СЗО: Рекорден број новозаболени од коронавирус за еден ден
ЖА / агенции
22 јуни 2020
Светската здравствена организација регистрира рекордно зголемување на бројот на новоинфицирани лица со коронавирус во светот. Билансот на починатите од коронавирус во Бразил надмина 50.000.
Реклама
Вкупниот број на нови инфекции во еден ден, велат официјалните податоци, изнесува 183.020 случаи. Според дневниот извештај на Светската здравствена организација за вчера, 21. јуни, во Северна и Јужна Америка се регистрирани најголем дел од новите инфекции- преку 116.000 случаи. Во целиот свет, објави СЗО, постојат преку 8,7 милиони лица кои се заболени од вирусот, а повеќе од 461.000 починале како последица од Ковид-19. Досега најголем број на дневно регистрирани случаи на новозаразени од избувнувањето на пандемијата имаше на 18 јуни – 181.232.
Бразил, втората земја во светот по САД која е најтешко погодена од пандемијата на коронавирус, официјално го премина прагот на 50.000 смртни случаи поврзани со Ковид-19, што претставува сериозен удар во ситуација кога земјата бележи повеќе од еден милион случаи на инфекција со коронавирус.
Во Бразил моментно има 1.085.038 потврдени случаи на заразени со коронавирус, што е за 49.976 повеќе од претходниот ден, соопшти Министерството за здравство. Експертите велат дека реалниот број е дури и поголем затоа што нема доволно тестирања.
Најголемата земја во Латинска Америка обично бележи 1.000 смртни случаи на ден, но бројките обично се помали за време на викендите. Бразил го забележа првиот случај на коронавирус на 26 февруари, а во петокот бројот на заразени надмина еден милион.
Пет совети за подобро физичко и ментално здравје во корона-кризата
Вакцина нема, лек исто така. Експертите, во моментов, не се сигурни ни дека оние кои оздравеле од Ковид-19 се целосно заштитени од нова инфекција. Затоа е препорачливо јакнење на личниот имунитет среде пандемијата.
Фотографија: Fotolia
Здрава исхрана
Докажано е дека здравата исхрана го намалува ризикот од хронични болести како што се проблемите со циркулацијата, дијабетисот или со дебелината. Исто така, со здрава исхрана се намалува и ризикот од депресија и од анксиозност. СЗО потсетува - но тоа важи и без пандемија - дека треба да се остават алкохолот, цигарите и сите останати дроги
Фотографија: picture-alliance/dpa/V. Heinz
Добар сон
Додека спиеме, телото вредно работи: келиите се обновуваат, се отстрануваат отровите, се зацврстува помнењето. Како што покажаа истражувањата, недостатокот на сон влијае не само на физичката состојба, туку и на психичката. Недостатокот на сон нѐ прави поподложни на хронични болести. На поголемот број луѓе им се доволни 6 до 9 часа сон, но важно е да се спие во одреден ритам.
Фотографија: Colourbox
Движење и вежбање
Движењето го исполнува телото со „хормоните на среќа“. Тоа овозможува подобро спиење, ги намалува стресот и стравовите, го зајакнува помнењето. Движење и спорт, па макар и дома - најмалку 30 минути дневно. Тренерите велат дека не важно како ќе ги поделите тие минимални 30 минути - можеби по 10 минути наутро, напладне и навечер? Кога можете излезете на свеж воздух.
Фотографија: picture-alliance/dpa/B. pedersen
Одржување на контактите
Пријателите во овој период на социјална изолација поради коронавирусот се поважни од кога било. Социјалните мрежи се докажано добри за здравјето. Бидејќи излегувањата и собирите сега не се можни, речиси сѐ се одвива на интернет. Но, подобро така отколку никако.
Изолацијата можеби е шанса да се заборави на светот и на надворешните вести. Размислите, што сакате веќе подолго да направите но никако не стигнувате? Нешто во градината, да испробате нов рецепт, да научите да плетете, да прочитате некоја книга која веќе подолго ве гледа обвинувачки од полицата? Сега е идеално време за тоа.