1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Претпремиера“ за неказнивоста на изборните манипулации

Катерина Блажевска25 февруари 2016

Иницијативата на Уставниот Суд води кон спротивни дејства од оние кои се препорачуваат во Извештајот на Прибе: нерегуларностите да бидат откриени и процесуирани пред да се одржат наредните избори.

Фотографија: DW/Aleksandar Metodijev

Разлеани јајца на фасадата и црвени картони. Тоа ќе биде првото „доброутро“ со кое ќе бидат дочекани судиите кога денеска ќе дојдат на работа во Уставниот суд. Ова е пораката што синоќа им ја оставија неколку стотини граѓани кои го изразија револтот од одлуката на пет судии, да се поведе иницијатива за оценување на уставноста на измените во Законот за помилување донесени во 2009 година. Ако се укине законот, претседателот на државата во иднина ќе може да помилува осудени лица за изборни нерегуларности, педофили, дилери на дрога и за други дела кои досега беа изземени од таквата можност.

„Мафија, мафија...“, извикуваа учесниците во протестот и најавија дека незадоволството ќе го изразуваат и во наредните денови, бидејќи, „се додека тие пет судии се во Судот, сите криминалци во државава ќе бидат амнестирани“.

„Се срамиме од вас. Како највисоко тело кое треба да го штити Уставот и уставниот поредок, вие денеска го погазивте и исплукавте нашиот Устав“, рече еден од учесниците во протестот.

„Уставниот суд стана сојузник и одговорен за изборните измами кои се случуваат во оваа држава. Во суштина, власта призна дека правела криминал, дека мамела на изборите. Уставниот суд ја презеде одговорноста за сето тоа“, оцени Билјана Бејкова, од граѓанската иницијатива „Ајде“.

Спротивно од препораките на Прибе

Иницијативата на Уставниот Суд води кон сосема спротивни дејства од оние кои се препорачуваат во Извештајот на експертската група предводена од Рајнхард Прибе, која беше ангажирана од Европската Комисија да ги скенира состојбите во Македонија во неколку области.

„Секоја нерегуларност којашто е откриена треба да биде проследена на таков начин што сите грешки/мани, (...) да се адресирани пред да се одржат наредните избори, со цел да се увери дека такви нерегуларности нема да се случат повторно.

Директната политичка инволвираност во изборните манипулации, како што изгледа од објавените прислушувања, е сериозно прекршување на основните демократски принципи и мора да биде соодветно адресирано на судско и политичко ниво“, се вели во Извештајот на Прибе.

Спротивно на оваа препорака, иницијативата на Уставниот суд води кон опасноста да се прати сосема поинаква порака и тоа директно пред изборите - порака за неказнивост, односно за помилување за изборни нерегуларности.

„Ова е тотално неуставна определба“, вели професорот по уставно право, Осман Кадриу.

„Она што треба да се направи, е уште повеќе да се заоструваат и зајакнуваат критериумите на кривично-правна одговорност за такви сериозни кривични дела, а не тие да се помилуваат. Токму индициите за изборни манипулации беа дел од причините што довоедоа до сериозна политичка и правна криза. Затоа, треба да остане сегашната одредба во законот“, дециден е професорот Кадриу.

Фотографија: MIA

Поранешниот уставен судија Трендафил Ивановски, смета дека со сегашните законски одредби не се повредува ниедна одредба од Уставот.

„Напротив, токму ова решение на Уставниот суд за поведување постапка, води во спротивна насока. Тоа значи заштита на криминалците во сферата на изборното законодавство, односно заштита на сите оние за кои се очекува Специјалното обвинителство да покрене обвинение. Целта е тие да бидат помилувани уште пред да почне постапката“, изјави Ивановски.

СДСМ: Ја признаа вината!

Одлуката на Уставниот суд вчера предизвика бројни партиски реакции. Според СДСМ, таа одлука е мотивирана од постапките за изборни манипулации кои ги покрена Специјалното јавно обвинителство. Сомнежот го зголеми и фактот дека ова е единствена иницијатива која толку експресно е процесуирана во Уставниот суд.
„Со одлуката на петте партиски послушници на ВМРО-ДПМНЕ во Уставниот суд, Никола Груевски ја призна вината на своите најблиски соработници. Изборните грабежи и партизираните институции беа главните причини за политичката криза. Највисоките претставници на партијата на власта се веќе осомничени за злосторничко здружување и изборна измама“, рече портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов.
Од ВМРО-ДПМНЕ се сомневаат дека токму СДСМ има најголем интерес за таква одлука.
„ВМРО-ДПМНЕ е партијата која и покрај противењето на СДСМ во 2009 година ги предложи измените во Законот за помилување. Со тие измени се предвиде да не може да има помилување за одредени категории осуденици, како оние на кои им одредена казна за дела поврзани со избори, педофилија и слично. ВМРО-ДПМНЕ останува со ист став и денес“, одговорија од партијата. Одлуката „како срамна и противзаконска“ беше оценета и од Демократскиот Сојуз и од Либерално-демократската партија.

Фотографија: MIA

Вчера беше обелоденето кој ја поднел иницијативата до Уставниот суд. Станува збор за Ристо Китески, млад адвокат од Охрид. Тој работи во канцеларија со адвокат кој е бранител на осомничени во случајот „Титаник“, но за медиумите Китески изјави дека со него само ги дели работните простории. Oд Специјалното јавно обвинителство, чии први истраги се поврзани токму со изборни манипулации, не ја коментираат постапката на Уставниот суд се додека нема конечна одлука за иницијативата.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми