1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Се шири истрагата за тероризам и поттикнување омраза

Александар Методијев/бета/тањуг/миа15 август 2014

Поглаварот на Исламската заедница на Косово, муфтијата Наим Трнава, е под истрага на косовската полиција, како дел од истрагата за лицата вклучени во борбите во Ирак и Сирија.

Фотографија: Reuters

Ваквата информација ја објави приштинската телевизија КТВ. Поглаварот на косовската Исламска заедница се нашол под истрага поради примање финансиски средства од сомнителни организации и именување и задржување во служба на сомнителни имами. Претставниците на Исламската заедница на Косово, кои се задолжени за односи со јавност, не сакаа веднаш да ги коментираат изнесените информации.

Се дознава и дека под истрага се и имамите од Призрен, Качаник, Генерал Јанкович и Драгаш. Вчера во Косово беше уапсен уште еден инспиратор на џихад, имамот од џамијата „Ел-Кудус“ во Гнилање, Зекерија Ќазими. Осомничениот имам не бил најден дома, туку сокриен во возило во планинското подрачје во близина на куќата. Нему и на друго уапсено лице им е одреден 48-часовен притвор.

Во понеделникот утрото беа уапсени 40 лица ширум Косово. Основниот суд во Приштина ним вчера им одреди 30-дневен притвор. Притворените се осомничени за три кривични дела: организирање и учество во терористички групи, поттикнување на омраза или национална и расна нетрпеливост; и регрутирање за тероризам.

Осомничените вчера добија 30-дневен притворФотографија: Reuters

Петмина од обвинетите веќе признаа дека биле во Сирија, но негираат дека учествувале во борби или дека биле дел од некоја терористичка организација. Другите уапсени ги отфрлија обинувањата дека биле дел од терористичките организации „Исламска држава“ и „Ал-Нусра“. Обвинителството во средата (13.08.) соопшти дека вкупниот број на осомничени за тероризам во Косово се искачи на 96.

Движењето „Самоопределување“ оцени дека е штетна еуфоријата од апсењето на овие косовски граѓани. Во соопштението од ова движење се наведува дека во таа еуфорија „посебно учествуваат режимските медиуми“. „Обвинителството и правосудството, полицијата и Косовската разузнавачка служба, но и Владата, се познати по скандали и неодговорност, корупција и по тоа дека не треба да брзаме и аплаудираме на некој процес на кој не му се знае добро ни почетокот, а посебно не и крајот“, стои во соопштението од „Самоопределување“.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми