1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Се заострува судирот помеѓу Берлин и Москва поради Навални

Јенс Јенсен
7 септември 2020

Германската канцеларка Ангела Меркел не сакаше да го поврзува нападот со отров врз Навални со гасоводот Северен тек 2. Но, сега ветрот се врти.

Deutschland Berlin Pressekonferenz | Annegret Kramp-Karrenbauer und Heiko Maas
Министрите за одбрана и за надворешни работи, Анегрет Крамп-Каренбауер и Хајко МасФотографија: Getty Images/S. Loos

По нападот врз рускиот опозиционер Алексеј Навални, се заострува судирот помеѓу Берлин и Москва. Германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас ги отрфли обвинувањата од Русија дека Германија ја одолговлекува истрагата. Мас за телевизијата АРД рече дека германската влада „одамна се согласи“ со барањето на руското обвинителство за правна помош и дека тоа му е соопштено на рускиот амбасадор во Берлин уште пред една недела.

Шефот на германската дипломатија смета дека Русија би морала од своја страна на Германија да ѝ ги предаде сопствените резултати од истрагата по дводневниот престој и лекување на Навални во болницата во сибирскиот град Омск. „Многу траги“ од случајот досега се наоѓаат само во Русија, вели Мас, додавајќи дека доколку Москва не придонесе за разјаснување на случајот, тоа ќе биде индиција „дека има што да се сокрие“.

Повеќе:

НАТО бара меѓународна реакција на труењето на Навални

Трамп уште нема докази за труењето на Навални

Портпаролката на руското Минитсерство за надворешни работи, Марија Захарова, претходно на Фејсбук напиша: „Берлин ја одлговлекува истрагата на која самиот повикува. Со намера?“. Според Захарова, Берлин не реагирал на барањето за правна помош упатено од руското обвинителство. „Досега не сме сигурни дали Германија можеби не игра двојна игра“, напиша таа.

Навални е на лекување во германската болница Шарите од 22 август годинава. Два дена претходно тој колабираше во текот на лет за Москва и беше префрлен во болница во Омск. Германската влада минатата недела соопшти дека Навални „без сомневање“ бил отруен со нервен отров од т.н. група Новичок. Смртоносната хемикалија е развиена од страна на руски научници во 1970-те. Москва отфрла каква и да било вина за здравствената состојба на познатиот критичар на Кремљ.

Навални е на лекување во болницата Шарите во Берлин под строги безбедносни меркиФотографија: Getty Images/S. Gallup

„Ниту едно економско прашање не може да е поважно“

Дебатата во Германија околу можни санкции против Русија поради случајот Навални се фокусира сѐ повеќе на гасоводот Северен тек 2. „Не постои економски прашање кое на крајот може да е поважно од надворешно- и безбедносно-политичките интереси на Германија и Европа“, изјави германскиот министер за здравство Јенс Шпан за весникот „Билд“. Според него, пред сѐ „во рацете на Русија“ е „дали и како може да се продолжи со Северен тек 2“.

Слична изјава даде и министерката за одбрана Анегрет Крамп-Каренбауер. За неа гасоводот не е „проект на срцето“, а продолжението ќе зависи од однесувањето на руската страна, изјави Крамп-Каренбауер за агенцијата Ројтерс. Министерката за одбрана минатата недела предупреди од опасноста од носење избрзани одлуки во врска со проектот.

Поостар курс зазема и шефот на дипломатијата Хајко Мас. „Се надевам дека Русите нема да нѐ принудат да го промениме ставот кон Северен тек 2“, рече Мас за весникот „Билд ам Зонтаг“. Истовремено, тој нагласи дека запирањето на речиси изградениот гасовод ќе ѝ нанесе штети и на домашната економија. „На проектот работат повеќе од 100 компании од 12 европски земји, од кои половината од Германија“, наведе Мас.

Шефицата на пратеничката група на Зелените во Бундестагот, Катрин Геринг-Екарт бара брзо ставање крај на Северен тек 2. Владата сега мора „да покаже пат“ за напуштање на проектот, оцени Геринг-Екарт за весникот „Тагесшпигел“.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми