Синтетска дрога за зависниците на државна сметка
21 јули 2009Законот сега треба да најде примена во секојдневието во сите делови на Германија, побара утринава организација „Еидс-хилфе“ со седиште во Келн. Терапијата со диаморфин е важен чекор во системот мерки за помош на лицата кои се најмногу загрозени од зависноста, меѓу другото и затоа што помага во превенцијата на пропратните болести како сидата и хепатитисот.
Ополномоштеникот на сојузната влада за зависности, Сабине Бецинг, оцени дека новиот закон ќе биде од голема помош во намалувањето на стапката на смртност кај зависниците од хероин. Голем број зависници се наоѓаат во многу тешка здравствена и психичка состојба, порача Бецинг. А минатата година бројот починати тешки зависници повторно забележа пораст на вкупно 1.449 лица годишно.
Според новиот закон зависниците ќе добиваат два пати дневно диаморфин и тоа во посебни установи и под строг медицински надзор. Тие мораат да имаат најмалку 23 години, да се зависници најмалку пет години и барем два пати да се обидувале да се ослободат од зависноста со терапија на одвикнување. Трошоците од денеска ќе ги сносат здравствените каси. Новата мерка покажа голем успех во пилот проектите во шест германски града. Таму драстично се намали стапката на криминал поради набавка на дрога, здравствената состојба на зависниците е многу подобра, а речиси 30% од нив дури успеаа да најдат вработување и да се вратат во колку-толку нормален живот.
Автор: ГЧ/СН/дпа/епд
Редактор: Александра Трајковска