Синтетичките дроги ја освојуваат Европа
13 јули 2011
Само во минатата година, ЕУ регистрирала дури 41 нова дрога, потврди во Брисел портпаролот на комесарката за правосудство Вивиен Рединг. „Бројките се прилично алармантни“, додава тој. Главоболка на европските службеници им задава наглиот пораст на бројот на опасни супстанци.
Тие најдобро се продаваат меѓу младите. Истражувањето на Еуростат покажува дека во Ирска 16% од младите конзумираат дроги. Во цела Европа, скоро секоја 20-та млада личност е уживател на синтетички дроги.
Европската комисија најави дека до крајот на оваа година ќе претстави предлози за ефикасна борба против новите дроги. Законодавството по прашањето на лесните дроги е комплицирано, бидејќи тие најчесто се состојат од тревки кои воопшто не се забранети.
Легални, но опасни - нови синтетички дроги
Носат имагинативни имиња и се нудат на многу интернет сајтови како хербална мешавина наменета за пушење. Провајдерите формално додаваат: „Овој микс е наменет само за пушење. Не се презема одговорност за злоупотреба.“ Всушност, како на продавачите, така и на купувачите, им е јасно дека таквата билна мешавина е дрога што може да се пуши. Истото треба да стои и на градинарските ѓубрива или солите за капење, кои исто така се достапни на нејасни интернет страници.
Легално труење
Овие супстанци се нарекуваат „легал хајс“, бидејќи вообичаено не се покриени со законот за дроги и поради тоа можат сосема легално да се нарачаат преку интернет. Што може да се купи легално, не може да е толку опасно - тоа е заблудата на која се потпираат многумина купувачи.
За што често не се свесни младите конзументи? Чувството на опиеност не го причинуваат споменатите билки, туку тоа доаѓа преку синтетички составените дроги, кои се додаваат на мешавината. Често во нив има канабиноиди, значи супстанци кои покажуваат ефекти слични како хашишот или марихуаната.
Други спаѓаат во рангот на таканаречените „супстанци за хемиско истражување“, што претставуваат хемикалии кои се синтетизираат во текот на фармацевтски истражувања, но биле повлечени од пазарот, бидејќи предизвикувале силни споредни ефекти или не постигнале посакувани терапевтски ефекти.
Трета група се амфетамините, стимулансите кои веќе се користат за производство на екстази, парти-дрогата на 1990-тите години.
Ризик од предозираност
Новите синтетички дроги, меѓутоа, често имаат многу посилно дејство, вели Феликс Третер, шефот на Одделот за зависности во клиниката „Исар-Ампер“ во Минхен.
„Она што е значајно е дека не постојат искуства и настап на сериозни предозирања, или предизвикување психотични состојби на опиеност. Истото се појавува кај опијатите, а ризикот е дека се заспива и може да се умре од тоа, бидејќи респираторната активност престанува. Кај амфетамините има ризик од кардиоваскуларни компликации опасни по живот“, објаснува Третер.
Одделот за интензивна нега наместо забава
Торстен Витке, шефот на одделот за наркотици во баварската криминалистичка служба, ги знае опасностите, преку искуствата од професијата: „Недела за недела има голем број случаи на млади луѓе кои конзумирале вакви супстанци и потоа мора да доаѓа и возило на брза помош“, додава Витке.
Еден поширок проблем е што многу скрининзи за дрога во болниците често се направени за откривање само на класичните дроги. Има многу видови нови синтетички дроги и постојано се појавуваат нови мешавини. Така лекарите, полицијата и законодавците каскаат зад развојот на пазарот на дрога.
За да се забрани некоја супстанца, потребен е долг законодавен процес. Кога супстанцата на крај ќе биде забранета, на пазарот веќе одамна се појавила нова варијанта.
Забраните не се доволни
Феликс Третер од клиниката „Исар-Ампер“ во Минхен смета дека во секој случај е недоволно само концентрирање на законодавството и полициските мерки. Наместо тоа, потребни се мерки за превенција со кои ќе се стигне до младите луѓе, кои се изложени на ризик.
Баварската академија за прашања на зависности и здравствени прашања, чиј претседавач е Феликс Третер, поради тоа бара еден мост да се победи празнината меѓу научниците, криминолозите и персоналот во центрите за советување за дроги. Соработката мора да биде меѓународна, верува Третер, исто како што производството, дистрибуцијата и конзументите се позиционирани глобално. „Денес тоа се одвива преку Интернет и преку Фејсбук“, вели експертот од Минхен.
Место за проверка на дрогите
Токсикологот Рајнер Шмид од Медицинскиот универзитет во Виена советува млади луѓе за ризиците на необични места. Тој е го оводи научниот проект „ЧеК иТ“. Шмид и неговиот тим одат токму онаму каде што се конзумираат новите синтетички дроги, на пример, на музичките настани.
Посетителите можат доброволно да ги остават нивните супстанци на тестирање. Деталните анализи се можни многу брзо, вели Шмид. „И, ние се обидуваме да објасниме многу брзо што значи добиениот резултат“, додава тој.
Во тимот на „ЧеК иТ“ затоа има хемичари, токсиколози, но и социјални работници и тренирани советници за дрога. Преку досегашното 15-годишно искуство, што го имаат вработените на „ЧеК иТ“, тие изградиле доверба на сцената на конзументи.
„Се случпува тие кои се засегнати да дојдат и да речат - да, задржете го ова, не сакаме веќе да го имаме. Ни‘ веруваат и тоа е целата поента“, додава Шмид.
Диференцијација наместо клевета
Она што е значајно е да не се осудат сите супстанци генерално, туку да се направи разлика, вели Рајнер Шмид. „Иако има многу опасни супстанци, но мнозинството не се високотоксични. Фала му на Господ, само кај многу малку има споредни ефекти кои би требало многу да не‘ загрижат“, додава Шмид.
Освен тоа, на сцената има извесни механизми за саморегулација - преку блогови и форуми кои се однесуваат на тоа, тинејџерите и адолесцентите можат да ги разменат своите искуства со дрогите. Ако повеќе конзументи на дрога информираат за сериозни споредни ефекти, производот за кратко ќе го снема од пазарот.
„Не секоја супстанца го наоѓа својот потрошувач“, вели токсикологот од Виена. „Глобалната прифатеност не е многу голема и има една шака супстанци што предизвикуваат голем интерес долго време“, додава Шмид.
Автор: Рахел Гесат/С. Матиќ/Александар Методијев
Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска