1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Образование

Се „крчка“ нов Закон за високо образование

Кристина Озимец
3 февруари 2018

Процесот на подготовка на законот досега се одвива поинклузивно од искуството со претходната власт која го носеше насила, спротивно на препораките од академската заедница, велат за ДВ упатените во процесот.

Universitätscampus Skopje
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Законот кој на претходната власт ѝ донесе големи студентски протести, кои беа предвесник на останатите протести против владата на Никола Груевски, е повторно на агенда. Пред новогодишните празници, предлог законот беше објавен на веб-страницата на ЕНЕР за коментари и забелешки од сите заинтересирани страни. Формирана е и работна група, во која според МОН биле поканети да номинираат свои претставници најголемите јавни и приватни универзитети, синдикатите и Професорскиот и Студентскиот пленум.

Од редот на универзитетите во неа учествуваат ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј”, проф. д-р Никола Јанкуловски и проф. д-р Гордана Силјановска Давковска, ректорот на Универзитетот „Гоце Делчев” – Штип, проф. д-р Блажо Боев, ректорот на Универзитет „Мајка Тереза” проф. д-р Азис Положани, ректорот на Универзитетот Американ Колеџ Скопје, проф. д-р Марјан Бојаџиев, од Универзитетот „Св. Климент Охридски” – Битола, ректорот проф. д-р Сашо Коруновски и проректорот за настава проф. д-р Марјан Ангелески, од „Државен Универзитет Тетово”  доц. д-р Фатон Шабани, генералниот секретар на Универзитет на Југоисточна Европа, д-р Џеваир Мемеди, од Прв приватен Универзитет – ФОН Скопје, проф. д-р Билјана Пулеска.

Од страна на синдикатите, проф. д-р Тошо Арсов од СОНК, м-р Маја Стефановиќ од НаКС и претседателот на МЕСО, г. Драге Јованоски. Од Професорскиот пленум проф. д-р Влатко Коробар и проф. д-р Катерина Колозова, а од Студентскиот пленум Теодора Столевска, Ѓорѓи Рајчиновски, Стефан Дојчиновски и Борјан Ефтимов, информираат од Министерството.

Законот за високо образование на претходната власт ѝ донесе големи студентски протести (архива, 18.02.2015)Фотографија: DW/K. Blazevska

„Добивме официјални ставови од универзитетите, но и коментари од голем број професори и граѓански организации. Значи, практично целата академска заедница активно е вклучена во изготвувањето на законскиот текст“, велат од МОН за Дојче веле и додаваат дека главна цел на новиот закон е гарантирање на автономијата на универзитетот, но и автономија внатре во универзитетите, што би значело зајакнување на академската слобода, слободата на истражување, слобода на мисла, слобода на одлучување во однос на сите структури. Тие очекуваат Законот да биде донесен напролет, но сепак тој треба да помине на владина и собраниска седница и затоа велат дека не може да дадат конкретни рокови. Ветуваат академска, кадровска и финансиска автономија на универзитетите.

Повеќе: 

Експозитура или автономија

„Наша цел е градење на демократско управување во рамките на универзитетот, лимитирање на можностите за арбитрерно однесување на министерот, ректорите, сенатите, на деканите и на оние кои ќе имаат можност да управуваат. Целта е да добиеме деполитизација на универзитетите и можност за демократско управување во неговите рамки. Предвидуваме и враќање на асистентите и демонстраторите на универзитетите со што ќе се овозможат нови вработувања и подмладување на кадарот на универзитетите, а професорите ќе добијат поддршка во својата работа. Посебен фокус со новиот закон се става на мерењето на квалитетот на високообразовните институции и на нивните студиски програми според стандардите за евалуација усвоени од европските институции за евалуација во високото образование. Една од целите ќе биде и воспоставување на стандарди за квалитет на образование, а тука се прават анализи околу поставеноста на тело за акредитација и тело за евалуација во смисла на контрола и евалуација на квалитетот, но и на процесот на акредитрација. Ќе има и измени во делот на студентското организирање, а нашата цел е ова тело вистински да го претставува гласот на студентите и да биде тело во рамки на универзитетот“, велат од МОН.

Професорски пленум: Процесот досега е инклузивен

Претставниците на Професорскиот пленум и Независниот академски синдикат во работната група што ја формираше МОН за изготвување нов Закон за високо образование, велат дека се задоволни од досегашната инклузивност на процесот, како и од фактот што голем дел од нивните предложени за децентрализација на моќта во високообразовните установи и обезбедување внатрешна автономија, се веќе инкорпорирани во првичниот предлог на МОН.

„Сепак, сметаме дека има простор за натамошни подобрувања на предложениот текст. За таа цел ги доставивме и елабориравме нашите забелешки, особено во решенијата што се однесуваат на студиските програми и условите за избор во звања – материја за која сметаме дека е сѐ уште пренормирана, а по својата природа спаѓа во академска слобода и е предмет на уредување на самата академска заедница, како и сугестиите што се однесуваат на зајакнување на системот за обезбедување квалитет во високото образование, финансирањето и финансиската автономија на јавните високообразовни установи и внатрешната организација на високообразовните установи. Се надеваме дека доставените забелешки и предложените решенија од страна на ПП и НАкС ќе бидат инкорпорирани во новата верзија на законот која ќе произлезе од досегашниот процес“, велат тие за Дојче веле.

Практично целата академска заедница активно е вклучена во изготвувањето на законскиот текст, тврдат од МОН Фотографија: S. Toevski

Ѓорѓи Рајчиноски од Студентскиот пленум вели дека и тие се вклучени во работните групи за подготовка на законот и предложиле концепт на студентското организирање, но исто така дале и предлози кои се однесуваат на останатите делови од новиот Закон за високо образование.

„Предлогот кој беше проследен до јавноста е солиден, со одредени недостатоци, но исто така по одредени прашања содржи алтернативи за кои допрва треба да се одлучува, што значи дека ова е само прва верзија којашто не е конечна и неменлива. Она што може да се забележи во Законот е тоа што низ него провејува идејата за дисперзирање на моќта која досега беше централизирана во неколку точки на моќ, што е во насока на нашите предлози. Во однос на делот на студентско организирање е прифатен нашиот концепт, односно решението што овој нацрт текст го содржи е на линија на нашите барања. Нашето клучно барање за коешто во 2016 година организиравме и студентски референдум, а тоа е статусната поставеност на студентската организација, е прифатено и студентската организација ќе претставува тело во склоп на факултетите, односно на универзитетот. Во дел од регулацијата има поместувања од нашиот предлог и искористени се поинакви решенија“, вели Рајчиноски од СП.

Тие упатиле забелешка за процентот за учеството на студентите во раководните тела на факултетите и универзитетот кој е задржан од претходниот закон, а за што барале зголемување, како и за начинот на избор на студентските претставници, распишувањето на студентските избори и изборот на студентскиот правобранител.

Промени во студентското организирање

Дона КостурановаФотографија: D. Kosturanova

Дона Костуранова од Младински Образовен Форум вели дека новиот предлог закон за високо образование надминува некои од недостатоците во претходниот.

„За студентите посебно се важни промените во студентското организирање. Сега законот ги реформира студентските парламенти во кои имаше многу моќ, која се злоупотребуваше и често беше критикувана, и создава нови студентски собранија кои треба да ги претставуваат сите студенти. Новиот закон гарантира дека за член во студентските тела може да се кандидира секој студент, дека студентските собранија ќе бидат тела во рамки на универзитетот наместо како досега невладини кои не одговараат пред студентите и дека наместо само претседател како досега би се бирале членови на универзитетско собрание.

Тоа беа и дел од препораките на студентите во работната група за законот, како и на студентите и организациите со кои МОФ спроведе консултации токму на оваа тема. Сепак има уште многу што законот не го уредува – колку членови ќе имаат студентските собранија на факултетите и универзитетите и како ќе се утврдуваат, како ќе се назначуваат нивни претставници во органите на универзитетот и повеќе други недоречености кои треба да се дополнат. Уште една промена е што студентскиот правобранител што досега беше декоративна улога која не се бореше за да ги штити правата на студентите, конечно би добил право и одврзани раце да постапува по сопствена иницијатива. Досега ова беше голем проблем кога имаше проблеми а студентите немаа поднесено инцијатива до правобранителот, поради што тој не реагираше. Сепак останува нејасно како точно ќе се бира оваа позиција“, вели Костуранова.

Според неа, една важна препорака за дополнување во законот е во рамките на високообразовните установи да се формираат комисии за заштита од дискриминција.

„Студентите се соочуваат со дискриминација по различни основи, но анализите покажуваат дека не се охрабруваат да пријават. Формирање на вакво тело би им помогнало на студентите да пријавуваат, а на факултетите да се решат случаите на политичка, родова, етничка и друг тип дискриминација. Друга тема, што е добро, е што во законот се појавува за првпат поимот корупција и се воведува лице за прием на пријави на корупција. Сепак, поради одговорноста на оваа позиција, ова не би требало да биде надлежност на еден човек, туку да се промени во  повеќечлено тело. Наместо да биде спречувањето на корупција одговорност на само едно лице, за да има поголема независност, професионалност и помал ризик од корупција и контрола“, додава таа.

За новиот Закон за високо образование упативме прашања и до претседателот на Студентскиот парламент при УКИМ - СПУКМ, Давор Поповски, но и покрај тоа што добивме ветување до објавата на текстот не добивме одговори на нашите прашања.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми