Двата концерна имаат преземено доволно обврски за да се овозможи фер конкуренција, соопшти вицепретседателката на Европската комисија, Маргрете Вестагер. Согласноста е поврзана со услов - концерните да ги исполнат целосно своите преземени обврски.
Бриселските „чувари“ на конкуренцијата имаа дилеми поради тоа што фузијата може да влијае врз конкуренцијата во девет ЕУ-земји. Во Белгија, Франција, Грција, Италија, Литванија, Полска, Португалија, Словачка и Чешка, ПСА и ФЦА имаат „голем или многу голем удел на пазарот“.
Соработка со Тојота
За да ги отстрани пречките, ПСА вети дека ќе ја прошири соработката со јапонскиот конкурент Тојота. Тоа, според ЕК, значи дека Тојота би била во состојба „да конкурира со новосоздадениот концерн на релевантни пазари“. Второ, ПСА и ФЦА, според наводи на Комисијата, ветиле дека на конкурентите ќе им го олеснат пристапот до своите работилници. Така, при поправка и сервис на возила на конкуренцијата, би требало да смеат да се користат истите алати.
ФЦА и ПСА ја поздравија одлуката на ЕК. На 4 јануари наредната година акционерите на двете фирми ќе се состанат одвоено и ќе гласаат за фузијата. Фузионирањето би требало да заврши до крајот на првиот квартал на 2021 година.
Планираниот концерн „Стелантис“ би требало да тежи 30 милијарди евра и да биде четврт по големина во светот. ФЦА, покрај Фијат и Крајслер, ги има и Џип, Масерати, Алфа Ромео, Доџ и Рам. Францускиот концерн ПСА, пак, под своја капа ги има Опел, Пежо и Цитроен.
Најомилените електромобили
Продажбата на електромобили во Германија се поттикнува со посебна премија. Нивниот удел на пазарот е сѐ уште скромен. Сепак, електровозилата стануваат популарни. Кои произведувачи профитираат најмногу од е-мобилноста?
Фотографија: picture-alliance/dpa/P. Kneffel
Најомилен електромобил во 2019-та
Поглед во минатата година: во 2019-та најпопуларен автомобил беше Тесла Модел 3 со алтернативен погон. На патиштата се најдоа речиси 445.000 нови возила од овој тип. Цената на стандардната верзија на Тесла Модел 3 изнесува 37.990 долари. Шефот на „Тесла“, Илон Маск, во јуни годинава нагласи: „Она што најмногу ми пречи е што нашите автомобили не се ценовно попристапни. Тоа мора да го поправиме.“
Фотографија: picture-alliance/TT/P. Lundahl
Број 2
Веднаш зад Тесла Модел 3 минатата година беше Нисан Лиф со 434.000 продадени возила. Минатата година беше добра за јапонскиот производител. Годинава Нисан бележи загуба од околу 6 милијарди евра. Фирмата е „во црвено“ првпат во последните 11 години.
Фотографија: picture-alliance/empics/A. Upton
Модел С на трето место
На третото место на најомилени електромобили е повторно возило на Тесла - Модел С. А во 2020? „Тесла, како и Порше, е јасен добитник во кризата. Додека сите го намалуваат производството, Тесла реализира програма на експанзија“, вели автомобилскиот експерт Фердинанд Дуденхефер. Тесла инвестира во нови фабрики, како на пример во покраината Бранденбург. Таму треба да се произведува Модел Ипсилон.
Фотографија: picture-alliance/dpa/J. Woitas
Јапонски компромис
По Модел С доаѓа Аутлендер Плаг-ин-Хибрид на Мицубиши. Во наредните две години Мицубиши има намера на купувачите да им понуди и чистокрвен е-модел - само со батерија. Но, тој ќе биде достапен само на азискиот пазар. Дургите региони во светот треба да ги покријат партнерите Рено и Нисан.
Фотографија: picture-alliance/Pixsell/S. Midzor
Динасурус меѓу хибридите...
...а сепак и натаму популарен. Тојота Приус дебитираше во далечната 1997 година во Јапонија, а од 2001 година е достапен и за купувачите на германскиот пазар. Минатата година Тојота во светот продаде околу 210.000 свои хибриди од серијата Приус. Овој јапонски автопроизводител сепак не ја гледа иднината во е-мобилноста, туку во технологијата на горивни ќелии.
Фотографија: WESAT TV
BAIC? Никогаш слушнато!
Во Кина е-возилата од оваа марка се продаваат многу добро, а во Европа се практично непознати. BAIC EC во 2019. беше на шесто место во светот, додека на кинескиот пазар беше најуспешен модел. Добри извозни резултати има и BAIC EU. BAIC има намера од 2025 година да произведува само електровозила, иако во Кина сѐ уште 95% од продадените возила под хаубата имаат мотори со внатрешно согорување.
Фотографија: picture-alliance/dpa/Imaginechina/S. Fan
Шевролет Волт
На осмо место според бројот на продадени е-возила минатата година беше Шевролет Волт на ЏМ. Возилото презентирано во 2007-та беше брз одговор на електропионерот Тесла, кој една година претходно го претстави својот Роудстер. Меѓутоа, на пазарот Шевролет Волт се појави дури во 2010. Во меѓувреме тој веќе не се произведува. Но, ЏМ планира до 2023 година да понуди најмалку 20 нови електро-модели.
Фотографија: picture-alliance/imageBROKER/J. West
Мал, но...
... омилен во Европа - Рено Зои. Ова е најпродаваниот електромобил во Европа во првата половина од 2020 година. Минатата година во светски рамки малото е-возило беше на 9. место. Рено Зои сѐ почесто избираат и Германците кои се решаваат за електромобилност.
Фотографија: Renault
И едно германско е-возило
...иако само на десеттото место: БМВ и3. Германскиот автопроизводител одамна е соочен со обвинувања дека го преспал „е-трендот“. Тоа сега треба да се промени. До крајот на наредната година на пазарот треба да се најдат пет нови модели исклучиво на електро-погон.