1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Се‘ повеќе вахабисти на Косово?

26 мај 2010

Во акција на Косово пред неколку дена се уапсени пет лица за кои се смета дека се вахабисти. Тие се осомничени за планирање на вооружени напади и разгорување омраза. Меѓу уапсените има и косовски Албанци и Бошњаци.

ПризренФотографија: Refki Alija

Во акција на Косово пред неколку дена се уапсени пет лица за кои се смета дека се вахабисти. Тие се осомничени за планирање на вооружени напади и разгорување омраза. Меѓу уапсените има и косовски Албанци и Бошњаци, кои биле забележани на собирот на сунитските верски екстремисти во БиХ, соопшти косовската полиција. Полицијата ја следела оваа група три месеци и ги уапси минатиот викенд. Во акцијата во текот на викендот во Призрен учествувале 120 полицајци. Уапсените биле припадници на организацијата „Искреност“. Во седиштето на таа организација и на други локации е запленето оружје, воена опрема и десетици униформи.

Загрижувачки развој

Призрен е познат по националната и верска толеранција. Меѓутоа, по војната во 1999 година драстично се зголеми бројот на млади луѓе со бради, кои носат пократки пантолони. Од друга страна, пак, жените почнаа се‘ повеќе да носат бурки. Во џамиите растеше нерасположението меѓу верниците кои традиционално го практикувале исламот. Се чекаше само моментот кога ќе дојде до некој инцидент, како оној во Дреница кога поради тоа дојде до тепачка помеѓу верниците.

Инструментализација на свеста

Екстремното верско однесување е штетно и за исламот


Исмаиљ Хасани, социолог за религија на Универзитетот во Приштина, смета дека причината за тоа се „општествените промени“. „Тоа е целосна инструментализација на свеста кај луѓето, која се појави како резултат на влијанијата од различните фондации, особено од земјите од исламскиот свет“, вели Исмаиљ Хасани.

Екстремното однесување при практикувањето на верата (во џамиите додека се молат) според зборовите на професорот Хасани, укажува дека вахабистите интензивно пропагираат тенденција во исламот „која не само што е штетна за исламот, туку и за целото човештво“. „Тоа е екстремниот дел на исламот со кој се конфронтирани не само другите вери туку и верниците во рамките на исламот“, вели професорот Хасани.

Сето тоа не е добро за косовскиот верски идентитет, особено по прогласувањето на независноста, кога очите на светската јавност се насочени кон Косово, со надеж дека таму ќе се гради модерно и толерантно општетство. „Ако исламската верска заедница не е подготвена да преземе мерки, не да врши надзор над верниците, туку да им понуди нови содржини на луѓето за да може да се чувствуваат како активни членови на исламската верска заедница, тогаш постои простор за изразување на екстремното однесување на верниците“, вели Исмаиљ Хасани.

Кој ќе го прекрши законот, треба да му се суди

Џамија во главниот град на Косово ПриштинаФотографија: DW/Sand


Од Исламската заедница на Косово се‘ уште не се изјаснуваат, додека граѓаните претежно ја поддржуваат акцијата на полицијата, залагајќи се за спроведување на законот.

„Тие илегално поседувале оружје и затоа треба да бидат процесуирани како и сите останати, врз основа на важечките косовски закони“, смета еден средовечен граѓанин на Призрен.

„Ова е многу тежок случај пред се‘ за нашата заедница, а потоа и за останатите. Пред законот сите сме еднакви и сите кои ќе го прекршат законот треба да одговараат за тоа“, нагласува една медицинска сестра.

На Косово живеат над 80 проценти муслимани. Повеќето од нив се сунити. Има мал број дервиши, а во последните десет години и вахабии. Вахабистите негираат дека спаѓаат во таа категорија. Тие велат дека се само муслимани и ништо повеќе.

Автор: Рефки Алија / Јасна Мушиќ Јанчулева

Редактор: Жана Ацеска

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми