Пократок полициски час и продолжена работа на угостителите
ЕМФ | МИА
3 мај 2021
Кризниот штаб предлага од среда полицискиот час да трае од 23 до 5 часот, а угостителските објекти да работат до 22:30 часот.
Реклама
Полицискиот час во С. Македонија да трае од 23 часот до 5 часот наредниот ден, а времето за работа на угостителските објекти со гости само во отворениот дел - летни тераси и градини – да биде до 22:30 часот, ѝ предлага на Владата, Главниот координативен кризен штаб. Предлогот е направен врз основа на предлозите на Министерството за здравство.
Предлог-мерките на Министерството за здравство ќе се разгледуваат на следната владина седница и доколку се усвојат, би биле со важност од 5 мај 2021 година (среда).
Во моментов полицискиот час почнува во 21 часот и трае до 5 часот изутрина, додека терасите на угостителските објекти работат до 20:30 часот.
Во земјата почнува да се намалува притисокот врз болниците, а целосно менување на епидемиолошката состојба се очекува до почетокот на летото, кога би требало да има висок процент на имунизирано население.
Совети за подобро здравје и расположение во пандемијата
Стресот е постојан придружник на современото живеење. Короната дополнително ја влоши состојбата. Што да се направи за да се остане здрав и во добра форма? Спортување, работа во градина, читање... и уште по нешто.
Кој е новиот омилен спорт на Германците? Пешачење! Студијата на еден здравствен фонд покажува дека 43% од Германците по почетокот на пандемијата одат почесто на пешачење отколку пред тоа. Полека или со побрзо темпо? Сѐ е добро кога сте опкружени со природа, кога гледате зеленило, вода, полиња, шума, море...
Базените, фитнес студијата и другите сали за вежбање се затворени поради пандемијата. Но, тоа не смее да биде изговор. Јога или пилатес во дневна соба, велосипедска тура или трчање во парк - телесната активност им годи на срцето и циркулацијата. Како алтернатива се можни и невообичаени активности, на пример жонглирање или одење по јаже. Сето тоа е можно да се прави на доволно растојание.
Фотографија: picture-alliance/dpa/T. Warnack
Виртуелни патувања
Во време на корона не може да се патува како порано. Притоа, одморот од секојдневието е важен за телесната и душевната благосостојба. Има начин да се патува без да се изложувате на ризик, седејќи на каучот дома, и тоа со помош на големиот број апликации за патување со виртуелни очила. Ако не може да се патува вистински, може барем виртуелно.
Фотографија: Colourbox/L. Dolgachov
Добра книга
Многумина во време на корона имаат повеќе слободно време, затоа што работат со скратено работно време, или затоа што не мора да патуваат до работното место. Според анализа на институтот за истражување на пазарот ГфК, направена по повод Франкфуртскиот саем на книгата 2020, 13% од испитаниците многу почесто посегнуваат по книга отколку пред пандемијата. Добрата книга го намалува стресот и релаксира.
Полни шкафови, преполни подруми, полици со книги кои само што не се урнале од тежина... Кому не му се познати барем дел од овие работи? Расчистувањето може да придонесе да се чувствувате подобро. Дури и науката одамна има утврдено дека ослободувањето од старите работи создава нова енергија и ѝ чини добро на душата.
Фотографија: picture-alliance/dpa/R. Weihrauch
Вкусна храна
Рестораните се затворени во време на локдаун. Со оглед на тоа што многу луѓе седат дома, во Германија сега се готви многу повеќе отколку порано. Наместо брза храна, на менито во многу домови има јадења подготвени со многу љубов од членовите на семејството. Статистиката покажува дека добро оди и бизнисот со т.н. кутии за готвење, во кои се ставени рецепт и состојките кои се потребни за него.
Фотографија: Fotolia/MK-Photo
Градинарство
Садење, полевање, берба - градинарството релаксира дури и кога се нема многу смисла за работа со растенија. И, сеедно е дали се има градина или балкон. „Градинарството и растенијата имаат релаксирачко влијание врз процесите на здравеење и ориентација во животот“, објаснува хамбуршкиот терапевт Роланд Штраус на својата веб-страница.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Медитација против стрес
Работа, фамилија, домашни задачи - честопати имаме толку многу обврски, што „не знаеме каде ни е главата“. Но, има начин за опуштање: различни истражувања покажуваат дека медитацијата ни дава поддршка за подобро да излеземе на крај со стресот. Оној кој го релаксира дишењето и духот, тој го опушта и телото, а од тоа профитираат, меѓу другото, и срцето и циркулацијата.