СЗО се надева на крај на пандемијата во 2022 година
Кристијан Валц
22 август 2020
Светската здравствена организација објави насоки за носење маски во борбата против пандемијата на коронавирус. СЗО се надева дека пандемијата ќе заврши за две години.
Реклама
„Децата над дванаесет години би требало да носат заштитни маски под исти услови како возрасните, особено ако не е можно да се одржи минимум растојание и доколку стапката на инфекција во регионот е висока“, се вели во новите насоки што Светската здравствена организација ги објави во соработка со УНИЦЕФ.
Се’ уште има нејаснотии околу улогата на децата во пренесувањето на коронавирусот, оценува СЗО. Има низа укажувања дека малите деца се помалку приемчиви за корона-инфекција отколку возрасните, но други податоци укажуваат на тоа дека тинејџерите при пренесувањето на коронавирусот „играат покативна улога отколку помалите деца“.
Децата на возраст под пет години, според СЗО и УНИЦЕФ, не би требало да носат заштитни маски, зашто тоа било во општ интерес на децата и нивната безбедност. И за децата со пречки во развојот или хендикеп не би требало да важи обврската за маски, нагласуваат СЗО и УНИЦЕФ.
Што се однесува до децата помеѓу 6 и 11 години, носењето маска може да има смисла, како на пример во региони кои се тешко погодени од пандемијата или при контакт со лица од ризични групи. Во таков случај, меутоа, во билизина би требало да има лице за надзор, за да им се помогне на децата за безбедно користење на маската.
Крај на пандемијата во 2022?
Шефот на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејезус се надева дека „оваа пандемија ќе заврши за помалку од две години“. Со помош на „максимално искористување на средствата кои стојат на располагање“ и надежта за вакцина, тој смета дека пандемијата може да заврши побргу отколку Шпанскиот грип, кој избил во 1918 година. Од Шпански грип во рок од две години, според груби проценки, во светот починале околу 50 милиони луѓе.
Корона: Училишна настава со пречки
Во многу земји повторно расте бројот на новозаразени со коронавирус. Тоа во светски рамки ги става и училиштата пред големи предизвици. Како различни земји се справуваат со проблемот?
Фотографија: Getty Images/L. DeCicca
Тајланд: Настава зад пластична преграда
Околу 250 ученици од училиштето „Ват Клонг Тој“ во Банкок мораат за време на часовите да седат зад пластични прегради. Покрај тоа мора да носат и заштитна маска. Пред секоја училница се наоѓа мијалник и сапун, апарати за мерење температура се поставени на училишниот влез. Строгите мерки покажуваат резултати: од средината на јули во училиштето нема нови инфекции.
Фотографија: Getty Images/L. DeCicca
Германија: Почеток на учебната година со заштитни маски
Учениците во Основното училиште „Петри“ во Дортмунд се пример за начинот на кој со пандемијата се справува најбројната германска сојузна покраина-Северна Рајна Вестфалија. Во сите училишта важи обврска за носење маска. За разлика од останатите 15 покраини, тука маска мора да се носи и за време на часовите. Какви ќе бидат последиците, не може да се процени, учебната година започна на 12. август.
Фотографија: Getty Images/AFP/I. Fassbender
Палестина: Училиштата конечно отворени
И во ова училиште во Хеброн во Западниот Брег, околу 30 километри јужно од Ерусалим, повторно почна настава. Исто така со обврска за маски, а во некои случаи и гумени ракавици. Радоста на наставничката поради почетокот на учењето е забележлива, без оглед на маската. Училиштата во Западниот Брег беа затворени од март. Хеброн се сметаше за епицентар на заразата со коронавирус.
Фотографија: Getty Images/AFP/H. Bader
Индија: Настава преку разглас
Посебна понуда во ова училиште во селото Дандвал во западната индиска држава Махараштра: на учениците кои немаат пристап кон интернет, им се нуди еден вид дополнителна настава за да го надокнадат пропуштеното. Учениците часовите ги одржуваат на отворено, наставниците им се обраќаат преку разглас, со претходни снимки. Оваа индиска држава беше посебно силно погодена од заразата со коронавирус.
Фотографија: Reuters/P. Waydande
Конго: Без измерена температура, нема училиште
Надлежните во престижниот кварт Лингвала во главниот град на државата, Киншаса, сериозно ги сфаќаат мерките за сузбивање на пандемијата на коронавирус. На секој ученик кој ќе стапне во училишниот двор на училиштето „Отец Ким“, прво му се мери телесната температура. Постои обврска за носење маска.
Фотографија: Getty Images/AFP/A. Mpiana
САД: Рекорден број регистрирани со коронавирус
И во САД мерењето телесна температура спаѓа во секојдневниот ритуал на учениците како една од мерките за сузбивање на коронавирусот. Земјата е тешко погодена од корона-кризата, има најголем број починати како последица на Ковид-19.
Фотографија: picture-alliance/Newscom/P. C. James
Бразил: Прегратка за намалување на маките
Маура Силва е наставничка во училиште во западниот дел од Рио де Жанеиро, кон кое гравитираат најголемите сламови на милионската метропола. За барем малку да ја намали болката на своите штитеници, таа развила еден вид „престилка за прегрнување“. Овде е во домашна посета на еден свој ученик и му помага да навлече пластични ракавици пред да може да го прегрне.