1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Синдикатите со забелешки за антиковид-предлогот

22 ноември 2021

И Комисијата, и Владата, не треба да избрзуваат со оваа предлог мерка што ја нарекоа мотивациска, бидејќи не е мотивациска“, вели Генералниот секретар на Синдикатот на УПОЗ, Трпе Деаноски.

Новите предлог-мерки треба да ги мотивираат невакцинираните вработени во јавниот сектор да се имунизираат од Ковид-19
Новите предлог-мерки треба да ги мотивираат невакцинираните вработени во јавниот сектор да се имунизираат од Ковид-19Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Синдикални претставници на средба со министерот за здравство Венко Филипче денеска треба да дискутираат за отворените прашања и недоречености што ги предизвика минатонеделниот предлог на Комисијата за заразни болести. Според предлогот, сите вработени во јавниот сектор за да одат на работа треба да прикажат потврда за најмалку една примена вакцина, да имаат негативен ПЦР-тест кој ќе важи најмалку 72 часа направен на сопствен трошок, да приложат потврда за прележан ковид не постара од 45 дена или да имаат потврда од специјалист дека не може да ја примаат вакцината. Комисијата бара мерките за јавниот сектор да стапат во сила 10 дена од донесувањето на одлуката на владина седница. Владата за предлогот ќе решава утре (вторник), а според Филипче, и на владина седница може да бидат слушнати предлозите на синдикалците.

„Може и на седница на Владата да дојдат, да ги поканиме, ако имаат свои размислувања и сугестии, за сите заедно да видиме како оваа мерка може да се спроведува“, изјави викендов министерот.

Доказот за вакцинација треба биде еден од условите за одење на работа на вработените во јавниот секторФотографија: Alain Rouland/EP

Синдикат на УПОЗ: До синоќа немавме покана

„Ние ни за денешнава средба до синоќа немаме добиено официјална покана. Ако денеска ни испратат, ќе присуствуваме", вели за ДВ Трпе Деаноски, Генерален секретар на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ), во кој се здружени околу 120-тина синдикални организации.

Повеќе: Нови корона-рестрикции: Влез во затворени објекти само за вакцинирани и прележани

Од овој Синдикат имаат бројни забелешки за предлогот на Комисијата за заразни болести.

„Во предлогот сѐ е преопшто кажано, без да се прецизира што ќе значи ако вработените не се појават на работното место. Според Законот за работни односи, по три последователни дена недоаѓање на работа - следува отказ! Второ, ако на пример, вработениот по два дена отсуство реши да се вакцинира или да направи ПЦР-тест, тоа отсуство го става во предмет за дисциплинска постапка бидејќи секое отсуство е дисциплински регулирано, и може да следат и парични казни. Трето, обезбедувањето ПЦР- тест е голем товар за вработените. Гледано од правен аспект, дадениот предлог е повреда на Уставот и на основните човекови права. Вакцината не е задолжителна и не е влезена во вакциналниот картон како другите вакцини. И Комисијата, и Владата, не треба да избрзуваат со оваа предлог мерка што тие ја нарекоа мотивациска, бидејќи не е мотивациска“, вели Деаноски.  

Невакцинираните административци, ќе треба секоја недела да прават ПЦР-тест на сопствен трошок за да може да одат на работаФотографија: Petr Stojanovski /DW

Ова не е единствената забелешка.

„Ние не знаеме кои се болести ќе значат ослободување од обврските кои се предложени со мерките. А мора да се внимава и на еден друг факт: дека станува збор за личен податок. Некои од вработените можеби не сакаат нивните работодавачи да знаат од која болест се заболени“, укажува Деаноски.

Повеќе: Филипче: Почнува новиот бран, расте бројот на новозаболени од ковид

Голем дел од синдикатите сметаат дека тестирањето не треба да биде на трошок на вработените, со оглед дека платите кај поголемиот дел од вработените се под просекот. Овој аспект има големо влијание, а илустрација за тоа е побараната и доделена солидарна парична помош за ковид, што Синдикатот на УПОЗ досега ја дал на негови членови.

„За оние кои беа на домашно лекување по 3.000 денари, а за оние на болничко лекување по 6.000 денари. Досега по оваа основа сме дале околу 50.000 евра од солидарниот фонд на Синдикатот на УПОЗ“, вели Генералниот секретар. 

Никој не смее да биде под притисок

Нема податок колку од вработените во јавната админстрација се имунизирани, односно колку од нив би го исполниле условот за присуство на работните места доколку предлогот на Комисијата биде усвоен без измени. Административците со интерес го очекуваат исходот од разговорот на синдикатите со здравствените власти, а голем дел од нив стравуваат за работните места. Некои се подготвени и да ги ризикуваат. Состојбата е различна од институција до институција. Но, и таму каде е висок процентот на имунизација кај вработените, сепак имаат забелешки за предложените мерки.

„Колегите кои се вакцинирани, кои во нашата институција се во поголем процент, а се членови на синдикатот на УПОЗ, сметаат дека вакцинирањето треба да биде прашање на избор, а не на присила и уцена", вели Убавка Матевска Скаловска, претседател на синдикалната организација на УПОЗ во Министерството за правда.

„Малкуте колеги кои се невакцинирани се уплашени. Некои се подготвени да не одат на работа и покрај опасноста да го изгубат работното место и да останат без егзистенција. Морам да нагласам дека ова е уште една поделба на луѓето, која не оди во правец на подобрување на состојбите во нашето оштество, кое и онака беше и е поделено по разни други основи“, укажува таа.

Притоа посочува дека мерките што се предлагаат се во спротивност со Универзалната декларација за човекови права на ОН, но и во спротивност со Резолуцијата на Советот на Европа 2361.

„Во неа стои дека граѓаните треба да бидат информирани оти вакцинацијата против вирусот не е задолжителна, и дека никој не смее да биде под политички, социјален или друг вид на притисок за да се вакцинира, ако тоа не сака да го направи. Во неа стои и дека никој нема да биде дискриминиран, затоа што не се вакцинирал, било поради здравствени ризици или затоа што не сака да се вакцинира. Ова што се случува е во директна спротивност и со Нирнбершкиот Кодекс, донесен после Втората светска војна и надградуван неколку пати досега“, објаснува Матевска.

Смета дека предлог мерките се неуставни, бидејќи се во спротивност со неколку членови од Уставот на РСМ, и незаконски - бидејќи се во спротивност со одредби од Законот за заштита на правата на пациентите, Законот за спречување и заштита од дискриминација, Законот за работни односи и Законот за заштита на лични податоци.

„Здравствената состојба е највисоко заштитен податок. Човековите права и слободи се природни права и тие не може и не смее да бидат предмет ниту на референдум, ниту пак на гласање во Собранието, без разлика на мнозинството“, оценува таа.

Бројни критики во јавноста дека превентивните мерки, пред сѐ, онаа за носење заштитни маски, во моментов не се почитуваат доследно како во минатата година (фотографијата е направена во декември 2020 година)Фотографија: Nake Batev/AA/picture alliance

Која си ти да ми кажуваш!

Во пошироката јавност, пак, доминираат голем број критики што ни превентивните мерки досега не се почитувале доследно, пред сѐ, онаа за носење заштитни маски.

„Знаете ли во колку институции, на прсти од едната рака ќе ги изброите лицата што носат маски, а таму работат стотици. И ако реагирате, стануваат крајно дрски. ‘Која си ти да ми кажуваш‘, тоа е првиот одговор што најчесто го добивам кога љубезно ќе ги замолам да стават маска. Никаков однос, никаква култура, а за професионалност воопшто и да не говорам. Само во два случаја ми имаат речено ‘извинете’ и ставија маска", објаснува скопјанка.

Министерот Филипче е свесен за ваквите состојби.

„Ние и сега имаме мерки, кои за жал, нецелосно се контролираат. Гледаме многу прекршувања на сега пропишаните мерки. Има многу отворени прашања. И тоа ќе биде една од точките кои ќе ги дискутираме - како може да се спроведе ова што ние го препорачуваме, сѐ со цел да се заштити здравјето на граѓните и здравствениот систем“, изјави министерот.

Комисијата за заразни болести бара од инспекторатите и од МВР да го ажурираат системот за контрола и да се користат електронските алатки -апликациите за верификација на сертификатите за да се спречи користењето фалсификати.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми