Задолжителна вакцинација против ковид – последно средство
ЖА
7 декември 2021
За да се стави под контрола пандемијата на коронавирус, во европските земји засилено се дискутира околу задолжителна вакцинација. СЗО со јасен став за темата.
Реклама
Мерките за задолжителна вакцинација се „апсолутно последно средство и треба да се применуваат тогаш кога ќе бидат исцрпени сите други можни опции за подобрување на вакциналната кампања“, изјави Ханс Клуге, регионален директор за Европа на Светската здравствена организација на онлајн прес конференција во Копенхаген. Клуге се осврна и на најновата Омикрон варијанта на коронавирусот, истакнувајќи дека уште не се знае колку е таа заразна и опасна. До вчера, 6 декември, се регистрирани 423 случаи на Омикрон во 21 членка на СЗО.
Клуге повика и на подобра заштита на децата од ковид, оние во старосната група од 5 до 14 години засега се најпогодени од инфекцијата.
Во Австрија, со оглед на рапидно растечкиот број на новоинфицирани во изминатите месеци, од февруари треба да важи општа обврска за вакцинирање против корона. Според медиумски извештаи, невакцинираните ќе се соочат со казна од 600 евра на секои три месеци, а на удар ќе бидат сите над 14 години. Исклучок важи за помладите, за бремени жени, луѓе со лекарска потврда дека не смеат да се вакцинираат, како и оние со потврда дека во изминатите шест месеци ја прележале инфекцијата.
Од вкупно девет милиони жители, во Австрија досега со две дози се вакцинирани 68 проценти.
Вакцини- адути на човештвото против Ковид-19
Глобалната кампања за вакцинација против Ковид-19 зема сѐ поголем замав. Во различни земји, создадени се или на повидок се вакцини, кои сега се главно оружје на човештвото во справувањето со пандемијата.
Фотографија: Francis Dean/Dean Pictures/imago images
Бионтек/Фајзер: почеток на иРНК-револуцијата
Првата вакцина против Ковид-19, одобрена за употреба во САД и во ЕУ, беше вакцината на германските научници со турски корени Угур Шахин и неговата сопруга Озлем Туречи. Нивната фирма Бионтек од Мајнц влезе во сојуз со американскиот гигант Фајзер. Медиумите почнаа да зборуваат за „револуција“ во фармацевтската индустрија, откако е создадена првата иРНК вакцина.
Фотографија: Francis Dean/Dean Pictures/imago images
Модерна: родум од универзитетот Харвард
Американската компанија за биотехнологија Модерна е специјализирана и за РНК технологии, кои се сметаат за нов чекор во медицината. Нејзиното седиште се наоѓа во Кембриџ, Масачусетс, во близина на универзитетот Харвард, чии научници ја основаа компанијата во 2010 година. Вакцината на Модерна, создадена со финансиска поддршка од властите, беше втората корона-вакцина регистрирана во САД и во ЕУ.
Фотографија: Matthew Healey/AFP/Getty Images
АстраЗенека: „Оксфордската вакцина“
Научниците од Универзитетот Оксфорд во соработка со британско-шведската компанија АстраЗенека вршеа клинички испитувања и производство на нивната вакцина. Таа во голема мерка се користи во Велика Британија, ги исполнува условите во ЕУ и активно се користи во земјите во развој, бидејќи „вакцината од Оксфорд“ има многу ниска цена. Така, таа се произведува во Индија за локалниот пазар и за извоз.
Фотографија: Channi Anand/AP/picture alliance
Спутник V: првата одобрена вакцина во светот
Во август 2020, Русија објави дека прва во светот регистрирала вакцина против коронавирусот наречена Спутник V. Масовната вакцинација на руското население официјално започна во јануари 2021. Оваа векторска вакцина, изработена од научниците од Московскиот центар Гамалеја, се промовира на странските пазари од страна на Рускиот фонд за директни инвестиции.
Фотографија: Aizar Raldes/AFP/Getty Images
Џонсон и Џонсон: доволна е една доза
Американска корпорација Џонсон и Џонсон е еден од шесте производители на корона-вакцини со кои ЕУ склучи прелиминарни договори за снабдување. Од нејзината векторска вакцина потребна е само една доза, а не две како останатите и се чува во конвенционални фрижидери. За ЕУ оваа вакцина, која доби дозвола за употреба на 11.03. ќе ја произведува белгиската сестринска фирма на Џонсон и Џонсон - Јансен.
Фотографија: Johnson/AP/picture alliance
Синовак: тивкиот конкурент од Кина
Без многу врева и детални извештаи за клиничките испитувања, Кина разви најмалку три вакцини. Една од нив, создадена од деактивиран коронавирус, Синовак Биотек ја тестираше во неколку азиски земји, вклучувајќи ја и Индонезија, која потоа веднаш ја нарача. Да им даде пример на своите сонародници, претседателот на Индонезија, Џоко Видодо, прв се вакцинираше.
Фотографија: Laily Rachev/Biro Pers Sekretariat Presiden
Синофарм: Првата кинеска вакцина
Станува за вакцина со „деактивиран“ вирус која државната компанија ја разви во соработка со Институтот за вирологија од Вухан. Овој вид на вакцини се користи веќе со децении, со добри резултати во пракса. Вакцината која веќе се користи во Србија и во Унгарија, беше првата која доби одобрение за употреба од кинеските власти.
Американската фармацевтска компанија Новавакс објави дека нејзината вакцина е 96 процентно ефикасна против оригиналниот вирус и 86 проценти против британскиот сој. Тоа произлегува од студијата што Новавакс ја спроведуваше во Велика Британија. Вакцината може да биде одобрена за употреба во САД уште во мај, доколку властите утврдат дека податоците од Велика Британија се доволни, соопшти компанијата.
Фотографија: Justin Tallis/AFP/ Getty Images
КјурВак: Печатач за вакцини на Тесла
Втората германска иРНК вакцина, која се очекува да биде регистрирана до лето, ќе биде произведена и извезена на глобално ниво од компанијата КјурВак од Тибинген, во партнерство со концернот Баер. Но, ќе биде можно таа да се направи директно во клиниките ширум светот. Елон Маск (втор од лево) демонстрираше мобилен печатач на вакцини создаден од германската сестринска фирма Тесла Громан.
Фотографија: picture-alliance/dpa/T. Schwarz
Санофи: два неуспеха и помош за Европска унија
Француската компанија Санофи е еден од најголемите светски производители на вакцини. Но, овојпат тоа не и' успеа - двапати: ни заедничкиот развој со британската ГлаксоСмитКлајн, ниту обидот за создавање иРНК вакцина досега не дадоа резултати. За да помогне во обезбедувањето на вакцини за земјите од ЕУ, нејзината фабрика во Франкфурт на Мајна ќе произведе 125 милиони дози од вакцината на Фајзер.
Фотографија: C. Stoll/Sanofi
10 фотографии1 | 10
Зголемувањето на потврдените случаи на зараза моментно и во Германија ја разгореа дебатата околу задолжителна имунизација против Ковид-19. Идниот германски канцелар Олаф Шолц неодамна најави дека владината коалиција наскоро ќе покрене постапка за донесување закон за обврзно вакцинирање против корона, а секој пратеник во Бундестагот треба да се изјасни ослободен од „партиски диктат“, според својата совест.
Во Германија, според податоците доставени до Институтот „Роберт Кох", комплетно вакцинирани против ковид се 69 проценти од населението.
На иницијатива на новата владина коалиција, во германскиот Бундестаг од денеска се води дебата околу мерките за сузбивање на пандемијата, вклучувајќи ја и од неодамна планираната задолжителна имунизација за одредени категории вработени, како персоналот во старечките и домовите за нега на лица. Според законскиот предлог, тие до 15 март треба да приложат доказ дали се вакцинирани или ја прележале инфекцијата или пак не можат да се вакцинираат од здравствени причини. Измените во Законот за инфективна заштита треба да бидат донесени в петок во Бундестагот и потврдени во Бундесратот.
Во Франција, Италија, Велика Британија и Грција веќе постои задолжителна вакцинација за вработените во здравството.