1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

СЗО бара „тестови“, но имаат ли сите држави ресурси за тоа?

БГ /АФП
30 март 2020

Јужна Кореја добива многу пофалби за масовното тестирање на граѓаните од коронавирус. И многу други земји би сакале да тргнат по истиот пат. Но не можат.

Berlin Patient testet selbst auf Coronavirus
Фотографија: Reuters/F. Bensch

„Тестирајте, тестирајте, тестирајте“. Рецептот на Светската здравствена организација (СЗО) за успех во битката против пандемијата на коронавирусот навидум звучи едноставно. Но зошто толку малку држави можат да го следат?

Додека држави како Јужна Кореја добиваат пофалби за нивните одлучни напори за контрола на ширењето на Ковид-19 со масовни тестови, експертите велат дека многу други земји не можат да го следат тој пристап.
Шефот на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус го призна тоа во понеделникот кога кажа дека „некои земји немаат доволен капацитет да ги спроведат овие офанзивни мерки“.
Но неговата порака останува иста: „За да победиме, мораме да го нападнеме вирусот со агресивни и насочени мерки- тестирање на секој сомнителен случај, изолација и нега на секој потврден случај, и пронаоѓање и карантин за секој близок контакт“.

Корејскиот метод
Постојните тестови, наречени РТ-ПЦР, се дизајнирани да го откриваат вирусот во респираторни примероци од брисеви од нос или грло, врз база на генетска анализа. Резултатите можат да бидат готови за неколку часа. 

- Брзото тестирање е најдобра заштита

Но нивото на тестирање се разликува од земја до земја.
„Се зависи од нивото на развиеност на земјите“, вели Антоан Флахол, специјалист за јавно здравје и епидемиологија на Универзитетот во Женева.
Јужна Кореја во еден момент беше најтешко погодена земја од коронавирусот покрај Кина. На предизвикот одговори со масовни кампањи со околу 300 илјади тестови. Сите заразени беа ставени во карантин, а паралелно беше воведена и амбициозна програма за следење на луѓето со кои биле во контакт преку видео мониторинг, користење на банкарски картички и смартфони. Како резултат на тоа, бројот на нови случаи падна на под 100 дневно.
Агресивната стратегија на тестирање се исплатеше и во Сингапур, иако градот-држава неделава најави целомесечно затворање на барови и забрана за масовни собири. Обете земји притоа избегнаа целосни мерки на изолација кои се воведуваат во многу други држави, и притоа имаат тешки економски и социјални последици.

Пресудно искуство
Европските земји не тестираат толку како Јужна Кореја, и најчесто се фокусираат на луѓе кои доаѓаат во болница со тешки симптоми.
Флахол вели дека проблемот не е во волјата да се тестира, туку во недостатокот на потребните материјали. 
„За земји како Франција и Швајцарија, проблемот деновиве е недостатокот на реагенси, а не машини или човечки ресурси“, вели тој. 

- Коронавирус: Со тестови против тајната на бројот R

Зошто Јужна Кореја и Сингапур ги немаа тие проблеми? Францускиот виролог Ане Гофар вели дека тие го искористиле искуството од соочувањето со други епидемии предизвикани од други коронавируси- имено САРС, кој се појави во 2002, и МЕРС една деценија подоцна. Тоа им овозможи да бидат подобри подготвени и екипирани, вели таа, додавајќи дека многу европски земји во иднина ќе мора да размислат за своите производни капацитети.
Германија, која има капацитет да изведува околу 160 илјади тестови неделно „се чини дека е поавтономна“, вели Гофар. Во посиромашните земји, границата за тестирање е повисока.

Сакаме, но не можеме

Во Филипините, специјалистот за инфективни болести Едсел Салвана вели дека тестирањето ги пренасочува и онака малите ресурси од другите витални потреби, како опремата за лична заштита за здравствените работници.

Во реакција на Твитер во вторникот, тој протестираше поради фокусот на тестирање: „СЗО ова е криминал“, барајќи посуптилен пристап кон нациите со слаби ресурси.
„Се восхитувам на она што го стори Јужна Кореја и, и јас би го сторил истото доколку имавме толку пари и ресурси. Но немаме, а моите колеги наместо маски за заштита користат кеси за ѓубре“, вели тој.

Откако Франција не изврши тестови на почетокот на епидемијата, сега планира да изврши масовен скрининг откако ќе завршат мерките на изолација. Тоа би можело да се стори преку нов вид тестови, познати како серолошки скрининг (дијагностика на антитела). Овој процес тестира примероци на крв за присуство на антитела поврзани со некој вирус или бактерија. Се користи за да се открие дали имунолошкиот систем реагирал на вирус и дали развил имунитет.
Неколку тимови во светот развиваат серолошки тестови за коронавирус и францускиот министер за здравство Оливие Веран се надева дека тие ќе бидат на располагање за неколку недели.

Кој пристап е најдобар?

Во анализа објавена во весникот Вашингтон пост, американскиот епидемиолог Марк Липсич вели: „Најдобрата стратегија најмногу зависи од тоа на кое ниво на епидемијата сте и колку тестови се на располагање“. Додава дека земјите како САД ја поминале точката од која можеле да ги следат поединечните случаи. Но тој вели дека иако изолациските мерки се потребни за да се стави епидемијата под контрола, „мораме многу да ги прошириме нашите капацитети за тестирање“.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми