1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Се срамиме“

26 ноември 2011

Германската јавност уште е во шок по откритието на неонацистичката терористичка ќелија и серијата убиства што таа ги извршила во последните десетина години. Политичарите смогнаа храброст јавно да се извинат.

Rechtsterrorismus Parteien Bundestag
Канцеларката Ангела Меркел со дел од министрите на посебната седница на БундестаготФотографија: dapd

„Се срамиме што безбедносните служби на покраините и на сојузната влада со години на ред не успевале ниту да ги разоткријат, ниту пак да ги спречат планираните и извршените злостори“, порача претседателот на германскиот парламент Норберт Ламерт на посебната седница што започна со минута молчење во знак на почит за жртвите на неонацистичкиот тероризам во земјата.

Надлежните служби со години не успевале да ги поврзат нитките на деветте убиства на сограѓани од турско и грчко потекло, како и една полицајка.

„Ова е неподносливо, морам сосема отворено да кажам, и ме исполнува со тага и срам!“

Претседателот на Парламентот, Норберт Ламерт (во средината)Фотографија: dapd

Како шефот на собраниската група на опозициските социјалдемократи, Франк Валтер Штајнмајер, се почувствуваа многумина од пратениците во Бундестагот.

(Не)доверба во системот

Пратениците, како и другите политичари, се свесни дека не станува збор само за серија криминални акти, туку дека Германија се наоѓа во криза на доверба кон државните органи и институции. Ова посебно затоа што има индиции дека раководни лица од тајните служби дури ги штителе терористите и тоа под изговор дека станува збор за нивни шпиони.

„Соочени сме со сериозна криза на доверба во тајните служби. Се поставува прашањето дали можеше да биде спречена оваа серија убиства? Одговорот е да! Со консеквентно работење тие можеа да бидат спречени“, оцени претседателот на парламентарниот Одбор за внатрешна политика, Волфганг Бозбах од владеачката ЦДУ.

„Слепило“ на тајните служби?

Тајните служби на земјата уште во извештајот од јули тврдеа дека во Германија немало никакви терористички структури на неонацистичката сцена. При тоа уште во 2004 година во источната покраина Бранденбург била уапсена неонацистичка група, кој извршила серија напади врз киосци за азиска храна. При тоа немало жртви, но била причинета голема материјална штета. Надлежниот јавен обвинител тогаш собрал храброст и покренал обвинение не само поради подметнување серија пожари, туку за создавање терористичка организација.

Лидерот на собраниската група на опозициската СПД, Франк Влатер ШтајнмајерФотографија: dapd

„Кога ја поведовме постапката имаше негодувење во медиумите, бидејќи повеќе од нив сметаа оти обвинението е претерано. Многумина сметаа дека постапката ќе заврши со ослободителна пресуда и дека со тоа ќе му биде нанесена штета на угледот на покраината Бранденбург“, вели надлежниот обвинител на покраината, Ерардо Раутенберг.

За среќа судот му даде за право и серијата напади и пожари беше оценета како дело на десен екстремизам. Но, тоа е повеќе осамен случај отколку правило во Германија. Во принцип овде не се зборува за нацистички тероризам, дури и кога полицијата и Службата за борба против криминалот откриваат големи скривници со оружје, кое сосема јасно им припаѓа на неонацистички групи.

Претседателот на Одборот за внатрешна политика, Волфганг БозбахФотографија: picture-alliance/ dpa

Долготрајно багателизирање

Дека неонацистичкото насилство постојано се заташкува, сведочи и министерот за внатрешни работи на покраинската влада за Берлин, Ерхарт Кертинг: „Во минатото понекогаш имав впечаток дека во политичката аргументација особено на сојузно ниво на опасноста од десниот екстремизам не и’ се придава соодветна важност, како на другите екстремистички опасности!“

Секако дека надлежните служби последниве години беа фокусирани на исламистичкиот тероризам и тоа со успех, бидејќи беа спречени повеќе атентати. Но, експертите сепак предупредуваат дека не смеела да се запостави опасноста од неонацистичките групи.

Поранешниот министер за внатрешни работи во покраинската влада за Берлин, Ерхарт КертингФотографија: picture alliance / ZB

Забрана на НПД

Сега политичарите дискутираат за разни структурни промени во тајните служби и се залагаат за забрана на најсилната неонацистичка партија во земјата НПД. Во анкетите на јавното мнение забраната ја поддржуваат 70% од германските граѓани, додека 22% се против и тоа од разни причини. Поранешниот министер за надворешни работи Франк Валтер Штајнмајер меѓутоа предупредува дека забраната на Национал-демократската партија не смее да стане главна цел, туку може да биде само еден елемент од сеопфатната програма за борба со неонацистичката опасност во Германија. Политиката е должна брзо и ефикасно да дејствува во таа насока, бидејќи во прашање е доведен не само имиџот на Германија во меѓународната заедница со оглед на историските хипотеки, туку и темелната доверба на граѓаните во државните институции.

Автор: Аксел Роволт / Горан Чутаноски

Редактор: Симе Недевски

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми