1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Се зголемува стравот на Германците од војна

Ралф Бозен
22 март 2022

Војната се врати во Европа, а со неа се врати и стравот. Што им прави на Германците руската инвазија на Украина и како некои веќе се подготвуваат за вонредна состојба?

Deutschlandweite Proteste gegen den Krieg in der Ukraine
Протести против војната во Украина во Бон (19.03.2022)Фотографија: Marc John/IMAGO

Лошите вести се трупаат: климатски промени, пандемија на коронавирус и сега, згора не сѐ, руски напад на Украина. Во Германија се шири кризно расположение. Очигледен показател за една делумно несигурна нација: празни полици во супермаркетите, ограничени количества за продажба на тестенини и квасец. Поради војната, луѓето повторно трупаат залихи. Како на почетокот на пандемијата на корона. Наместо тоалетна хартија, овојпат особено се бара сончогледово масло.

Загриженост од недостиг на основни прехранбени намирници

Во наредните недели и месеци треба да се смета со „ограничувања на доставувањето на сончогледово масло, лен и соја од конфликтните региони“, предупреди Сојузот на компаниите од индустријата за масло - ОВИД. Украина и Русија се меѓу најважните извозници на сончогледово масло во светот. Германија покрива 94 отсто од своите потреби со увоз. Поради загриженост дека наскоро ќе има недостиг од друга основна храна, се трупаат и залихи од брашно и тестенини. И покрај тоа што прехранбената индустрија нагласува дека во тој дел не би требало да има проблем.

Сончогледово масло нема „ни за лек“Фотографија: MiS/IMAGO

Според актуелното истражување на институтот Форса, 69 отсто од испитаниците стравуваат дека НАТО, а со тоа и Бундесверот, би можеле да бидат вовлечени во војната. Според последното истражување на јавното мислење Дојчландтренд, многу испитаници се убедени дека конфликтот ќе остави свои траги во Германија. 64 отсто очекуваат влошување на економската состојба. Досега повеќето Германци реагираат смирено. Сепак, војната, која може да се следи речиси во живо на социјалните мрежи и која е географски поблиска од кој било воен конфликт во последните децении, емотивно бранува сѐ повеќе Германци.

Место за разговор за стравовите

Тие често бараат помош од телефонското советувалиште. „Јавувањата станаа многу интензивни“, вели за ДВ Кристина Зајачковски од Телефонското советувалиште во Келн. Секој петти повик е поврзан со војната. Луѓето се плашат дека таа ќе стигне во Германија. „Дека би биле убиени членови на семејството или пријатели, дека би бил бомбардиран сопствениот дом, дека може да се случат многу лоши работи, како што се гледа во медиумите“, вели Зајачковски и додава дека на оние што се јавуваат им помага „да зборуваат за своите стравови или само гласно да ги изговорат своите најлоши фантазии“.

Често се бараат совети од телефонските советувалиштаФотографија: Patrick Pleul/dpa-Zentralbild/dpa/picture alliance

Се јавуваат и млади луѓе, израснати во една мирна Европа, кои се плашат за иднината. Но, се јавуваат и припадници на генерацијата од Втората светска војна, кај кои сликите на уништувањата во Украина го будат длабоко закопаниот страв.

Оваа генерација „потисна сѐ во време на мир, а сега сѐ повторно излегува на површина“, објаснува Томас де Вахрои, ополномоштеник за сиромашни во евангелистичката црковна заедница во Нојкелн во Берлин. Тој раководи со Хаус Бриц, установа за живот без бариери, каде се сместени голем број стари лица. „Тие имаат ужасен страв дека црвената линија можеби некогаш ќе биде пречекорена, дека НАТО ќе се вмеша, по што ќе биде лошо. Мора искрено да ви кажам дека во меѓувреме и јас така гледам на работите, вели Де Вахрои за ДВ.

„Што се случува во светов?“

Но, постарите станари на Хаус Бриц не се загрижени за себе, туку за своите деца и внуци, пренесува Де Вахрои. Со оглед на нивните искуства од повоениот период помеѓу 1945 и 1955 година, тие велат: „Моите внуци не можат да го преживеат она што ние го преживеавме по војната. Да се преживее гладот, да се бара храна по полињата, да се нема облека“. Тоа многу ги загрижува постарите луѓе. „Седат и си мислат: Боже мој, што се случува во овој свет?“

Мариупол не се предава

02:27

This browser does not support the video element.

Реакции кои германскиот претседател на Светското лекарско здружение, Франк Улрих Монтгомери, ги сфаќа многу сериозно. Тој повика на справување со стравот од војна кај населението. „Важно е луѓето кои се плашат од војна да бидат сфатени сериозно и да не ги минимизираат своите чувства“, изјави тој за весниците на медиумската група „Функе“. Стравот од нуклеарна војна не е сосема нереален страв. Затоа, ништо не помага да се настапува „само со рационални контрааргументи“.

„Преперите“ сметаат со најлошото

Рационалните аргументи сигурно нема да ги уверат оние кои со години детално се подготвуваат за случај на криза или катастрофа - таканаречените препери (лица кои со индивидуални мерки се подготвуваат за различни видови катастрофи, н.з.). Тие поаѓаат од најлошото, особено сега. На интернет презентираат ранци полни со работи за преживување, јод-таблети против радиоактивност во случај на нуклеарен напад, или пак агрегати за струја, даваат „препинг-совети за почетници“.

Страдањата на Киев

01:27

This browser does not support the video element.

На Јутјуб, корисник со псевдоним „Prepper Norddeutschland“, објавува видео: „Руско-украинска војна - што да се прави?“. Во врска со борбите околу украинските нуклеарни реактори, корисникот „BugOutSurvival NRS“ има прилог со наслов: „Катастрофа Украина? Може ли да се преживее озрачувањето?“. А, „stromausfall-info“ прашува: „Предоцна за кризна превенција? Сега навистина има малку време“. 

Од соба за паника до атомски бункер

Стравот, меѓутоа, е и добар бизнис. Безбедносната индустрија е во подем како што одамна не била. Во компанијата за заштитни бункери „Bunker Schutzraum Systeme Deutschland BSSD“, со седиште во Берлин, има поплава од побарувања. „Претходно, дневниот број на кликови на нашата веб-страница беше меѓу 100 и 300. Со почетокот на војната, тие вртоглаво се искачија на над 10.000“, вели за ДВ менаџерот за комуникации на БССД, Марк Шмихен. Се бараат од мали челични соби, таканаречени Pop Up-Panik-соби, преку подруми или гаражи претворени во засолништа, до бункери отпорни на атомски бомби.

Побарувачката по бункери и соби за заштита е зголеменаФотографија: BSSD

Компанијата за обезбедување имала дежурна линија со шест телефони две недели, од 8 до 22 часот. „Имавме по десет повици на час на еден телефон“, раскажува Шмихен. Многу од оние што се јавуваат сакале да знаат и што да прават во итен случај. „На пример, имавме една млада дама која рече: 'Не знам ни со кого да контактирам. Се јавив во полиција, тие не можеа да ми дадат никакви совети. Дали сум кај вас на вистинската адреса?'“

Службата за сајбер-заштита стравува од ИТ-напади

Кошмар за многу Германци би бил колапсот на снабдувањето со струја и вода - поради евентуален сајбер-напад од Путиновите хакери врз критичната инфраструктура. Сојузната министерка за внатрешни работи Ненси Фезер апелираше заканата да се сфати сериозно. Невообичаено вознемирена е и Службата за информациска безбедност БСИ.

Со предупредувањето за софтверот за заштита од вируси од рускиот производител Касперски, службата за сајбер-заштита предизвика тревога: дејствијата на руската војска и/или разузнавачките сили, како што се вели, се „поврзани со значителен ризик од успешен ИТ- напад“.

Службата за цивилна заштита и помош при катастрофи ББК исто така смета дека прекини на струја поради хакерски напад се „во принцип можни“. Пред само две години службата беше исмеана затоа што повика на создавање итни резерви за случај на нужда за период од десет дена. Сега ББК, која е под капата на Министерството за внатрешни работи, би требало да се чувствува рехабилитирана. Таа е буквално преплавена со прашања и на својата интернет страница направи посебен дел за војната во Украина.

Цивилната заштита се подготвува интензивно

Сегашната закана многумина би ја сметале за неверојатна, „но не и Бундесверот, ниту ние - поради задачата која ја имаме“, велат од ББК. Оттука, не се менува ништо во сценаријата, „туку повеќе во интензитетот на подготовките“. Службата за заштита од катастрофи, која е очигледно под голем притисок, писмено одговори на прашањата на ДВ. Во имејл од нејзината прес-служба се вели: „Интервју „за жал не е можно“ поради проблемите со термини во актуелната ситуација.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми