1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудство

Силна држава или силна власт?!

26 февруари 2021

По (не)бегството на Мијалков, оценката на јавноста е дека државата комплетно потфрли. Но, Владата и нејзините апологети презентираат сосема поинаква слика: Државата е силна, системот созреан, а граѓаните во заблуда.

Ivor Mickovski
Фотографија: Privat

Македонската демократска политичка транзиција често сме ја опишувале како недовршена, што поради слабоста на одредена власт да ги спроведе нужните реформи кон демократизација, што пак поради постоењето на пресилна власт која ја киднапира државата и институциите.

Прашањето е каде стоиме денес по ова прашање?! Имаме навистина силна држава која се соочува со наталожените проблеми или прејака власт која повторно доминира над институциите без способност да ја направи државата функционална.

По случајот со (не)бегството на Мијалков оценката на јавноста е дека државата комплетно потфрли, како што потфрлува во речиси секое свое ветување за промени и правда. Од друга страна, Владата и нејзините апологети презентираат сосема поинаква слика: Државата е силна, системот созреан, а граѓаните во заблуда.

Имаме ли можеби еден сосема поинаков политички меланж денеска, дали нашата политичка власт не наликува на некое „Франкештајновско чудовиште“, создадено од најнепомирливите полтрони и од најлошите политички и криминални делови од општеството, па ова чудовиште од политички систем се мачи да биде и демократија од една страна и режим од друга.

Фотографија: Innenministerium Nordmazedonien

Всушност токму таа недоречност во нашата демократизација, која оди еден чекор напред, а три наназад, не става во ситуација да имаме вака нефункционална власт. Бегството на Мијалков или обидот за некое прочистување на нашите власти од минатите и актуелните криминални политички структури, всушност ја издаваат сета контрадикција на нашата лажна демократизација и наводна реформираност.

Повеќе на темата:

-Во Белата палата, Владата или во Белград - каде се криел Мијалков?

-Се стега обрач околу власта: Тешко со избеганиот, уште потешко со вратениот Мијалков

-Сомнежи, дилеми и неодговорени прашања за „случајот Мијалков“

Како да е поинаку, еве само ако ги земеме последните неколку години на владеење по наводниот пад на режимот. Правдата беше крајно селективна. Половина од Владата се потпира на криминалното и режимско ДУИ кое владее и полошо од порано. За 2/3 мнозинство што преку амнестии, што преку тендери се искористија криминално инволвирани пратеници од опозицијата. Тоа се држеше благодарение и на една тајна коалиција токму со Мијалков. Отворена коалиција се случи со актери како Љубе и Љубчо, се воведоа во системот крими играчи како Бучковски, советници на премиерот или на други институции се поранешни функционери на режимот или озогласени екс-разузнавачи. Забелешките и предлозите на Прибе и Ванхојте комплетно се изневерија. Се создаде институција како СЈО, па таа се расклопи. Се дозволи Груевски да избега со што можноста за правда се претвори во продолжување на културата на неказнивост. Сите ѓаволи и непријатели на народот одеднаш се претворија во владини партнери со кои се споделуваaт заеднички вредности или заедно работат на поголемата слика.

Да се разбереме, некои од овие процеси секако дека беа нужни, па дури и корисни. Но, прочитајте ја оваа нафрлена рекапитулација и помислете на просечниот македонски граѓанин, и ќе разберете зошто тој е разочаран, зошто не верува во државата и институциите или веќе е тотално збунет, ако не и резигниран, од комплетната и постојана промена во наративот, или од постојаната недосленост и неспроведување на ветеното.

Прашањето кое се поставува до оваа власт е очигледната дилема што самата ја има со сама себе - кон што сака да се стреми, еве и после 4 години владеење?! Кон тоа да имаме силна власт со примеси на поблаг режим или навистина функционална држава каде политиката ќе расчисти со криминалот во своите редови и со вродениот инстинкт за приватизација на државата? Бидејќи во моментов, не е баш најјасно каде тераат, односно, според мене, повеќе тераат во насока на системот кој го наследија, отколку кон негово демонтирање.

Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Единственото нешто што делува како силно во оваа држава е извршната власт. Но, тоа не ја прави силна државата во сите свои аспекти и моќи, институции и надлежности, за таа навистина да биде функционална и демократска.

Ја видовте ли системската предиспозиција на нашите властодршци и нивната полтронска свита како реагираа околу случајот Мијалков? Банда газолизачи и култори на личноста: Заев лично координирал акција која тангира судство и обвинителство, Спасовски го насамарил Мијалков - цело време еден-двајца херои ја спасуваат и прават силна државата.

Други колумни од Ивор Мицковски:

-Самит Г7: Бајден сака да ја поврати Европа

-Каде тера eвропската надворешна политика?

-Македонија спушти Железна завеса за вакцините

Но, знаете ли што ја прави силна една држава?! Не ја прават овие демагогии, ниту неколку платени апологети. Силната држава и системот ја прават сите оние бројни луѓе, службеници на државата кои секојдневно работат за нејзино добро. Државата ја прават дипломатите, обвинителите, судиите, војниците, полицајците, функционерите, учителите, лекарите и многу други кои совесно и тивко си ја работат дневната работа без ловорики на главата.

Системот би бил добар кога без разлика на тоа кој е премиер или министер (кои во нормални држави си одат и доаѓаат, и не се вечни) јавниот апарат ќе функционира, ќе се формира, регенерира, реформира и подобрува и сам од себе, затоа што здраво ќе биде поставен.

Ние сме предалеку од такво нешто, па затоа нашиот постојан херој е Заев, а епизодист е Спасовски. Тоа е нивниот ментален и системски хоризонт.

Тоа кажува дека системот не созреал, како што некои сугерираат, туку дека дополнително се расипал. Ако после 4 години владеење, власта и понатаму преговара со своите номинални противници, а во суштина тесни соработници, значи дека не си се ослободил од претходниот систем, туку дека ти како нов господар и понатаму се возиш на тој систем.

Во моментот кога Судот на правдата требаше да стапи на сила, повторно се издаде трулиот театарски систем на преговори и дилови, со цел да се комплетира мизансценот. Таквата правда не е системска правда која доликува на една правна држава, каде институциите работат независно и власта е поделена, туку е театар во кој се гледа дека политиката ги влече сите конци и само таа одлучува, таа договара и таа сведува се на бедни компромиси со цел да создаде привид на правда и правичен систем.

Цело тоа владино и апологетско покажување со прстот кон обвинителството и судот, правдањето на МВР дека немале надлежност како и во случајот со Груевски, е дел од театарот каде една власт не само што глуми лажна демократија и институционалност, туку ја маскира својата политичка семоќ во немоќ пред системските проблеми од кои и самата е дел. За потоа одговорно да констатираат: „Системот мора да почне да функционира ако сакаме да имаме правна држава, во која ќе веруваат граѓаните, тоа мора да го прават не само една, туку сите институции". Во прост превод од комплицираната мисла на Спасовски: Не може само Владата одговорно да работи додека заробените институции од режимот не кочат.

Тоа сакаат да го мислиме и понатаму, дека постојат институции заробени од некого надвор од оваа власт. Во отсуство на реални непријатели, тоа се нарекува измислување на непријатели. А да не збориме дека после 4 години власт таквото алиби е претенко и дека одговорноста на власта е најголема за се што се случува во рамките на еден правен и државен систем.

Сите оние кои би можеле да ги наведеме како непријатели на системот, всушност се дел од системот, некои формално и со владино учество, некои неформално и вонинституционално, но сепак во фул-тајм или парт-тајм соработка со Владата на Заев.

Затоа велам, од овој момент, единствениот режим е власта и таа мора да одлучи дали тоа ќе биде демократски или недемократски режим. Нема длабока држава, нема паралелна мафија, нема криминалци надвор од владините кругови, мафијата е државата, а државата е власта.

Засега, вие сте контиунитет на криминалната држава, вие сте нормализатори на режимот, вие сте продолжувачи на делото и тоа двојно, сами по себе и преку амнестирање на претходниците. Вие сте единствената и нема друга сила, моќ, организација, институција која е над вас или рамо до раме со вас. Власта е се во оваа земја и како таков тоталитет, се зависи од неа. Во такви случаи, секој успех и секој неуспех може да ви се препише само на вас и на никој друг.

Излезот од оваа ситуација не може да биде лесен, но постои начин. Ако продолжите како до сега, своеволно и само агрегирајќи во своите редови, те едни-те други криминално-политички структури додека само поедници ќе плаќаат за да глумиме правна држава, нема далеку да стигнеме. Пертурбациите во владејачката коалиција, па и оние во опозицијата, тенкото и нестабилно мнозинство, нефункционалниот Парламент говорат дека сме пред портите на нова политичка криза и неспособност со актуелната владина поставеност да се носат важни и неопходни реформи.

Ако размислуваме демократски, тогаш ќе видиме дека имаме две опции. Создавање на нова Влада – од доле, односно следејќи ја логиката на претставничката демократија. Но, тука воопшто немаме гаранции за поволен исход. Тоа е еден од ризиците на изборната демократија - да се дојде до уште поголема блокада од таа што веќе постои. Јасно ми е дека и Заев и Ахмети ќе повторуваат како парламентарното мнозинство е стабилно и нема потреба од предвремени избори. Можеби е стабилно, ама е нефункционално, а притоа никој не вели дека мора да се оди на избори.

Предвремени избори сега би биле непотребен трошок, нова поларизација, губење време пред драматичната здравствена, економска и социјална криза.

Тогаш, во такви услови ако сакаме демократичност, таа може да дојде – од горе. Односно преку враќање на мандатот кај Претседателот, пронаоѓање на личност надвор од политичката мешаница и доверувајќи му мандат за формирање на нова техничка или експертска Влада. Знам дека ова е речиси истото што ВМРО го бараше пред година дена, и како може да биде протолкувано, како што ги знаеме и замерките дека ВМРО и СДСМ не можат околу ништо да се договорат.

Но, фактите покажаа дека со предвремените избори добивме уште понефункционална Влада, Собрание кое речиси и да не постои, уште посилно ДУИ кое ја привитизира државата пата-пата како и СДСМ, како и дека евроинтегративните процеси дополнително се заглавија, додека соочувањето со пандемијата и неспособноста да се набават вакцини станува се полошо и полошо.

Вредно е за размислување, затоа што пак другиот ризик е да отиде во неповрат забеганоста и на ова мнозинство, или пак дури и да се опамети, утре може и претерано да плати на некои наредни избори. Така носејќи не само кон некоја уште појака власт и уште послаба држава.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми