Се трага по мотивот
12 март 2009Според директорот на криминолошкиот институт во Долна Саксонија, Кристијан Фајфер, ваквите масакри по училиштата имаат препознатилив модел.
„Ако ги анализираме досегашните масакри по училиштата во САД, Германија, Финска и останати земји, ќе препознаеме еден основен модел по кој се изведени. Најчесто се работи за луѓе кои субјективно се доживуваат како неуспешни. Слушнавме дека во овој случај, момчето успеало да заврши средно училиште, но веројатно не со најдобар успех. Можеби не ги исполнил очекувањата на родителите или немал социјален живот, или бил предмет на мобинг или не бил омилен во средината - сето тоа се работи кои водат до повреда на психата. Тоа е еден аспект,“ вели Фајфер.
Опседнатост со оружје
Според криминологот, втора работа во случајов е „опседнатоста со оружје“. „Со оружје в рака тие се чуствуваат сигурни. Во овој случај оружјето не било далеку, бидејќи очигледно таткото бил опседнат со оружје“, вели Фајфер.
Според криминологот во случајов влијание има и настан кој се случил претходниот ден. „Само еден ден претходно дојде вест дека во американската држава Оклахома се случил сличен масакр. Напаѓачот веројатно во мислите си планирал вакво нешто, но одлуката можеби паднала во моментот кога видел дека некој друг веќе го сторил тоа,“ вели Фајфер.
Според овој експерт кај напаѓачот, исто така е голема и желбата, да се види паниката и стравот во очите на жртвите и чуството да се биде господар над нечиј живот или смрт, со што ќе наплати за сите ситуации во кои бил понижен.
Овој експерт смета дека видео игрите со насилство и убиства немаат пресудна улога во тоа дали некој ќе се реши да изведе ваквов масакр. Според него, со играње вакви видео игри не се станува автоматски убиец. „Тоа само може да ја засили одлуката, кај оној кој решил да стори вакво дело“, вели криминологот Фајфер.