1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Литература

Силата на литературата

29 јули 2019

Парадоксално, интернетот ги вовлекува луѓето во уште поголема осаменост. Само што осаменоста во виртуелниот свет на интернетот не го доближува оној свет на фантазијата и на творечката слика, кој го нуди само литературата

Mazedonien Kica Kolbe Schriftstellerin
Фотографија: Privat

„Вистинскиот живот, оној што е конечно пронајден и доведен на виделина,  оној единствениот од нас вистински живеен живот, всушност,  е литературата,“ напиша пред речиси еден век великанот на француската книжевност, Марсел Пруст. Небаре сушноста на човекот да е токму во писмото, во книжевноста и во читањето. Од генерација на генерација, од род на род, од народ на народ, од култура на култура. Навистина, сета историја е писмо, запис, паметење и сведоштво. Затоа ги паметиме само оние култури од минатото, кои поседувале писмо и во него оставиле сведоштва за себе. Но, литературното писмо е многу подлабоко сведоштво и од историскиот и од археолошкиот запис. Додека тие сведоштва се неми, литературата има сила да говори со гласот, со музиката, со мелодијата на животот. Уметноста на пишаниот збор ја има силата да „го повика“ или да го „воскресне” (Пруст)  повторно животот, потонат во минливоста и во молкот на смртта, на виделината на денот. Неговата синестетска творечка дарба, му дозволуваше во миризмата на цветот на дивите рози да го доживее повторно некогаш живеениот миг, со сите сетила. Меѓу страниците на книгата е сочуван и ветрот и миризбата и зборовите и погледите на тие што биле со него тој ден, пишуваше Пруст. Затоа тој беше уверен дека само  литературата е вистинскиот живот. Во тоа има длабока вистина. Во богословска смисла, ветувањето на вечниот живот е „вечно паметење во Царството небеско“. Да се живее, значи да не‘ памети Бог. Пруст трага во литературата токму по тој супстрат на вечноста во  најкревкото и најминливото – времето  на еден човечки живот. Тој ја допира тајната на траењето на времето  во литературата, која има сила да се спротивстави  на минатото како  „фурија на исчезнувањето“ (Хегел). „Има толку нови светови, колку и големи уметници“, сметаше Пруст. Но, дури и кога творецот создава целосно нова слика за животот само од сопствената фантазија, тој и тогаш доведува на светлината на денот живот и свет, личности и настани.

Фотографија: Fotolia/olly

Од приказни сме составени ние луѓето, приказна е сето човечко паметење и во приказна завршува животот на секој од нас. Литературата,  била таа голема или мала, навистина има длабока врска со всушноста на „житејското време  човеково“ и со неговата минливост. Блескав пример за тоа, секако, е делото на Марсел Пруст. Неговото доживување на литературата беше речиси мистично. Тој во буквалната смисла живееше во литературата и за пишувањето. Петнаесет години, од смртта на мајка му 1905-тата, до 1922-та, кога тој умира, Пруст живееше активно само во ноќта. Тогаш пишуваше на својот животен опус, лежејќи в кревет. Тешката астма го врза постојано за креветот. Пишувањето на неговото животно дело, „Во потрага по изгубеното време“, беше буквално неговото време на живот. Кога сите други, пријателите и роднините спиеја, тој им пишуваше долги писма. Кога тие се будеа, тој легнуваше да спие, до следната ноќ. Со право може да се каже дека овој животен податок за Пруст е лајтмотивот на секое творечко писмо. Писателот е навистина „бдеачот", дури и кога тој пишува дење. Тој е оној што бдее пред тајната на животот. Тој е оној што во мигот на записот го запира времето. Ама ноќта, молкот во кој е потонат сиот свет, е силна алегорија за минливоста и замреноста на животот во смртта. Ноќта е творечкото време на писателите како Марсел Пруст и Франц Кафка. И Кафка пишувал долго во ноќта. Во една таква пробдеена ноќ го напишал расказот „Преобразба“.

„Еден ден прочитав една книга и таа го промени  сиот мој живот". Тоа е прочуената реченица со која почнува романот на Орхан Памук, „Новиот живот“. Повторно, како и кај Пруст, Памук гради во овој роман мистична потрага по една книга и една жена. Таа приказна сведочи за силата на книгите да го   преобразат човека, споредлива само со преобразбата во вљубеноста.

„Читачот е срцето на светот“

Читачот, навистина е вљубеник во писмото и приказната. Затоа не е чудно зошто и  еден од најстарите списи за силата на приказните - оној за Шехерезада и за суровиот владетел – е сведоштво за силата на литературата и на љубовта. Ама за да ја откриеме силата на  приказните, некој треба  најнапред да ни‘ ги раскаже кога сме деца. Кога самите уште не умееме да читаме. Затоа е толку значајно некој друг да им чита на децата уште од најраната возраст. Најдобро е кога тоа се родителите, бабите и дедовците, воспитачките  во детската градинка. Бабите и дедовците, доколку се надарени раскажувачи и сонувачи, можат  рано да ја разбудат фантазијата кај нивните внуци. Паметам, на едно литературно читање во Келн го запознав писателот Џингис Ајтматов. Запрашан од еден германски читател, што било најзначајно тој да стане писател, тој одговори: „приказните на мојата „бабушка“! Тие беа најубавото нешто во моето детство. Кога таа пиеше чај, секогаш ми раскажуваше по една приказна. За да ми раскаже уште една и уште една – и да не заспие во пладневна дремка – јас и‘ варев многу чај“,  рече Ајтматов со  блага насмевка. Писателите се, пред се‘, читачи. „Читачот“, вели еден исто толку голем раскажувач, Петар Хандке, „е срцето на светот.“ 

Приказните што ни‘ биле раскажани во детството се првиот допир со магијата на раскажувањето. Затоа бајките и митовите имаат драгоцено место во создавањето на првата слика за светот кај децата. Но,  дури читањето на детето му го подарува клучот за неговата лична потрага по приказни во литературата. Во еден миг од животот секој од нас сознава токму преку книгите дека сиот наш живот е писмо, кое не можеме најдобро да го разбереме, ако не го прочитаме низ сведоштвата на тие што го живееле пред нас. Најубаво е ако тоа го сознаеме рано, уште во детството. Ако уште во детството  му се предадеме  толку силно на читањето, за тоа да стане  нашиот начин на живот. Оти читањето и љубовта за литературата е  навистина начин на живот. Во таа смисла, љубителите на литературата секогаш ќе бидат  едно (избрано) малцинство. Во овој свет на брзите информации, во кој на социјалните мрежи секој се доживува себеси како писател, вистинските вљубеници во литературата ќе стануваат уште повеќе малцинство. Затоа што читањето на книгата е ритуал, кој мора да се култивира, оти се одвива во осаменост и повлеченост од вревата. Парадоксално, интернетот ги вовлекува луѓето во уште поголема осаменост. Само што осаменоста во виртуелниот свет на интернетот не  го доближува оној свет на фантазијата и на творечката слика, кој го нуди само литературата. Важно е да се доживее и сетилноста на книгата, допирот и мирисот, исто колку и нејзината естетска димензија. Убавите книги не пленуваат најнапред со убавите корици. Освен тоа, виртуелниот свет не може само со неколку зборови да го повика пред нас  изминатиот живот во толку жива форма, што ни се чини дека пак  ја мирисаме   грмушката од диви рози од детството, како што тоа се случува во литературата на Марсел Пруст.

„Сѐ почнува со читањето“

За детската фантазија се‘ почнува со приказните, а продолжува со читањето. „Се‘ почнува со читањето“ е и слоганот што ја опишува и работата на германската фондација „Читање“ – Stiftung Lesen. Таа постои повеќе од три децении, со седиште во Мајнц. Од 2017-тата нејзин покровител е германскиот претседател Франк- Валтер Штајнмајер. За него „читањето е извор на радост и можност да се запознаат нови светови.“ Штајнмајер и самиот е голем познавач на литературата и страстен читач.  Оваа фондација, која со своите донации ја помагаат големите германски стопанственици, издавачи и медиумски куќи, во неброени програми го поттикнува читањето кај најмладите. Во посебни иницијативи и програми, доброволци им читаат и на старите кои повеќе не можат самите да читаат. Фондацијата доделува награди со кои се поттикнува читањето кај децата. Секоја година фондацијата  има свој штанд на саемите на книгата во Лајпциг и Франкфурт. Амбасадори на книгата, кои на  саемот на книгата читаат за децата, најчесто се познати писатели, уметници, но и  политичари, како  германскиот претседател Штајнмајер.

Фотографија: picture-alliance/dpa/J. Kalaene

Магијата на книгата

Децата се вљубуваат во книгите лесно, доколку  им се подаруваат и книги, а не само играчки. Кога уште во детството книгата ќе им биде приближена како една од најголемите драгоцености, тогаш тие засекогаш ќе останат вљубеници во неа. Брзо и течно читање најдобро се учи читајќи интересни книги.  Така јас учев брзо читање. А подоцна, во младоста, имаше време кога со моите колеги од студиите, особено во разговорите со Горан Стефановски или со Златко Лечевски, времето го меревме со прочитани книги. Книгите ги читавме во еден здив, без прекин. Една книга, за еден ден. Во седумдесеттите, во Југославија, разговорите за книгите беа во фокусот на интелектуалната и студентската елита. 

Други колумни од авторката:

Ниту робовите не копнеат по протекторат

Македонците - систематични само кога мразат

Улици и за деца - келнски летни медитации

Стравот од јазикот на Другиот

Секако, и училиштето има важна улога во поттикнувањето на читањето и на љубовта за книгите кај децата. Уште го паметам и допирот и мирисот на хартијата  на првата книга што ја добив во основното училиште. Книгата мирисаше на  чиста, недопрена хартија. Од дете го  сакам мирисот на хартијата. Заради книгите, заради писмата и пишувањето, заради читањето. Во социјализмот, на најдобрите ученици на крајот  на годината им се подаруваше книга. Не знам  дали и денес е така во македонските училишта. За мене знам дека тогаш прв пат ја почувствував магијата на книгата. Во секоја новокупена книга го доживувам уште еднаш истиот миг, како тогаш, кога излегов од училиштето во топлиот јунски ден, гордо држејќи ја книгата в рака. Не бев горда на посветата  на нејзината прва страница, напишана од учителката со совршен ракопис: „за одличен успех и примерно поведение“. Се гордеев со книгата! Сакав да ме видат и другите со неа. И да разберат дека во раката држам волшебен предмет. Ме восхити тоа што го насетував во неа. Новиот, за мене целосно непознат свет, скриен меѓу нејзините корици. Затоа толку ги сакав долгите и горешти скопски лета. Не само заради лектирите, кои ги исчитував уште во првите две недели од летниот распуст. Ги сакав летата скопски во моето детство  заради тоа стишано време во топлите попладниња, кога сите дремеа, а јас се криев во некоја одаја или во сенката под дрвјата -  за да читам. Без прекин, најдобро, се‘ до заспивање, без да помислам на јадење и пиење. Кога ќе го завршев читањето на романот, ми се чинеше дека се враќам во реалноста од некој далечен, чудесен свет. Се чувствував како да бев првиот читач во светот. Првиот што ги допрел кориците на тој блескав, непознат свет на литературата. А  светот во книгите потоа ме преобрази и ме направи тоа што сум денес – писателка.

 

 

Кица Колбе Филозофина и македонска и германска писателка.
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми