Синдикатот бара подготовка на работниците за дигитализација
ЕМФ / дв
1 мај 2018
На собирите на Сојузот на синдикатите во Германија се зборуваше за ветувањата на новата влада и предизвиците на технолошките промени.
Реклама
Мотото на германските синдикати за Денот на трудот годинава звучи традиционално: „Солидарност, разноликост, праведност“. И, се разбира дека околу 500-те собири на Сојузот на синдикатите (ДГБ) ширум Германија се во знакот на барањата за фер плати, повеќе работни места и социјална праведност. Но, собирите беа искористени и за свртување на вниманието кон големите промени што во светот на работата ги носат модерните технологии.
Ден на трудот: Протести, насилство и забави
Ретко кој празник толку многу се промени како 1.мај, Денот на трудот. Луѓето на Први мај излегуваат на улици, некогаш протестираа поради плати и работно време, а денес гневот е насочен кон политиката.
Фотографија: picture alliance/dpa/P. Zinken
Празник со многу лица
Први мај е ден кога работниците излегуваат на улици за да ги бараат своите права. Тоа е и ден кога некои насилни групи предизвикуваат безредија. Сепак, мнозинството луѓе, како овие левичарски ориентирани демонстранти во берлинскиот кварт Кројцберг, мирно протестира. Празникот на трудот е актуелен и денес, но приказната за него достигнува далеку во минатото.
Фотографија: picture-alliance/dpa/A. Burgi
Протести во срцето на капитализмот
Корените на Празникот на трудот потекнуваат од американското работничко движење - иако синдикатите тука играат само помала улога. На 1. мај 1886. година работниците првпат повикаа на генерален штрајк, барајќи осумчасовно наместо четиринаесетчасовно работно време. Тој ден неколку демонстранти беа и убиени. Четири години подоцна, милиони луѓе ширум светот излегоа на 1. мај на улици.
Фотографија: picture-alliance/akg-images
Нов празник?
Од крајот на 19. век, меѓународното работничко движење го одбележува 1. мај како Празник на трудот. Во тоа време луѓето во Германија излегуваа на улици, иако не беше државен празник. Со почетокот на нацистичката диктатура во 1933., тоа драстично се промени. Хитлер го прогласи 1. мај за „Празник на националниот труд“. Биле организирани големи паради на чело со членови на неговата партија, НСДАП.
Фотографија: picture alliance/akg-images
Крај на синдикатите
Но, ден подоцна се покажа вистинскиот план на Хитлер: припадници на неговите „јуришни одреди“ на 2. мај ги зазедоа просториите на синдикалните организации. Високите синдикални функционери беа пратени во затвор или во концентрациони логори. Веќе следниот 1. мај не беше Празник на трудот, туку „Национален празник на германскиот народ“. Беше елиминиран уште еден потенцијален противник на нацистите.
Фотографија: picture-alliance/dpa
"Народе, разбуди се!"
По Втората светска војна, Источна и Западна Германија одделно го празнуваа Денот на трудот. Иако сојузниците на 1. мај 1946. потврдија дека е тоа државен празник, митинзи беа дозволени само во ограничена форма. Во ГДР како и во други социјалистички земји беше поинаку: веќе во 1946. беа организирани демонстрации. Мајските паради служеа за потсетување на традицијата на работничкото движење.
Фотографија: picture-alliance/akg-images/Hilbich
Парада како обврска
Учеството на парадите на Празникот на трудот во Русија, како и во братските социјалистички држави, меѓу кои и ГДР, не било баш доброволно. Марширањето под строгите погледи на политичките величини било обврска. Куќите морале да бидат украсени со знамиња, дури и ако некои порадо тој ден би го поминале во својата викендичка.
Фотографија: AFP/Getty Images/V. Sobolev
Духот на 68-та
Во Франција, Први мај од 1920. година се одбележува како државен празник. Но, неколку децении подоцна, првомајските демонстрации не беа веќе резервирани само за истакнување на работничките барања. Студентското движење во 1968. исто така го користеше тој ден за изразување на својата загриженост и гласен протест против војната во Виетнам.
Фотографија: AFP/Getty Images/J. Marie
Борба за следните генерации
И во Германија набрзо се појавија нови теми. На синдикалните демонстрации во 1978. година во Дортмунд, беше побарано воведување интегрирано, сеопфатно училиште (Gesamtschule) – форма која и на работничките деца ќе им овозможи матура. Во тоа време класичните гимназии беа сметани за прилично елитни и тешко достапни за работничката класа.
Фотографија: picture alliance/Klaus Rose
За правата на работниците
Дури и денес работничките протести и собири се вообичаени за 1. мај во Германија. Ги организира Германскиот сојуз на синдикати, ДГБ. Нивното мото годинава гласи: „Солидарност, разноликост, правда“. ДГБ од 1949. година е збирна организација на сите синдикати, задолжена исто така и за одбележување на Празникот на трудот на сојузно ниво.
Фотографија: picture-alliance/dpa/I. Fassbender
Со насилство против системот
Покрај класичните синдикални демонстрации, постои и друга страна на медалот. На оваа фотографија се гледаат учесници на „Револуционерните првомајски демонстрации“ како кршат излози на филијала на банка во Берлин. Припадници на т.н. „Црн блок“- левичарски и десничарски екстремисти, редовно предизвикуваат безредија. Покрај тоа, се одржуваат и најчесто мирољубиви протести против неонацистички собири
Фотографија: picture-alliance/dpa
Гол протест
Во Франција лани за Први мај се протестираше против тогашната претседателска кандидатка Марин Ле Пен и нејзиниот десничарски Национален фронт. Со помош на знамиња, активистки на групата „Фемен“ директно ја споредија Ле Пен и нејзината партија со нацистите. На демонстрациите учествуваа 30.000 луѓе, трипати повеќе од претходната година.
Фотографија: Getty Images/AFP/T. Samson
Поделена Русија
По распадот на Советскиот Сојуз, прво исчезнаа првомајските паради. Но, по 2000. година, таа традиција е обновена, посебно во чест на „Путин и компанија“. Но, во Русија постојат и поинакви првомајски паради - оние на кои храбрите граѓани излегуваат на протести за да ја критикуваат владата.
Фотографија: Getty Images/AFP/N. Kolesnikova
Давид против Голијат
Со камења против полицијата: првомајските протести во Венецуела се насочени против државните моќници. Лани опозицијата повика на протести низ цела земја против претседателот Мадуро. Тој во 2017. година ги ограничи овластувањата на Парламентот кој е под контрола на опозицијата, поради што се најде на удар на санкции од страна на ЕУ.
Фотографија: AFP/Getty Images/F. Parra
Забава наместо политика
Сепак, за мнозинството луѓе во врска со Први мај е најважно едно нешто: тоа е неработен ден, кој може да се помине со семејството и пријателите. Во таа смисла во Германија се создадени и некои нови традиции: во 2003. во Берлин е покренат „Мајфест“, за од немирите на 1. мај да се побегне во опуштена, фестивалска атмосфера.
Фотографија: picture alliance/dpa/P. Zinken
14 фотографии1 | 14
Големиот и влијателен синдикат на индустријата ИГ Метал ги повика претпријатијата во Германија да сторат повеќе за дообразување на работниците со оглед на дигитализацијата на работењето. Повеќе пари и време за квалификација се неопходни за да се биде соодветно подготвен за дигиталните форми на работа, изјави шефот на ИГ Метал, Јерг Хофман на собирот во Касел.
Од големата коалиција во Берлин синдикатите бараат брзо спроведување на најавените подобрувања за работниците. „Владата сега мора да испорача резултати“, рече шефот на ДГБ, Рајнер Хофман на собирот во Нирнберг. Според него, не се прифаќаат „никакви исклучоци, никакви задни вратички или тактика на одолговлекување“. Шефот на Сојузот на синдикати подвлече дека веќе нема да се толерираат временски ограничувања на работниот однос и дампинг на плати без тарифни договори.
По повод Денот на трудот, 1 Мај, Сојузниот завод за статистика објави дека 89% проценти од работниците во Германија се задоволни или многу задоволни од својата работа. 33% одговориле дека се многу задоволни. Сепак, фондацијата „Ханс Беклер“, која важи за блиска со синдикатите, предупредува дека не треба да се преценува „позитивната моментална ситуација“. Фондацијата укажува на анкетата на ДГБ од минатата година, која покажа дека 19% од работниците се жалат дека имаат „лоша работа“.