцот Бин Салман ја започна изминатите месеци. Развластувањето на фактичкиот престолонаследник Мохамед бин Наиф во јуни беше почетниот сигнал. Апсењето влијателни клерици беше следниот чекор, а сега следува удар против политичари, членови на неговото семејство и против деловни луѓе. Станува збор за желба за консолидирање на сопствената власт. Принцот Бин Салман сака да се обезбеди, да не мора да стравува од никого во и надвор од кралското семејство кога, порано или подоцна, ќе застане на престолот. Зад тоа се крие долгорочно планирање.

Се одважи ли принцот на ваква офанзива поради тоа што американскиот претседател Трамп му даде безрезервна поддршка и силно му контрира на Иран?

Самите Саудијци тоа постојано го демантираат. Но, јас мислам дека токму тука е заднината. Избирајќи го Ријад за својата прва посета во странство, Доналд Трамп даде јасен сигнал: целосно ја поддржува Саудиска Арабија. Слободно кажано, тој им даде бланко-чек на Саудијците, слобода да прават што сакаат. Притоа, тој го прифати ризикот некои од нивните потези да не се поклопуваат со интересите на САД, на пример  блокадата на Катар.  Но, она што сега се случува, е со амин од Доналд Трамп. За Мохамед бин Салман тоа е знак да може да тргне во офанзива.

Себастијан Сонс е експерт за Блиски Исток и ги истражува политичките и општествени движења во Саудиска Арабија во рамките на Германското друштво за надворешна политика. 

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми