1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Симовски: Го исправме срамот од 2011!

24 март 2022

Податоците од пописот ќе бидат корисни за натамошното креирање на економските, образовни, локални, развојни, инвестициски, земјоделски и други политики.

Директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски
Директорот на Државниот завод за статистика, Апостол СимовскиФотографија: Petr Stojanovski/DW

Раздвижено е во Државниот завод за статистика, една недела пред објавувањето на податоците од пописот на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија, кој беше спроведен од 5-ти до 30-ти септември минатата година. Интересот на јавноста за резултатите е огромен, бидејќи поминаа 20 години од последниот попис спроведен во 2002 година, со оглед дека пописот во 2011 година започна, но не заврши. 

„Среќен сум и задоволен што успешно и професионално го спроведовме пописот", вели директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски.

„Направивме огромна работа во сложени околности - во лето, во време на одмори, во ек на сезонски работи во земјоделието, на предизвици со пандемијата и на повици за бојкот на пописот... Ја завршиме статистичката операција според сите стандарди. Задоволен сум што го исправме и тој срам од неуспешниот попис во 2011 година", вели директорот на ДЗС за Дојче веле.

Државен непријател

Една негова изјава од тв-гостување минатата недела, брзо стана предмет на бројни инструментализации и критики. Запрашан, дали очекува повеќе критики кога ќе се објават резултатите, Симовски на ТВ „24" изјави: „Нема да обрнувам внимание на критиките. Свесен сум дека во наредниот месец ќе бидам државен непријател број еден, се шегувам, се разбира (...) Кај нас секогаш било така. Јас сум 30 години во ДЗС, ова ни е четврти попис, но ајде да не го сметам оној од 2011 година, бидејќи немавме податоци. Секогаш сме биле подложени на критики. Ние не сме џубокс па да исполнуваме музички желби некому. Нашата обврска е направиме реална фотографија на состојбите", рече Симовски.

Пописот на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија беше спроведен од 5 до 30 септември 2021 годинаФотографија: Petr Stojanovski/DW

При спомнување на опозицијата, директорот на ДЗС беше дециден: „Не мислев на политички партии. Може да се најдат милион луѓе коишто ќе кажат - ова не ми се бендисува“, наведе тој.

Но, лавината тргна. Доминантно прашања стана - какви ли податоци ќе се објават, штом директорот на ДЗС вели дека ќе биде прогласен за државен непријател. Не изостанаа ни прогнози за проценти на етничките заедници. Го прашавме Симовски за контекстот на оваа изјава.

„И самиот реков дека се шегувам. Тоа никако не беше со цел да сугерирам некакви резултати. Ни случајно. И тогаш, и сега, говорам во контекст дека секогаш имало незадоволни, бидејќи ова не ни е прво искуство. Овде секогаш има многу ‘експерти’ за сѐ, па и за попис. Да потсетам дека уште пред почетокот на пописот, луѓе нагаѓаа, лицитираа со бројки, коментираа дали е по стандардите на Евростат. Да, сѐ е по стандардите. Следени се сите елементи кои се дадени во методологијата за пописот, а таа е целосно усогласена со сите меѓународни стандарди. Нашата цел беше да направиме професионална статистичка операција. И направивме", дециден е Симовски.

Ажурирање на податоците

Податоците за оние кои не се попишале, затоа што не биле најдени дома во повеќе наврати, а не се одзвале на поканата да дојдат во центрите за попис, се преземени од регистри со податоци. Во пописната база влегуваат седум регистри на податоци - од МВР, Министерството за информатичко општество и администрација, Фондот за ПИОМ, УЈП, Агенцијата за вработување, Министерството за образование и наука и Министерството за труд и социјална политика.

„Се е проверено, и сите се попишани. Конечниот податок е целосно проверен", тврди Симовски.

Директорот на ДЗС, Симовски на заедничка пресконференција со министерот за надворешни работи Бујар Османи Фотографија: Statistical Office North Macedonia

Очекува следниот попис да биде побрз и поедноставен, без теренски попишувачи, само врз основа на регистри. Условите за тоа не биле исполнети за ланската статистичка операција.

„Лани не беа исполнети условите за таков попис, затоа што немаме адресен регистер, а стартна позиција при пописот е живеалиштето. На пример, може да има разлика меѓу адресата во лична карта и адресата каде што лицето де факто живее, како и други крактеристики кои не се ажурираат навреме. Тоа е недостаток на институциите, но и причина да сфатат дека податоците треба да се ажурираат. Веќе работиме на тоа со институциите, чекор по чекор, и се надеваме дека следниот попис ќе може да биде спроведен преку регистри, со навреме и добро ажурирани податоци“, објаснува директорот на ДЗС. За податоците од пописот не сака да зборува пред денот кога е највена нивната официјална презентација. 

„Во среда, на 30- ти март, ќе кажеме се“, вели Симовски.

Значен фонд на податоци

Идната седмица податоците ќе бидат презентирани во салата на македонската Филхармонија, пред медиумите и бројни претставници на државните институции. На презентацијата се поканети и претставници на Евростат, на заводите за статистика од сите земји на Западен Балкан, од Грција, Словенија, Хрватска и ред други.

Пописот во минатата година беше спроведен во сложени околности, пред сѐ поради пандемијата на коронавирусотФотографија: Petr Stojanovski/DW

И додека во јавноста интересот пренагласено е насочен кон етничките бројки, од бизнисот, политиката и науката очекуваат пописот да донесе огромен и значен фонд на податоци кои ќе бидат корисни за натамошното креирање на економските, образовни, локални, развојни, инвестициски, земјоделски и други политики. За тоа од корист ќе бидат податоците за човечкиот потенцијал, образованоста, кавалификациската структура, вработеноста, потенцијалот на работната сила, старосната структура, големината и квалитетот на станбениот фонд, територијална распределеност на населението итн. Она што уште сега е извесно, е дека повеќегодишниот тренд на иселување, особено на младите, ќе биде јасно видлив во резултатите од пописот.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми