1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Силна поддршка од САД за стратешките цели на Македонија

СН/ам/миа/мф14 јули 2014

САД ќе продолжат да го поддржуваат процесот во ОН за решавање на проблемот со името со цел Македонија да го добие заслуженото место во НАТО и ЕУ, порача во Скопје американскиот помошник-државен секретар Викторија Нуланд.

Фотографија: picture-alliance/dpa

Македонија останува целосно посветена на отворањето на пристапните преговори со Европската унија (ЕУ) и реализирањето на поканата за членството во НАТО, порачал претседателот Ѓорге Иванов на денешната средба во Скопје со помошник-државниот секретар за европски и евроазиски прашања Викторија Нуланд.

На средбата биле разменети мислења околу севкупниот развој на билатералните односи меѓу Република Македонија и Соединетите Американски Држави, како и за состојбите во врска со членството на Република Македонија во Европската унија и НАТО.

„Евроатланските интеграции имаат голема кохезивна сила во нашето мултиетничко општество, и не случајно уживаат огромна политичка, етничка и социјална поддршка. Предолгиот статус-кво во интеграциите не помага во унапредувањето на македонскиот модел на соживот, и од тој аспект за Република Македонија е исклучително значајна натамошна уште позасилена поддршка од Соединетите Американски Држави”, истакнал Иванов.

Република Македонија како и досега така и во наредниот период може да смета на силна поддршка од САД во реализацијата на поставените стратешки цели, истакнала Нуланд, нагласувајќи ја подготвеноста за натамошна блиска соработка со лидерите на Република Македонија, и апелираше сите политички лидери во земјата да работат на натамошно јакнење на довербата.

САД продолжува со поддршката за евроатланските аспирации на Македонија, како и на процесот кој се води во рамките на Обединетите нации (ОН) и медијаторот Метју Нимиц за решавањето на спорот за името меѓу Македонија и Грција, порача помошник-државниот секретар на САД за европски и евроазиски работи Викторија Нуланд по средбата со македонскиот премиер Никола Груевски.

Во однос на членството на земјата во НАТО, Нуланд потенцирала дека проширувањето сe’ уште останува приоритет за Алијансата, а ова особено се однесува на Македонија. Груевски го повторил ставот дека Македонија останува на заложбите за што поскоро зачленување во НАТО и ЕУ.

Покрај со Груевски и Иванов, Нуланд за време на својата посета на Скопје оствари и средби со шефот на македонската дипломатија Никола Попоски, претседателот Ѓорге Иванов и лидерот на ДУИ Али Ахмети.

Посетата на Нуланд на Македонија е дел од нејзината регионална турнеја, за време на која таа деновиве ги посети и Црна Гора, Србија и Косово.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми