1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сименс не се плаши од Гугл

Сабине Кинкарц / Александар Методијев8 мај 2014

Во билансот за работењето годинава Сименс и не може да се пофали со претерани успеси. За тоа да не остане само на „задоволително ниво“, шефот на Управниот одбор на Сименс, Џо Кајзер, сака да воведе радикални промени.

Фотографија: picture-alliance/dpa

Половина час му требаше на шефот на Сименс, Џо Кајзер, да ја претстави својата „Визија 2020“, како што со години се нарекува стратешкото реструктурирање на тој концерн. Кајзер, кој пред девет месеци го презема комилото во Сименс, не крие дека концернот во минатите години бил воден во погрешна насока.

„Тогаш имаше големи немири во претпријатието. Многу акции беа замислувани краткорочно, недостасуваше долгорочна перспектива, а со тоа недостасуваше и она што претпријатието навистина и е“, истакнува 56-годишниот менаџер.

Се чини како Сименс сега да го вработил Кајзер. Но, тој претходно седум години беше шеф за финансии на тој концерн и со тоа тој беше дел од раководството собрано околу тогашниот шеф на управата Петер Лешер.

Ригорозно реструктурирање

Кајзер сака да тргне по друг пат, за разлика од неговиот претходник, кој Сименс го подели на сектори – енергија, инфраструктура и градови, индустрија и здравство. Кајзер има намера да ги укине тие четири сектори и целата компанија со околу 360.000 работници да ја подели во девет дивизии, а притоа ќе се концентрира на енергетската техника и на модерната фабричка опрема, т.н. дигитална фабрика (Digital Factory).

Во концернот работат околу 360.000 луѓеФотографија: picture-alliance/dpa

Откако Сименс во минатите години веќе се збогува со телекомуникациите и техниката на полупроводници, помалку значајно би требало да стане и традиционалното производство во делот на тешката индустрија. Бизнисот со постројките, продуктите и услугите за индустријата за производство на железо, челик и алуминиум во иднина ќе се одвива преку „Мицубиши хеви индусти“ во Јапонија. Двете компании создадоа џоинт венчр во областа на металната индустрија, при што Сименс ќе има минимален удел од 49 проценти.

Главната дејност на Сименс во иднина ќе биде насочена кон „електрификација, дигитализација и автоматизација“. Енергетската гранка на Сименс добива засилување речиси за милијарда евра со купувањето на бизнисот со гасни турбини на британското претпријатие „Роли-Ројс“. Во новото преструктуирање во Сименс спаѓа и производството на медицинска техника и производството на слушни апарати - области кои Сименс со години безуспешно се обидува да ги продаде.

„Концернот во секој случај мора да стане поефикасен“, вели Хајнц Штефен од организацијата „Феир рисрч“, која се занимава со истражувања во делот на економијата. „Тоа значи дека во овие подрачја, кои не се дел од главната дејност, веќе нема да се води бизнис. Таков пример е производството на слушни апарати. Приватните потрошувачи не се силната страна на Сименс“, оценува Штефен.

Дигитализација - во преден план

Џо Кајзер вели дека неговата компанија не се плаши од ГуглФотографија: picture-alliance/dpa

Во новото преструктуирање на Сименс фокусот е ставен на дигитализацијата. Според мислењето на шефот на Сименс, на тој начин во иднина ќе може да се заработат повеќе пари. Додека традиционалното работење во областа на електрификацијата може да донесе два до три проценти повеќе промет, а пазарите за автоматизација среднорочно можат да забележат раст од четири до шест проценти, динамиката во подрачјето на софтверот и анализата на податоци се движи меѓу седум и девет проценти, истакнува шефот на Сименс.

Во моментов во Сименс работат околу 8.000 дизајнери на софтвер, што е за четири пати повеќе отколку пред десет години. А, шефот на Сименс, Џо Кајзер, ветува: „Нив ќе ги има уште повеќе“.

Додека некои стравуваат од Гугл, тој отворено вели: „Ние не се плашиме и искажуваме почитување. Како прва компанија во светот Сименс под еден покрив ќе ги собере сите потребни услови и активности за една дигитална фабрика“.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми