Се урна зграда во Турција
10 ноември 2021![Türkei Gebäude in Malatya eingestürzt](https://static.dw.com/image/59770344_800.webp)
При уривањето на зградата во Малатија се повредени 13 лица, јави турската државна новинска агенција Анадолу. Двајца од повредените се на интензивна нега, соопшти гувернерот на провинцијата Малатија, Ајдин Баруш. Рано изутринава се запрени спасувачките активности, а сега екипите работат на расчистување на урнатините.
Претпоставките дека под урнатините се наоѓаат околу 20 лица не се потврдија. Причината за уривање на зградата, во која имало и продавници и ресторани, засега не е утврдена.
Според изјави на сведоци и медиумски информации, несреќата се случила во тек на реновирање. Притоа бил оштетен ѕид кој делел два ресторана на приземјето од зградата. Се претпоставуива дека тоа би можела да биде причина за несреќата.
Според наводи на обвинителството, уапсени се сопствениците на зградата и три лица кои учествувале во реновирањето.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, според соопштението од неговиот кабинет, телефонирал со градоначалникот на Малатија и гувернерот на провинцијата. „Нашите молитви и срца се со нашите браќа и сестри во Малатија“, напиша на Твитер, Фахретин Алтун, надлежен за односи со јавност во кабинетот на Ердоган.