1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Синдикални знамиња ќе го обојат Скопје

1 мај 2019

Работодавачите не се главниот непријател на вработените, туку неолибералните политики што ги регулираат работничките права, вели претседателот на ССНМ, Ѕвездан Георгиевски.

Bildergalerie Skopje
Фотографија: DW/A. Feilcke

Со собири, синдикални протести и прогласи денеска во Скопје ќе биде одбележан меѓународниот ден на трудот. Работници, професори, дипломати, новинари, ќе излезат на улица за да предупредат на ниското ниво на работничките права. Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) Први Мај ќе го одбележи со протестно собирање во 11.30 часот на плоштадот „Карпошово востание“. ССНМ ја прифати поканата да им се придружи на три други синдикати во одбележувањето на овој ден: НАкС - Независниот академски синдикат што ги обединува вработените во високообразовните и научните институции, Синдикатот на Македонската дипломатска служба, и СКРМ - Синдикат на културата. Претседателот на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници, Ѕвездан Георгиевски, вели дека одбележувањето ќе биде традиционално, со транспаренти кои предупредуваат за ниското ниво на работнички права, и се надева дека барем на овој ден ќе се сврти вниманието на севкупната јавност врз сериозните проблеми што се генерираат од хроничното и непрекинато намалување на работничките права.

„Први Мај е важен ден во светското работничко движење. Мене лично ме фрапира дека барањата се речиси идентични со оние од пред еден век - достоинствен живот за сите луѓе, регулирање на работниот однос, работното време и прекувремената работа, социјална и здравствена сигурност. Тоа на извесен начин ми кажува дека протестните маршеви, паради и прошетки на некој начин се надмината работа во борбата за работничките права. Денес работодавачите не се главниот непријател на вработените, туку неолибералните политики што го регулираат ова прашање. Не само кај нас, туку на глобално ниво, синдикатите се речиси тргнати од политичката сцена и маргинализирани како значаен фактор во одлучувањето и креирањето на тие политики. Мислам дека е нужно да се редизајнира начинот на протести, да се наметне како наратив во јавноста и и на тој начин синдикалната борба да ја добие онаа потенција која нужно мора да ја има“, вели Георгиевски.

Фрапира фактот дека работничките барања се речиси идентични со оние од пред еден век, вели ГеоргиевскиФотографија: DW/Petr Stojanovski

Протест на КСО

Новинарите, дипломатите, професорите, нема да бидат единствените што денеска ќе ги ги развеат синдикалните знамиња. На протест ќе излезе Конфедерацијата на синдикални организации, а како што најави нејзиниот претставник, Маријан Ристески, годинава ќе ги прошират нивните барања за заштита на правата на работниците. Поради тоа што во последно време се регистираат напади врз припадници на шумската, затворската и редовната полиција, најави дека ќе побараат законски измани со кои ќе се зголеми нивната заштита. Тој ги повика сите работници да се приклучат на протестот.

„Доаѓа времето синдикални претставници кои знаат како да ги бранат правата на работниците. Има прекувремена работа, има прекршување на работнички права, не се почитува Законот за работни односи. Ние како работници мора да го кренеме гласот“, нагласи Ристески.

Македонските работници во потрага по своите права

01:02

This browser does not support the video element.

И од Самостојниот синдикат на образование, наука и култура (СОНК), упатија Првомајски проглас до членството. Во него, меѓу другото, се наведува дека состојбите се на многу ниско ниво од аспект на социјалниот статус и економската сигурност, во однос на социјалниот дијалог и партнерство, во однос на почитување на законите и други правни акти, во однос на сигурноста на работните места и на безбедноста при работа.

Повеќе:

Синдикатите разбудени, но поделени

Платите во Македонија растат, цената на трудот сѐ уште ниска

Слична состојба во регионот

Состојбата е слична речиси во целиот регион. Нанд Шани, лидер на тимот Платформа за вработување и социјални прашања при Регионалниот совет за соработка (РСС), во неговата анализа вели дека Западен Балкан и натаму се бори со невработеноста, со неформалната вработеност, со ниски плати, високи ризици од сиромашитија...

Кога се во прашање трендовите на вработеноста, тој наведува дека регионот покажува позитивни знаци. Во 2012 година во Западен Балкан биле отворени 700.000 нови работни места од кои 48 отсто припаднале на жените, но само 4,3 отсто на помладите од 24 години.

Протести во Белград (архива, 01.05.2017)Фотографија: DW/M. Ledjenac

„Во сите шест економии на Западен Балкан, повеќе од една петина од младите (од 15 до 24 години), не се вработени, не се школуваат, ниту пак се усовршуваат на некој друг начин. Овие проценти се движеа од 24 до 26 отсто во Албанија, Босна и Херцеговина, Република Северна Македонија и Косово, до 17 отсто во Црна Гора и Србија. Но и покрај генерално позитивните трендови во вработувањето, загрижува дека само половина од активното работоспособно население на Западен Балкан има работа. Невработеноста е висока (околу 17 %), а неактивноста е уште поголема (38%)“, вели авторот на анализата.

Тој ги посочува и структурните недостатоци на пазарите на трудот како причина за значителна загуба од продуктивните години на работниот век. Според Светска банка, просечна работоспособна жена на Западен Балкан губи повеќе од 30, а просечно работоспособен маж губи повеќе од 20 години од својот продуктивен работен век и неактивност, што е шокантно, особено кога се има предвид дека продуктивниот работен век е околу 40 години.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми