1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Се фрлаат ли вакцини во Германија?

Јоша Вебер
9 март 2021

Корона-вакцините недостигаат, огромен број луѓе чекаат да бидат вакцинирани. Но, во Германија одреден број вакцини мора да се фрлаат бидејќи логистиката потфрлила, тврди шефот на ФДП, Кристијан Линднер. Вистина ли е? 

Deutschland Coronavirus l  Impfstart bei der Polizei in Rheinland-Pfalz
Фотографија: Andreas Arnold/dpa/picture alliance

Светскиот извозник број еден, земја специјалист за логистика, земја позната по добра организација - Германија има ваков имиџ во светот кога станува збор за ефикасност и администрација. Токму затоа повеќе „боли“ тоа што организацијата на борбата против пандемијата на векот речиси целосно потфрли. Се уште високиот број на заразени и недоволниот број капацитети за тестирање ја претвораат борбата против пандемијата вострес тест за трпението на Германците. Тука е и се уште најголемиот проблем - вакцинацијата против корона вирусот која засега уште се одвива бавно.

До 4 март, само 2,7 % од Германците примиле по две дози од вакцината, додека 5,7% само по една доза. На меѓународно ниво Германија е дури на 33 место, зад останатите големи индустриски нации како Велика Британија со 31,4% вакцинирано население и САД со 16,3%. 

Оттука се повеќе внимание привлекуваат изјавите дека дел од вакцините во Германија мора да бидат фрлени. Тоа меѓу другите го изјави и шефот на ФДП, Кристијан Линднер. 

Вистина ли е? За сега нема официјални податоци за тоа. Германското министерство за здравство се повикува на информации од покраините. И Роберт Кох Институтот нема вакви податоци, потврди нивниот портпарол за ДВ. Поради тоа побаравме информации од сите покраински министерства за здравство во 16-те покраини. Одговорите се различни. 

Баден Виртемберг 

„Немаме податоци за ова“, ни изјави портпаролот на Министерството за социјални работи и интеграција на Баден Виртемберг. Фрлените дози на вакцини не се регистрираат системски, а и да има таков случај тоа е реткост. Девизата на сите центри гласи: „ниту една доза не смее да биде уништена и доколку остане некоја подготвена доза вишок тогаш се дава на некој од приоритетните групи.“ 

Скапоцено нешто: секоја доза вакцина мора да се искористиФотографија: Julian Stratenschulte/dpa/picture alliance

Баварија

0.2% од сите дози во Баварија морало да бидат фрлени од почетокот на вакцинацијата. Тоа во апсолутни бројки е: 3021 од 1.608.150 вакцини во Баварија (состојба од 1.март), како што ни потврди портпаролот на баварското Министерство за здравство и нега. Во оваа бројка се вброени и 1000 дози вакцини кои во првите денови од почетокот на вакцинацијата мораше да бидат уништени поради несоодветно складирање. „Други причини за фрлање на вакцини се скршени шишенца, премала доза во пакувањето, или контаминација со други состојки.“ И за нив важи девизата дека вакцината која е подготвена за вбризгување не треба да се фрла доколку лицето не дојде на закажаниот термин. Може да се повика друго лице од приоритетната листа кое би ја примило во одредениот рок. 

Берлин 

Во главниот град до сега се фрлени само пет дози вакцини, потврди портпарол на берлинските покраински здравствени власти за весникот „Тагесшпигел.“ Ова се случило бидејќи супстанцата предолго стоела во шприц и повеќе не можела да се употреби. „Доколку во Берлин останат малку подготвени дози вишок, со нив би се вакцинирале соработниците во центрите за вакцинација,“ велат тамошните власти. 

Бранденбург 

Сите дози вакцини во Бранденбург се користат навремено. Тоа се постигнува со дозирана нарачка на дози и краткорочен прераспоред на термини во приоритетната листа со цел да не дојде до тоа одредени подготвени дози да останат вишок, вели портпарол на Здружението на лекари во Брандебург. „На овој начин се исклучува можноста да истече рокот на подготвените вакцини,“ се вели оттаму. 

Бремен 

„Во Бремен нема фрлени вакцини,“ категоричен е портпаролот на градот Бремен. Со закажување на индивидуални термини точно се знае колку дози треба да се подготват во одредениот ден. Многу ретко се случува краткорочно откажување или непојавување на закажаниот термин во Бремен. Доколку има такви останати подготвени дози, со нив се вакцинираат од службата за итна помош,“ вели портпаролот. 

Хамбург 

И во Хамбург до сега „нема фрлено неискористени вакцини“ изјави портпаролката на центарот за социјални работи на Хамбург. Имало само еден исклучок кога неколку дози морало да бидат уништени „бидејќи поради технички дефект на ладилникот не биле чувани на соодветна температура.„ Доколку се случи да останат подготвени дози поради откажан термин тие им се даваат на службите за итна помош“, кои исто се дел од приоритетната група и се брзо достапни. 

Хесен 

 Барањето за информации упатено до ресорното министерство на Хесен не ни беше уважено. Затоа пак портпарол на Фрнкфурт, најголемиот град во покраината соопшти дека „во ниту еден момент не се фрлени вакцини”. И мобилните тимови за вакцинација тврдат дека се користи секоја поединечна доза. Речиси никогаш не останува вишок, се вели од таму, бидејќи прецизно се планира колку вакцини ќе се даваат дента. Во поединечни случаи оштетени вакцини биле вратени на компанијата Бионтек/Фајзер и потоа надоместени со нови. 

Мекленбург Предна Померанија

Според информации на Министерството за економија, труд и здравство на покраината во центрите за вакцинација останувале „само малку дози” кои се даваат на лицата следни во приоритетните групи или на медицински персонал. Информации за фрлени вакцини нема. 

Долна Саксонија 

Во Долна Саксонија не може „целосно да се исклучи” дека поединечни дози од вакцината остануваат неискористени, изјави портпарол на тамошното министерство за социјала, здравство и родова еднаквост. Но, тие количини во најкус можен рок потоа се давале на лица од приоритетните групи. Центрите за вакцинација во покраината се обврзани да подготвуваат само онолку количини од вакцините колку што може да бидат и дадени. Од министерството нема информации за фрлени вакцини. 

„Вакцината е единствено решение за излез од Ковид-кризата“

15:47

This browser does not support the video element.

Северна Рајна Вестфалија 

Министерството за труд, здравство и социјални работи на покраината нема информации за фрлени вакцини. Вишокот дози според нив, се дава на лица од најприоритетните групи. Ако и тоа не успее, тогаш координативното тело на локалниот центар за вакцинација одлучува кој ќе ги прими вакцините за да се избегне фрлање. 

Рајнланд Пфалц

Во Рајнланд Фалц исто како и во Баварија точно се документира ако се фрлаат дози од вакцините. 0,3 проценти од вкупно 305.500 дадени дози морале да бидат фрлени, изјави портпарол на Министерството за социјала, труд, здравство и демократија на покраината. „Според нашите сознанија само во поединечни случаи вакцини не можеле да бидат употребени, на пример ако дошло до оштетување при транспортот", се вели од министерството.

Сар

„До сега немало потреба да се уништуваат вакцини", се вели во соседната покраина Сар. Со вишокот дози се вакцинирал персоналот на итната помош, изјавија од тамошното министерство за социјални работи. И лица над 70 години, соработници на центрите за тестирање, персонал од здравствените служби, полицајци или наставници може да се земат предвид при прераспределбата на неискористени дози. 

Саксонија

И во Саксонија се применува повеќестепена постапка која ефективно спречува да се фрлаат дози од вакцините, се вели од Министерството за социјални работи на покраината. Ако останат подготвени, а неупотребени дози се прашува во центрите за нега на стари и изнемоштени лица, амбулантните служби, лекарски ординации или болници. Освен тоа краткорочно се земаат предвид и службите за итна помош или лица од приоритетните групи, особено кога е во прашањевакцината на Бионтек/Фајзер. Вакцините од Астра Зенека и Модерна пак, без проблем може повторно да се замрзнат и да се искористат подоцна. 

Саксонија Анхалт

Министерството за труд, социјални работи и интеграција на Саксонија Анхалт „нема информации за неискористени или фрлени дози од вакцините". Може да се случи дози да се фрлаат заради недоволен квалитет. Но, такви случаи за сега не се регистрирани. Генерално ако има вишок се дава на лица од приоритетните групи, се вели од министерството. 

До вакцина, како на лотарија

01:35

This browser does not support the video element.

Шлезвиг Холштајн

И во Шлезвиг Холштајн “не се регистрирани случаи на фрлање на вакцини”, вели портпарол на покраинското министерство за здравство. Со оглед на тоа дека количината на потребни вакцини се пресметува краткорочно и континуирано се следи колку се складирани, речиси и да не остануваат вишок вакцини. Тие пак се даваат според приоритетните групи, односно се нудат на спасувачките служби, лекарски ординации или на соработници во центрите за вакцинација. 

Тирингија

„Во Тирингија не се складираат вакцини, ниту се фрлаат неупотребени, ниту пак ни остануваат вишок", е јасниот одговор на Министерството за социјални работи на Тирингија. Таквиот резултат се должи на систем за краткорочна распределба на вакцините. До сега испорачаните дози од Модерна биле комплетно потрошени. Од вакцините на Бионтек/Фајзер дел се чуваат за втората доза. Вакцинирањето со Астра Зенека ќе се засили по добивањето поголеми количини. 

Како германски фирми профитираат од корона-вакцинацијата

02:17

This browser does not support the video element.

Заклучок

ДВ: Кристијан Линднер наведува дека вакцините се фрлаат или стојат наоколу и тоа води до заблуда. Тоа не е сосем погрешно, бидејќи нашата истрага покажа дека тоа навистина се случило во неколку наврати. Но, онака како што Линднер ги претставува работите во моментов не одговара на фактичката состојба. Во многу покраини воопшто не се фрлаат вакцини, во некои се само мал број и во некои воопшто нема податоци за тоа. Кога морало да се фрлаат вакцини главната причина била проблеми со складирањето или со квалитетот на вакцината. Нашата истрага се потпира главно на информации и податоци од ресорните министерства, независни извори за употребата на вакцините во центрите за сега нема. Но, прашања во произволно одбрани општини покажаа слична слика. Нашата истрага не покажа дека во центрите има големи количини вакцини кои не се користат или пак неупотребени се фрлаат. 

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми