1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Симболично задоцнување на Меркел

Кристијан Трипе/превод:бг13 март 2015

Германската канцеларка Ангела Меркел одлучи да не присуствува на големата московска парада на 9. мај, по повод Денот на победата над фашизмот. Тешка, но неопходна одлука, смета Кристијан Трипе.

Фотографија: Reuters

На крајот, изненадување беше само времето на објавувањето на одлуката. Дури и најблиските соработници на германската канцеларка сметаа дека Ангела Меркел ќе го причека развојот на настаните во источна Украина и дека ќе го сочува тој адут, кој има големо симболичко значење, во рацете. Се очекуваше дека намира ќе премери што говори во прилог на нејзиното појавување во Москва, а што против.

Тој ден за Русија е извонредно важен. Ниту еден празник во земјата нема таков емотивен набој како 9. мај. Денот на германската капитулација за Русите има конститутивно значење, посилно од Денот на Уставот, посериозно од 1. мај, помалку оспорувано од верските празници.

Втората светска војна за Русите беше борба за опстанок

Борбата на Советскиот сојуз во Втората светска војна не беше само војна за победа. Русите се бореа за опстанок како народ, а Русија за постоење како културен простор. И 70 години после тоа, руското општество носи лузни од војната против нацистичка Германија, која однесе повеќе од 20 милиони советски животи.
Ангела Меркел сето тоа го почувствува како студент во Русија. Сепак, ја одби официјалната покана од Москва да дојде на 9. мај.

Кристијан Трипе

Русија во Втората светска војна се одбрани од германскиот фашизам. Тој историски факт овие денови го омаловажува самата руска пропаганда, означувајќи ја руската агресија во источна Украина како „борба против фашизмот“ и против наводната хунта во Киев. Тоа можело да има влијание врз Меркел да не биде гледач на трибината на Црвениот плоштад. Од таа трибина, впрочем, се гледа и местото каде кон крајот на февруари беше убиен опозицискиот политичар Борис Немцов.

Русија кај многумина предизвикува страв

Сепак, постапката на Ангела Меркел се разликува од одбивањето на другите да испратат свои претставници во Москва. Полска, Литванија, Естонија или Летонија не сакаат да учествуваат во славјето, бидејќи со доаѓањето на Црвената армија за нив почна нова ера на подјармување. Уште поважна причина е тоа што се чувствуваат загрозени од путиновата неоимперијалистичка политика. Меркел сепак, одлучи да се соочи со сеќавањето на страдањата кои во Русија ги донесоа германските трупи. Ден по официјалната воена парада, германската канцеларка ќе отпатува во Москва и заедно со рускиот претседател Путин ќе положи венец на Гробот на незнајниот војник.

Се‘ уште не е јасно дали во Москва ќе дојдат и претставници на тогашните сојузници на Советскиот сојуз - Обама, Камерон и Оланд. Но извесно е дека на трибината ќе се појави севернокорејскиот диктатор Ким Јонг Ун. Не е јасно што бара тој таму? Но таа дилема Меркел повеќе не мора да ја решава.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми