Се’ повеќе страни инволвирани во конфликтот во Сирија
12 февруари 2012
Набил ал-Араби на отворањето на состанокот во Каиро рекол дека таквата порака ја добил од рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров. Тој го цитирал Лавров дека Русија ги поддржувала напорите на Арапската лига и дека би била подготвена „да ја прошири набљудувачката мисија“ во Сирија.
Министрите во Каиро денеска ја разгледуваат можноста за повторно враќање на мисијата на Арапската лига во Сирија, но потпомогната со претставници на ОН. Претходно тие ја прифатија денешната оставка на контроверзниот шеф на набљудувачката мисија од Арапската лига во Сирија. Суданскиот генерал Мохамед Ахмед Мустафа ал-Даби треба да биде заменет со поранешниот јордански министер за надворешни работи Абдел Елах ал-Катиб.
Инаку, генералот Даби му служеше на суданскиот претседател Омар ал-Башир, кој е баран од Меѓународниот суд за злосторства, поради поврзаност со деветгодишниот конфликт во Дарфур. Генералот Даби беше задоволен од набљудувачката мисија во Сирија, иако таа пропадна и не успеа да го запре Башар ал-Асад во убиствата на народот.
Ал Каеда ги поддржува бунтовниците, а Иран претседателот Асад
Во меѓувреме, шефот на Ал Каеда Ајман ал-Завахири во видео порака ги повика муслиманите од другите земји да ги поддржат бунтовниците во Сирија во симнувањето од власт на Башар ал-Асад, оти не можеле да се потпрат на помошта од Запад.
Ајман ал-Завахири побара од муслиманите во Ирак, Јордан, Либија и Турција да се приклучат на востанието против „опасниот и канцероген режим на Башар ал-Асад“. Висок функционер задолжен за безбедноста во Ирак за медиумите изјави дека разузнавачите во минатите четири месеци веќе регистрирале преминувања на лица поврзани со Ал Каеда од северниот ирачки град Мосул во Сирија.
Во видео пораката Завахири, кој ја презеде Ал Каеда по убиството на Осама Бин Ладен, ги повикува бунтовниците да не се потпираат на Западот и Турција, кои според него, „со децении имаат договор и заемно разбирање со овој режим и започнаа да го напуштаат откако видоа дека пропаѓа“. Тој ги повика Сиријците да се спротивстават на помошта од Арапската лига и „нејзините корумпирани владини агенти“.
Додека Ал Каеда застанува на страна на бунтовниците, режимот на Асад добива поддршка од Иран. Израелскиот весник „Харец“ пишува дека Иран и’ помага на Сирија во соочувањето со меѓународните санкции. Весникот објави оригинални документи на арапски јазик добиени со помош на хакери, кои упаднале во електронската пошта на 78 вработени во кабинетот на сирискиот претседател Башар ал-Асад. Документите покажуваат дека Асад од Иран добил една милијарда долари.
Христијаните во Сирија да бидат медијатори
Денеска и папата Бенедикт Шеснаесетти повика на ургентно запирање на насилството и крвопролевањето во Сирија и ги повика лидерите да го одберат патот на дијалог и мир. Пратеникот на Папата во Сирија минатиот месец предложи христијаните да бидат медијатори и да претставуваат мост меѓу владата и опозицијата, во земјата која пропаѓа во конфликтот.
За време на неделната молитва Папата рече дека ги следи „со голема загриженост епизодите на драматично и ескалирачко насилство во Сирија.
„Минативе денови насилството предизвика многу жртви, вклучувајќи и неколку деца и јас се молам за нив, за ранетите и за сите што страдаат од конфликтот, што продолжува да загрижува“, рече папата Бенедикт Шеснаесетти.
„Го повикувам целиот свет, а најмногу политичките авторитети во Сирија, да го одберат патот на дијалог, помирување и посветеност во корист на мирот“, рече Папата.
Автор: Александар Методијев /афп/дпа/ројтерс
Редактор: Александра Трајковска