1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Се нижат и пофалби и барања за оставка од Заев

Катерина Блажевска11 мај 2014

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, во своето обраќање пред делегатите повикал на силно единство во партијата и побарал доверба за целиот раководен тим на партијата.

Фотографија: MIA

Во атмосфера на јасна поделеност на членството и критичка дебата, зад затворени врати течат дискусиите на Конгресот на опозицискиот СДСМ, кој точно напладне започна во скопскиот хотел „Александар Палас“. На овој, постизборен и отчетен Конгрес, раководството пред делегатите даде извештај за работата и досегашните резултати и побара доверба за натамошно раководење на партијата. Конгресот, кој е затворен за јавноста, започна со речиси еден час задоцнување. Право на учество имаат 707 делегати, а на почетокот на Конгресот биле присутни 563. По изборот на работно претседателство, со деловникот е утврдено дека гласањето за доверба ќе биде тајно.

Рахиќ прв побарал оставка

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, според извори од Конгресот, во своето обраќање, меѓу другото, одговорил на обвинувањата зошто партијата се враќа на политиката на бојкот, која пред една година била напуштена. Тој објаснил дека бојкотот пред една година бил прекинат поради притисок од меѓународната заедница, но најмногу затоа што граѓаните не го поддржале масовно „отпорот“.

Зборувајќи за сето она што го направил за партијата, тој потенцирал и дека со обелоденувањето на аферата „Македонска банка“ се изложил на ризик и себеси и своето семејство. На крајот од обраќањето, Заев повикал на силно единство во партијата и обединување во остварувањето на заедничките цели. Тој побарал доверба од делегатите, со образложение дека само 10 месеци е на чело на партијата, а доверба побарал и за заменик-претседателката Радмила Шекеринска и за другите функционери во партиското раководство.

Конгресот се одвива зад затворени врати за јавностаФотографија: MIA

По обраќањето на Заев, во дискусија прв од него побарал оставка поранешниот претседател на скопската организација на СДСМ Есад Рахиќ. Тој рекол дека не е точно оти Заев е само десет месеци на чело на СДСМ, туку дека бил и потпретседател и в.д. претседател и дека на партиски функции е десет години. Тој изразил жалење што сега се одржува обединувачки конгрес, бидејќи требало Заев да си поднесе оставка, а потоа сите единствени да застанат зад нов претседател кој ќе ја обедини партијата. Рахиќ потенцирал и „дека е срамно што Црвенковски не е поканет на Конгресот“.

По дискусијата на Рахиќ, во одбрана на Заев застанале дискутанти од општинските партиски организации од Градско, Свети Николе и Радовиш и други општини. Тие настапиле со речиси идентични аргументи - дека Заев треба да добие шанса да продолжи да ја раководи партијата, бидејќи е само десет месеци на нејзино чело и дека покажал исклучителна истрајност во напорите за обединување на партијата, но и голема храброст со објавувањето на криминални афери во кои е инволвирана власта, со што „директно се судрил со Сашо Мијалков и Никола Груевски“. Според нив, „со предлозите за заминување на Заев од врвот на партијата и се прави услуга само на владејачката ВМРО-ДПМНЕ“.

Заев очекува богата дебата

Заев бара доверба за себе и за ШекеринскаФотографија: MIA

Според извори од Конгресот, за дискусија се пријавени многу дискутанти, кои со своите аргументи ќе го отсликаат расположението на членството – дали се „за“ или „против“ доверба за Заев и неговиот тим. Лидерот на СДСМ, кој по пристигнувањето во конгресната сала од дел од делегатите беше дочекан со скандирање на неговото име, за Дојче веле изјави дека очекува богата дебата и единство.

„Во согласност со статутот на партијата, СДСМ е исправен пред моментот на носење одлука за доверба на актуелното раководство. Нормално и логично за една демократска партија, каква што е СДСМ, е денеска на Конгресот да имаме богата, темелна, содржинска и аналитична дебата. А, Конгресот е место токму за тоа. Сите сме свесни за предизвикот пред кој е исправен СДСМ, со оглед на состојбите во државата. Верувам дека свест и сериозност за тој предизвик постои кај сите социјалдемократи. Тоа што ни е важно е, по дебатата и гласањето доверба, сите ние да излеземе помудри, поцврсти и посплотени за главната цел, заради која и ги преземавме последните чекори кои и' се познати на јавноста. Конечната цел на СДСМ, но и на целата опозиција, е Република Македонија да биде подготвена за спроведување слободни, фер и демократски избори и да стане земја во која ќе владее правото. Решен сум до крај да опстојам на остварувањето на оваа цел, без разлика дали ќе бидам водач на истомислениците или не“, изјави за Дојче веле лидерот на СДСМ Зоран Заев, непосредно пред почетокот на Конгресот.

Пендаровски дистанциран

Меѓу делегатите не е присутен претседателскиот кандидат на оваа партија, Стево Пендаровски, кој бил поканет да присуствува на Конгресот во својство на гостин. Пендаровски ги објасни причините поради кои денеска не е таму.

„Добив покана, но како што претходно веќе изјавив, сакам да останам дистанциран од денешните внатрепартиски случувања на Конгресот. Од тие причини решив да не присуствувам“, изјави Пендаровски за Дојче веле.

Неговото име се најде во центарот на внимание, но и на шпекулации, откако поранешниот лидер на партијата, Бранко Црвенковски, во интервју за Дојче веле изјави дека „во овој момент ни тој, ниту Заев, не се решение за состојбите во СДСМ, туку треба да се оди со ново решение“. Во тој контекст, Црвенковски го посочи Пендаровски како личност со голем кредибилитет и уште поголем обединувачки капацитет, за што сведочи и фактот дека на изборите тој освоил повеќе гласови отколку што на парламентарните избори освои партијата што го кандидираше. Откако се најде „во сендвич“ меѓу Црвенковски и Заев, Пендаровски замоли до Конгресот да не го инволвираат во внатрепартиски калкулации. Со тоа избегна на јавна сцена повторно да биде ставен меѓу „два огна“.

Според делегатите, денешната дебатата на Конгресот сигурно ќе трае до вечерните часови, а со оглед дека гласањето доверба ќе биде тајно, епилогот - дали делегатите му ја дале довербата на актуелното раководство, ќе се дознае подоцна.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми