1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сименс се смета за жртва во аферата Крим

Михаил Бушујев
5 август 2017

Спорот околу испорака на гасни турбини од Сименс во Крим се проширува. Концернот презема правни мерки кон Москва. До кој степен германската компанија ги прекршила санкциите на ЕУ?

Siemens - Gasturbine - Krim
Фотографија: picture-alliance/U. Baumgarten

Сосем е јасно: има повреда на санкциите од ЕУ кон Крим. Сега германскиот концерн е во офанзива. Поднесе жалба во Москва против рускиот партнер.

Германскиот концерн Сименс деновиве е мета на критики. На 5 јули, агенцијата Ројтерс објави дека две турбини, производство на концернот Сименс илегално се пренесени на Крим во Севастопол и таму се истоварени за да бидат вградени во тамошната централа за гас. ЕУ не го признава Крим како дел од Русија. По анексијата од страна на Русија на украинскиот полуостров во 2014 година, Брисел подигна општо ембарго за испорака на стоки и услуги во Крим.

Всушност, се работи за четири турбини за гас од типот СГТ5 – 2000 Е, кои се произведени во рамките на германско руско соработка, од која 65% се на Сименс и кои првенствено биле произведени за рускиот град Таман на Црното Море. Според договорот со сестринската фирма во Русија, концернот Ростек, турбините смееле да бидат вградени само таму.

Како стасале турбините на Крим?

Уште од средината на 2015 година постојат сомневања дека Русите сакале да ги заобиколат санкциите. Во извештајот на рускиот економски весник Ведомости, стои дека нарачката за централата во Таман е маневар и измама. Турбините подоцна треба тајно да бидат однесени во Севастопол.

По анексијата, на Крим има постојан недостиг на струја, бидјеќи испорака од украинскиот дел е прекината. Едно од ветувањата на руската влада беше дека овој проблем бргу ќе биде решен. Но, во Русија нема таква фабрика којашто може да изгради гасни турбини со толкава големина. Нема алтернатива за турбините на Сименс. Наводно Ростек побарал изградба на слични турбини кај еден ирански производител, секако изработени по лиценца на Сименс. Но, договорот пропаднал бидејќи „не можело да се постигне договор по повеќе технички и комерцијални прашања", појаснува Ростек.

Фотографија: Getty Images/AFP/C. Stache

Спор меѓу Сименс и Ростек

Приказната со гасните турбини кај рускиот краен купувач и германскиот производител звучи сосем различно и спротивно. Во соопштение за печат од ноември мината година, рускиот партнер го обвинува Сименс дека ја одложил испораката на делови за турбините. Ростек, кој го раководи Сергеј Шемсов, стар пријател на Путин, истовремено се закани дека ќе го избрка Сименс од рускиот пазар.

Сименс нагласува дека, дури во септември 2016 година ги забележал првите знаци дека руската страна сака да направи пробив во договорот. „Од кога видовме дека изградбата на централата во Таман е стопирана, ги запревме сите испораки," велат за Дојче Веле од централата на концернот Сименс во Минхен.

Работа на сопствен ризик

Многу веројатно е дека турбините за гас на Сименс на Крим ќе бидат изградени делумно со руски делови, без гаранција од произведувачот. „Во нормални услови Сименс гарантира со сопствена експертиза за инсталацијата и одржување, но овојпат тоа нема да се случи," велат од Сименс. На прашањето дали турбините и без тоа можат да функционираат, тие велат: тоа е исто како да нагаѓаме дали еден автомобил ќе работи, ако немате други делови освен моторот.

За инсталација и оддржување на турбините за гас на Крим, руската страна побара нова соработка со Сименс. Но, тие велат дека не се заинтересирани.

Кои се консеквенците за Сименс?

Аферата со турбините во меѓувреме стаса на политичко ниво: „На Крим има турбини од рускo производство", изјави портпарол на рускиот претседател Владимир Путин. Државниот концерн Ростек ја прошири тезата дека турбините кои сега се наоѓаат на полуостровот се „купени на старо" и „модернизирани од руски компании". Во Сименс се сомневаат дека воопшто постои таков пазар на кој може да се купат вакви користени делови.

Сименс од друга страна се вади од впечатокот дека во случајов биле несмасни или наивни. „Ние не го игнориравме ризикот дека нашите производи може да завршат на Крим туку активно работевме против тоа," вели претставник од концернот за Дојче Веле. Поради ова Сименс се надева дека поради можното индиректно прекршување на ЕУ-ембаргото, концернот во Минхен сепак нема да има проблеми. Основниот договорот не е засегнат од санкциите и Сименс е во тесна координација со германските власти во врска со случајот, велат од концернот за ДВ. На прашањето дали Минхен не стравува дека може да западне во немилост поради Крим, одговорот гласи: Ќе мора да почекаме!

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми