1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Остар судир меѓу Берлин и Вашингтон

БГ
30 мај 2017

Остар судир на високо ниво на релација Берлин-Вашингтон по неуспешниот самит на Г7. Водечките германски политичари го критикуваат американскиот претседател Трамп дека ја оддалечил својата земја од идеалите на Западот.

G7 Gipfel Angela Merkel und Donald Trump
Фотографија: Getty Images/M.Medina

Крај на трансатлантските односи какви што постоеја од завршувањето на Втората светска војна наваму или само нивно преиспитување? Самитот на Г7 ги спротивстави САД и Германија како никогаш досега. Првата бура ја предизвика германската канцеларка Ангела Меркел со изјавата дека САД и Велика Британија веќе не можат да се сметаат за доверливи партнери на ЕУ.

Најновите недоразбирања извираат од одбивањето на американскиот претседател Доналд Трамп да го поддржи договорот за климатските промени, но корените се влечат уште во периодот по неговиот избор, а разминувањето е евидентно на речиси сите полиња.
Шефот на германската дипломатија Зигмар Габриел тоа го сублимира како де факто оддалечување на САД од идеалите на западниот свет и менување на односот на силите:

„Не се работеше само за еден неуспешен самит на Г7, туку за жал и за сигнал за менување на односот на силите во светот. Моето длабоко убедување е дека ние Европејците мораме да станеме посилни и да сториме сѐ, еден ден да ги вратиме САД во идеалите на Западот".

Трамп утрово преку Твитер, експресно возврати на критиките од Германија. „Имаме огромен трговски дефицит со Германија, а тие плаќаат помалку од она што треба за НАТО и армијата. Многу лошо за САД. Ова ќе се промени“, најави американскиот претседател. 

Во германските медиуми, првичниот шок од острите зборови на релација Берлин-Вашингтон во меѓувреме е заменет со малку потрезвени анализи, кои упатуваат и на тоа дека германските политичари го користат судирот со Трамп и во домашната кампања во пресрет на парламентарните избори во септември.

Социјалдемократите одамна играат на таа карта, а сега и Меркел полека сфаќа дека критиките на сметка на САД имаат добар одзив кај гласачите.

Дилемата дали Германија им го врти грбот на САД или се работи за уште една, минлива, криза во односите, аналитичарите ја расчистуваат со ставот дека Меркел никогаш не донела избрзана одлука, посебно не за толку важно прашање.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми