1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Се крчка ли нова легализација на објекти во Охрид?

ДТЗ
10 февруари 2022

Над 10 илјади дивоградби чекаат за легализација во Охрид и околината. Од општината велат дека дел од барањата се одбиваат, но дека за дел е утврдено дека нема законски пречки за легализација.

Panorama Mazedonien
Фотографија: picture alliance/landov/Z. Yi

Над 10 илјади дивоградби чекаат залегализација во Охрид и околината. Станува збор за барања поднесени од 2011 година до крајниот рок којшто беше предвиден со Законот за легализација на бесправно изградени објекти. За дел од ваквите барања Советот на Општина Охрид треба да расправа во наредниот период, откако денеска седницата беше прекината поради технички причини. Додека еколошките здруженија ги оспоруваат предлог-одлуки за легализација на дивоизградени објекти на потегот на крајбрежјето на Охридското Езеро и во Националниот парк „Галичица”, од општината се децидни дека во нив нема ништо спорно.

Се  подготвува ли нова легализација на дивоградби покрај Охридското Езеро и на Галичица? Охридскиот градоначалник, Кирил Пецаков, за ДВ вели дека беспотребно се реагира. Сите предмети коишто се доставени до Советот, се од 2011 година и се во согласност со Законот за легализација на бесправно изградени објекти. За нив е дадено мислење од четири сектори во општината, поминале низ повеќе институции, а за нив е добиени мислење и од Министерствата за транспорт и врски и за животна средина. 

„Сите барања коишто не ги исполнуваат условите, или една десетина се одбиени“, вели ПецаковФотографија: DW/A. Dimitriveska

„Сите барања коишто не ги исполнуваат условите, или една десетина се одбиени“, вели Пецаков, наведувајќи дека околу 10 илјади барања чекаат на ред да бидат разгледани. Тој најавува дека деновиве повторно со надлежните сектори во општината ќе бидат разгледани сите предлози, и доколку е се во ред повторно ќе бидат ставени на седница на Советот за усвојување. 

Наплив на нови предмети 

Со новиот закон за бесправно изградени објекти со кој предмет на легализација ќе бидат дивоградби изградени до 1 јануари 2021 година, со исклучок на тие што се изградени во границите на Охридскиот регион, а не се во согласност со  Планот за управување со Светското природно и културно наследство или се во заштитените подрачја, се очекува уште поголема наезда на нови предмети и барања за легализација. 

Секретарот на Општина Охрид, Александар Китески, по прекинувањето на седницата на Советот изјави дека сите предмети што се доставени до Советот да одлучува по нив се во согласност со Законот за легализација на бесправно изградени објекти, а за нив позитивно мислење е добиено и од Националниот парк „Галичица” и ресорното Министерството за животна средина и просторно планирање. 

Тој вели дека од комисиите на местото се констатирани објектите и состојбите, од архитектите е утврдено дека сите се надвор од зоната од 50 метри, така што сите предмети што се доставуваат до советниците на одлучување се во согласност со Законот и Планот за управување со културното и природното наследство на Охридскиот регион. 

Реакции 

Но, од граѓанската иницијатива „Охрид СОС“ реагираат дека Советот ќе легализира објекти спротивно на одлуката која самиот ја донел пред еден месец. 

Тие укажуваат дека член 5 од одлуката на Советот од 29.12.2021 вели дека постапките за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти времено се прекинуваат во крајбрежниот појас на Охридското Eзеро и во рамките на Студенчишко блато. Тие велат дека во крајбрежниот појас од 50 метри, којшто е назначен во Планот за управување до донесувањето на Урбанистичкиот план за крајбрежје, секако не дозволува ниту изградба, најмалку легализација. Истиот појас е заштитен и со Закон за водите. 

„Охрид СОС“ реагираат дека Советот ќе легализира објекти спротивно на одлуката која самиот ја донел пред еден месец. Фотографија: DW/M. Jovanoski

Ваквата легализација, според нив, е спротивна на препораките на УНЕСКО, при што за нелегалните градби треба да се изработи Оцена за влијанието врз животната средина и Оцена за влијанието врз културното наследство и согласно тоа, да се одлучува дали објектот може да се легализира или не. Исто така за крајбрежјето во подготовка е Урбанистички план за крајбрежје со кој ќе се утврдат границите на крајбрежниот појас и согласно тоа, условите за планирање.„ Дотогаш, било какви постапки во насока на поголема урбанизација во најосетливите предели околу Езерото, може да се сметаат само за спротивни на Планот за управување“, укажуваат екологистите.  

Што утврдија ревизорите? 

Државниот завод за ревизија, кој го истражувал спроведувањето на Законот за легализација на дивоградбите во периодот од 2011 до 2020 година на подрачјето на Општина Охрид во јуни 2021 година утврди дека охридско- струшкото крајбрежје е полно со дивоградби, а лошите закони и неекипираноста на локалните власти овозможуваат легализација на илјадници градби, доградби и надградби.

Во Охрид има 20 илјади дивоградби, а од нив 30 проценти се леализирани во изминатиот период, одбиени се 19 проценти од барањата, додека околу 12 илјади се во постапка. Но, во процес на легализација се 2.763 објекти од кои загрижува што повеќе од 400 се на 50 метри од езерото а 2.350 се во Националниот парк Галичица. До 2015, година во општината работел само еден инспектор, двајца се вработени во 2019. и тројца во 2020 година. Ситуацијата не е подобра ниту во Струга, каде се пристигнати 10. 730 барања за легализација на бесправни објекти.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми