1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КонфликтиБелорусија

Се случува ли втор „Мајдан“ во Белорусија

Лилија Ржеутска
12 август 2020

Поранешните активисти од украинскиот Мајдан се солидаризираат со демонстрантите во Белорусија. Дали протестите во Киев пред шест години можат да бидат модел за сегашните во Минск?

Präsidentschaftswahl in Weissrussland
Фотографија: Olena Lytvynova

Во Белорусија не запираат протестите по претседателските избори во неделата. Полицијата се обидува брутално да ги задуши. Набљудувачите веќе повлекуваат паралели со протестите на Мајдан во Киев пред повеќе од 6 години, кои на крајот доведоа до промена на власта и политиката во Украина. Учесниците во тогашните демонстрации гледаат разлика, но и сличности со актуелните случувања во Белорусија.

„Случувањата во Белорусија, каде со гумени куршуми се пука во главите на луѓето, каде комбе со уапсени лица се залетува во толпа луѓе, сето тоа буди горливи спомени“, вели Олександра Матвијчук од иницијативата Еуромајдан- СОС, организација за цивилно општество која во зимата 2013/2014 година за време на протестите на Мајдан им помагаше на жртвите. „Оваа примена на сила е илегална и мора веднаш да се истражи од страна на меѓународната заедница, за да не останат неказнети припадниците на безбедносните служби“, нагласува таа за ДВ.

Меѓусебна поддршка

Матвијчук заедно со околу стотина други активисти во понеделникот вечер отишла пред белоруската амбасада во украинскиот главен град Киев, за да ги поддржи луѓето од соседна Белорусија кои излегоа на улиците. Во таа акција на солидарност учествуваа активисти од цивилното општество, политичари, белоруски мигранти и доброволци кои на истокот на Украина се борат против сепаратистите. Тие ги повикаа белоруските власти да запрат со насилството над сопствениот народ.

Фотографија: Olena Lytvynova

Белоруските активисти сакаат што е можно побрзо да се консултира Советот на Европа, за да може да ги набљудува демонстрациите и кршењето на човековите права, тврдат нивните украински симпатизери.

Повеќе:Прогласена победа на Лукашенко, протести и судири низ земјата

Би било погрешно да се чека дополнително да се соберат информации и да се започнат истраги, велат тие и додаваат дека белоруските активисти треба брзо да делуваат за да се спречи уште поголемо насилство. „Тоа ни помогна за време на Мајдан да ги ограничиме грубите прекршоци“, зборува Матвијчук од сопствено искуство.

Украинците, смета таа, сега треба да се солидаризираат со Белорусите и да го поддржат нивното право на чесни избори. Затоа што и Белорусите ги поддржаа Укринците на Мајдан, а потоа и го бранеа територијалниот интегритет на Украина во Донбас, потсетува нашата соговорничка. За време на демонстрациите во Киев во 2014 година белорускиот новинар Михаил Шисневски беше една од првите жртви откако беше пукано со огнено оружје на демонстрантите.

Се будат спомени

И кај адвокатката Јевгенија Сакревска актуелните случувања во Минск будат спомени. Таа пред судот застапува луѓе кои биле жртви на полициско насилство на киевскиот Мајдан. „Ноќните видео-стримови од Белорусија се како Дежа ву, и тоа во двојна смисла“, напиша таа на Фејсбук. Притоа, од една страна мисли на ноќта во ноември 2013 година кога безбедносните сили ги разбија демонстрациите против тогашното украинско водство. Се протестираше затоа што беше откажан Договорот за придружување меѓу ЕУ и Украина.

Сеќавање на протестите на плоштадот МајданФотографија: picture-alliance/dpa

Повеќе:Изборна фарса на Лукашенко во Белорусија

Од друга страна, се сеќава на 2010 година кога, исто така, по изборите во белорускиот главен град Минск беа претепани демонстрантите. Украинскиот активист Павло Сидоренко, предводник на иницијативата „Жртви на Мајдан“, и самиот беше повреден за време на протестите на киевскиот централен плоштад. Тој ги поддржува демонстрациите во Белорусија, но не верува дека демонстрантите имаат некакви шанси. „Преживувам Дежа ву“, вели тој и нагласува дека на белоруските демонстранти им посакува успех. Но, вели и оти Лукашенко веројатно ќе остане на власт со оглед на тоа дека нема никаква координација меѓу различните опозициски сили во Белорусија.

Без убедување, без организација

Сидоренко смета дека самите Белоруси не се премногу убедени во успехот на протестот. И тие се лошо организирани, премногу лошо за да можат да го соборат Лукашенко по 26 години на чело на државата, додаде тој. „Мајдан беше како мравјалник, каде секој си ја вршеше својата работа, согласно способностите. Имавме една цел, имаше апсолутно убедување дека е потребна промена. Некои чуваа стража, други се грижеа за повредените, некој носеше огревно дрво , а другите во судот ги бранеа уапсените “, се сеќава Сидоренко.

Лукашенко тврди дека зад протестите во Белорусија се „оние што ги влечат конците“ од странство, и тоа од Чешка, Полска, Украина и други земји. Сидоренко го смета тоа за глупост. „Таков бунт на општеството не може да се организира вештачки. Или го име или го нема “.

Повеќе:Белорусија: Тихановскаја принудена да избега?

Протестите на плоштадот Мајдан во текот на зимата 2013 и 2014 година,  и сегашните протести во Белорусија се слични, смета и белоруската новинарка Јелена Литвинова. Во интервју за ДВ, таа вели дека Украинците, исто како и сега Белорусите, демонстрирале за слободни избори, а не за некоја конкретна личност или кандидат.

Фотографија: picture-alliance/AP

Сепак, Литвинова гледа и една јасна разлика меѓу тогашните и сегашните демонстрации: протестите во Украина се проширија и надвор од Киев. На нив учествуваа милиони луѓе. Протестите се проширија од главниот град на подрачјето на целата земја. Во Белорусија ситуацијата е обратна. „Демонстрациите започнаа во регионите, а белоруската државна сила не го имаше предвид токму тој фактор“.

Литвинова гледа две сценарија за Белорусија: или Лукашенко ќе прифати дека граѓаните не ги признаваат изборите како легитимни и оти постојат различни мислења во земјата од неговите - или тој ќе ја засили репресијата уште повеќе.

„Нема враќање назад. Лукашенко имаше шанса да го зачува сопствениот образ и да не ги прогонува активистите. Во тој случај, немаше да владее тотална недоверба во однос на резултатите од изборите. 80 проценти од гласовите за него, тоа е едноставно премногу кога ќе видите колку луѓе се на улица", вели таа. Литвинова е убедена дека Белорусија се наоѓа пред промени. Единственото прашање е во која насока ќе се променат работите.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми