1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Смена на персоналот во Атина како на рингишпил

Јанис Пападимитриу / Е.М. Фиданоска24 декември 2015

Левоориентираната влада на Алексис Ципрас продолжува со грчката традиција на клиентелизам. Сменети се голем број раководители и врвни менаџери во министерствата и јавните претпријатија.

Фотографија: Reuters/F. Lenoir

Промени на персоналот имаше уште во јануари, кога се смени власта во Грција. Да споменеме само неколку примери: левичарскиот функционер Стерјос Пициорлас беше назначен за нов раководител на Агенцијата за приватизација ТАИПЕД. Во Атина, јавните претпријатија за водовод и за сообраќај исто така добија нов шеф. На државната телевизија ЕРТ вестите имаат нови водители. Освен тоа, во ноември е сменет шефот на службата за берзански надзор. И, токму во време на божиќните празници владата сака очигледно да го забрза темпото на персонални промени. Од вкупно 127 раководители и заменици раководители на јавните клиники и болници сменети се 111, соопшти министерот за здравство Андреас Ксантос. Вресокот во браншата и во јавноста беше огромен. Но, левичарскиот политичар отпуштањата ги оправда со „евалуација“ на раководниот персонал направена од страна на Министерството за здравство, која била завршена во текот на изминатите недели.

Шефот на Здружението на здравствени менаџери во Грција и претставник на Грција во европскиот сојуз на директори на болници, Јоргос Статис, има голема скепса во однос на постапката на евалуација спроведена по налог на министерот. „Освен диплома за завршено високо образование, сите други критериуми за вработување е тешко мерливи“, изјави Статис за ДВ. Освен тоа, тој се жали и на тоа што за новите шефови не било неопходно којзнае какво искуство. Ваквите квалификации биле едноставно „земени предвид“ по сопствено наоѓање при интервјуата за работа што се воделе со кандидатите. „На крајот, при ваква постапка се вработуваат луѓе според партиска припадност“, стравува експертот.

СИРИЗА сака апсолутна контрола врз општеството?

Министерот за здравство не гледа причини за возбуда. На турбулентна прес-конференција тој неодамна изјави дека негова цел се „политичките приоритети на здравствениот систем и, како резултат на тоа, подготвеноста на шефовите на болниците да му служат на одреден политички план“. Министерот нема разбирање за изразените задршки од страна на новинарите. „Треба да си го поставиме прашањето зошто смената на болничките управи, која во минатото беше нешто што се подразбира само по себе, сега одеднаш се стилизира во основно политичко прашање“, се жали левичарскиот политичар. Тоа преведено значи: сите претходни влади ги снабдуваа своите штитеници со шефовски позиции, зшто ние да не го направиме тоа? Јоргос Статис ја критикува традицијата на клиентелизам, за чие создавање се заслужни конзервативците и социјалистите кои во минатото владееја на смена. Во 2012 година, кога тогашниот премиер Андонис Самарас скова коалиција од конзервативците, социјалистите и умерената левичарска партија ДИМАР, беше многу видлива партиската пропорционалност. Шефовските позиции, меѓу другото и во здравството, се делеа по цврсто определен клуч 4:2:1, се сеќава Статис. Со други зборови, дури по четири вработувања за конзервативците и две места за социјалистите, ДИМАР како јуниор партнер смееше да посегне по некоја од врвните функции во државата и управата.

Андреас Ксантос, министер за здравствоФотографија: Panagiotis Kouparanis

Како опозициона сила левичарската СИРИЗА ја критикуваше ваквата испреплетеност на државата и владејачките партии. Ципрас лично во својот говор во Европскиот парламент во јули рече дека Грција е во криза, затоа што таму владеат корупција, сива економија и клиентелизам. Рече дека е решен да се бори против „естаблишментот“. Но, во моментов владејачките левичари во Атина постапуваат по ист урнек и дури одат и чекор подалеку, предупредува политикологот Левтерис Кусулис. „Тие спроведуваат точно определена стратегија: сакаат да создадат зависност, апсолутна контрола над државата и нејзините функции и со тоа да владеат со општеството“, вели тој за ДВ. Левичарската партија се прикажува како прогресивна политичка сила, но во суштина таа дејствува многу конзервативно, а продолжувањето на клиентелската политика е доказ за тоа, оценува аналитичарот од Атина.

Следно градилиште - образованието

Според наводи на атинскиот дневен весник „Катимерини“, наредно градилиште ќе биде образовниот систем, кој треба да се стави под влијание на партиските функционери. Во јануари 2016 година Министерството за образование сака да номинира вкупно 110 локални директори кои би биле одговорни за организација, тек на настава и персонал во 13.000 јавни училишта во земјата, пишува весникот. И тука при вработувањето најголема улога треба да игра интервјуто за работа. Во февруари годинава Министерството за образование по слична постапка номинираше 13 нови регионални директори. Дванаесетмина од нив „случајно“ ѝ припаѓаат на Левичарската партија, се жалеше тогаш опозицијата. Неофицијалниот партиски весник на СИРИЗА, „Авги“, прави напор за внесување факти во дискусијата. Според весникот, за да се обезбеди транспарентност Министерството за образование ќе ги снимало разговорите. Меѓу главните критериуми за вработување, пишува „Авги“, се и социјална активност, синдикално искуство, како и учество во некаква форма на „народно одлучување“.

Парламентот во АтинаФотографија: Reuters
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми