1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудство

Се шири истрагата за плацевите на Водно

ДТЗ
23 март 2021

По наредба на Обвинителството  се вршат претреси на неколку локации и во повеќе објекти во рамки на истрагата за „Плацевите на Водно“

Ungarn Budapest Nikola Gruevski früherer Ministerpräsident Mazedonien
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/Z. Mathe

Се проширува истрагата за плацевите на Водно на експремиерот во бегство, Никола Груевски. Трагите ги одведоа истражителите до неколку нови странови на Груевски, за кои се смета дека се купени со пари од членарините на сопартијците. Медиумите јавуваат дека претреси биле извршени на локација во близина на МВР. Од Обвинителството ги потврдуваат информациите за претреси, но не споделуваат детали.  

„Денеска е извршен претрес во повеќе објекти. Претресот е во рамки на истражните дејствија во предметот во јавноста познат како ‘Плацеви на Водно’. Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција продолжува во континуитет да презема дејствија во насока на целосно расчистување на предметот“, велат од Обвинителството. Во меѓувреме Груевски се огласи од Будимпешта. Тврди дека нема никакви скриени имоти и станови. Смета дека целта е да биде обвинет за некаков скриен имот, а со тоа и за перење пари.

Колку станови се откриени?

Во фокус на интересот на истражителите биле новооткриени станови на Груевски, кои не гласеле на негово име. Информацијата за „Сакамдакажам“ ја потврдува шефицата на ОЈО за борба против организиран криминал и корупција, Вилма Русковска. Порталот пишува дека станува збор за три нови стана, а еден од становите за кои има сомневања дека се стекнати незаконски, гласи на име на една од секретарките на Груевски. 

-повеќе на темата: Последниот удар на Никола Груевски за ВМРО-ДПМНЕ

Телевизијата „Телма“ објави дека е извршен претрес во четири станови поврзани со екс-премиерот Никола Груевски. Во становите се барала документација и други докази поврзани со истрагата. Според сознанијата на Телма, сите станови се наоѓале во засебен дел на зградата во Црниче. Двата стана се воделе како сопственост на мајката на Никола Груевски и биле поврзани. Третиот стан се водел како сопственост на жена од Скопје, додека 4-тиот според Катастарот бил во сопственост на приватна фирма.Трагите на истрагата воделе и во Прилеп, каде е извршен претрес во куќа сопственост на поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески.

За Груевски досега се зборуваш дека има два стана на „Бихаќка“ на име на мајка му, како и стан во Капиштец, исто така на име на мајка му.

-повеќе на темата:  Приведен кумот на екс-премиерот Никола Груевски

Експремиерот кој е во бегство во Унгарија, е осомничен дека со донации за ВМРО-ДПМНЕ,  купувал плацеви на Водно. Над еден милион и триста илјади евра донации од фирми и членови на партијата, наместо во партиската каса, завршиле во атрактивни плацеви на Водно, кои тој како лидер на партијата ги купувал. Сето тоа се случувало во периодот од 2006 до 2012 година. Шемата одела преку Белизе. Во периодот од октомври 2012 до септември 2013 година, со парите купувал градежно земјиште на Водно преку фирма-ќерка на фирма од Белизе. Станува збор за земјиште од 11 000 квадратни метри.

За „Плацевите на Водно“ осомничен е и бизнисменот Орце Камчев, на кој пред десетина дена му беше одреден притвор, поради опасност од бегство. Второосомничен е Сашо Мијалков, а третоосомничен е Ристо Новачевски.

Груевски се огласи од Будимпешта

„Репресивните органи на власта, речиси две и пол години по моето заминување од Македонија и добивање азил во Унгарија, во 6 часот изутрина упаднаа во станот каде живеат моите две деца и сопругата со цел да извршат претрес .Немале потреба да прават такви вознемирувања на моето семејство и особено на децата, бидејќи што и да побарале ќе им било дадено. Освен ако тоа вознемирување не било една од целите“, реагираше Груевски на Фејсбук.

Тој вели дека со години наназад користел два стана во сопственост на неговата мајка купени на кредит пред дваесетина години. „Покрај тоа, во одреден период имав извршено и закуп на два други стана на истиот кат каде живеев, а од кои имав потреба, и кои се со помала квадратура, за што поседувам договор за закуп од сопственик со кој немам никаква поврзаност. Не постои ништо друго надвор од тоа. Не постои никаков скриен имот, стан или земјиште. Ниту сум купил, ниту платил, ниту продал какво било земјиште, стан или друг движен и недвижен имот, што впрочем може да се провери и во Катастарот“, вели Груевски.

Тој демантира дека мајка му поседува стан во Аеродром, а тврди и дека не се точни информациите дека еден негов стан е на име на негова секретарка.

„На памет не ми паднало да земам пари од партијата или членарини од членството за да купувам имот. Впрочем ако целта ми била да живеам во голема удобност, имав можност како премиер заедно со семејството да се преселам и десетина години да живеам во многу поголема, побезбедна и поудобна државна вила, што не го направив“, вели Груевски, кој тврди дека „подолг период власта врши притисок, уцени и закани врз лица да ги натераат да бидат лажни сведоци дека нешто што е нивно или нечие“, било негово.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми