1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Се’ повеќе исчезнуваат шансите за согласност во Советот за безбедност на ОН за иднината на Косово

17 јули 2007

Русија го одби и најновиот компромисен текст на можна резолуција, поднесен од Западот. Генералниот секретар на ОН и ЕУ ги предупредуваат косовските Албанци да не преземаат еднострани чекори.

Францускиот амбасадор во ОН Жан-Марк де ла СаблиеФотографија: AP

САД, Франција и Велика Британија вчера во Советот за безбедност го поднесоа најновиот, досега повеќепати преработуван текст на резолуцијата. Тие се откажаа од пасусот, според кој планот на специјалниот посредник на ОН Марти Ахтисари автоматски би стапил во сила, ако во нови 120-дневни преговори меѓу Белград и Приштина не биде постигната согласност. Планот, како што е познато, предвидува отцепување на Косово и надгледувана независност на досегашната српска покраина.

Трите западни земји недвосмислено ставија на знаење дека нивната готовност за компромис е во голема мера исцрпена. “Ова е наш последен обид. Отидовме толку далеку, колку што можевме”, рече францускиот амбасадор во светската организација Жан-Марк де ла Саблие и додаде: “Има уште простор за преговори, но сржта на текстот останува”.

Рускиот амбасадор во ОН Виталиј Чуркин критикуваше дека и овој нанов текст во суштина опстојува врз независност на Косово. “Токму така ние го читаме текстот. Посебно ако го погледнете почетокот, ќе видите дека е тоа прикриен автоматизам за планот на Ахтисари – а шансите за тоа се еднакви на нула”, рече Чуркин.

Не му беше само нему непријатно упадливо дека според текстот на резолуцијата новите преговори меѓу Белград и Приштина треба да бидат модерирани од Европа. Бесмислица, смета амбасадорот на Јужна Африка Кумало: “Ако на ЕУ, која фаворизира независно Косово и’ се даде да преговара со страните во спорот, не знам како таа треба да биде објективен посредник”.

Остана нејасно дали уште во текот на неделава ќе дојде до гласање за резолуцијата, како што сакаат западните сили. Американскиот амбасадор Кализад на викендот не исклучи ни решение за Косово и без Советот за безбедност. Генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун, пак, предупреди: “Треба да биде спречен секој избрзан едностран чекор од секоја од засегнатите страни”. Ова Бан денеска ќе му го пренесе и на американскиот претседател Џорџ Буш во Вашингтон. “Еднострана декларација секогаш крие опасности. Се надевам дека на Косово тоа нема да се случи и ова неодамна им го кажав на косовските лидери” рече Бан и побара брзо решение на Советот за безбедност.

И Европската Комисија е против еднострано прогласување независност, како што се закануваат косовските Албанци. Кристина Наѓи, портпарол на еврокомесарот за проширување Оли Рен, ја отфрли можноста ЕУ да ја поддржи независноста на Косово. Таа укажа на неодамнешната изјава на Рен дека “членовите на Советот за безбедност мораат да ја преземат одговорноста за решавање на статусот на Косово и да создадат мултилатерална рамка, која на целиот регион ќе му даде одржливо решение”. Наѓи побара од Србија да игра конструктивна улога во текот на новата фаза на процесот на решавањето на статусот на Косово.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми