1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сириската катастрофа

Керстен Книп/З. Јордановски11 март 2015

Пред 4 години Сиријците се кренаа против претседателот Асад. Протестите израснаа во војна со многу фронтови. На сцена стапија џихадистите. Сега тие се гаранти за политичкиот опстанок на Асад.

Фотографија: Getty Images/Afp/Fadi al-Halabi

„Народот сака пад на режимот“ - вакви пораки, испишани со спреј од неколкумина ученици, се појавија на ѕидиштата и куќите во градот Дара на југот на Сирија кон средината на март 2011 година. Тие беа уапсени, што жителите на градот ги наведе да излезат на улица на протест. Силите за безбедност на владата на Асад пукаа врз демонстрантите. Тоа во наредните денови и недели наведе уште повеќе Сиријци мирно да се побунат против грубото постапување на режимот. Но, и тие демонстрации режимот најрешително ги сузби - и така придвижи една спирала на насилство, од која до денес го загубија животот речиси 250 000 Сиријци. Некои се обидоа да се засолнат на безбедно - од тогаш околу 4 милиони Сиријци ја напуштија земјата, додека шестипол милиони талкаат внатре во нејзините граници.

Но, Сиријците одамна веќе не бегаат само поради насилството на режимот, туку и од ужасите на џихадистички групи како Фронтот Ал-Нусра и, првенствено, Исламската држава (ИД). ИД на освоените подрачја постапува безмилосно против сите кои ги прогласи за „безбожници“.

Фотографија: Z. Al-Rifai/AFP/Getty Images

„Стандарден репертоар на криминалците“

Тоа што џихадистите можеа толку многу да се прошират во Сирија и соседен Ирак се должи непосредно на самиот Асад, вели во интервју за ДВ Надим Шехади, политиколог - истражувач од британскиот тинк-тенк институт Чатам хаус. За Асад нема подобро средство, за да го оттргне својот режим од линијата на огнот. „Такво постапување спаѓа во стандардниот репертоар на диктаторите. Се отвораат затворите, се пуштаат на слобода подлеци и криминалци. Се создава хаос, а потоа се објавува дека наводно ќе го сузбива тој хаос - и на тој начин си го враќа легитимитетот“, вели Шехади.

И навистина, погледот на меѓународната заедница врз Сирија многу се промени. Ако во првата година од војната во преден план уште беа злосторствата на режимот на Асад, во наредните месеци во центарот на вниманието се пробија победничкиот поход, а потоа и ужасите на ИД. Обезглавување, еден јордански пилот жив запален, луѓе фрлени од највисокиот кат на високи згради - со тоа насилство без задршки ИД во подеднаква мера предизвикаа ужас кај муслиманите, како и кај немуслиманите. И, кога летото 2014 година терористичката организација го прогласи својот калифат, стана јасно дека нејзината амбиција за власт не знае за граници. Со атентати во други земји во регионот, како и во Европа, Канада и Австралија, џихадистите не оставија сомневање дека располагаат со со мрежа од симпатизери и потенцијални соборци ширум светот, подготвени да удрат во секое време и насекаде.

Воената интервенција против ИД е нужна, но недоволна

Со тоа меѓународната заедница беше принудена да реагира. Меѓународна коалиција под водство на САД поведе борба против џихадистите. Друго решение во моментов и нема, вели политикологот Барах Микаил од истражувачкиот институт ФРИДЕ во Барселона. Но, само војнички проблемот долгорочно не може да биде решен. „Ние во моментов ни политички не напредуваме. Сега не изгледа дека е можно да се преговара со ИД“, оценува Микаил.

Поради тоа, ИД ја става меѓународната заедница пред многу долгорочни предизвици, вели Микаил во интервјуто за ДВ. Треба да се создадат околности, за трајно да се спречи процесот на регрутирање борци за ИД. Тоа, со оглед на сегашните активни борци на ИД, нема многу да користи, оти тие се решени да калкулираат и со својата смрт. Но, симпатизерите и потенцијалните соборци може секако да бидат одвратени од намерата да се пруклучат на ИД. „Но, тоа може да успее само ако тие бидат подобро интегрирани во западниот свет и ако на Блискиот Исток се отстранат главните проблеми како корупција или невработеност. Ако тоа не успее, се’ повеќе луѓе ќе се чувствуват привлечени од Исламската држава“, оценува политикологот Барах Микаил. Под впечаток на ужасните злосторства, за Западот Асад веќе не е непријател број 1. За разлика од џихадистите, тој и неговиот режим навистина и натаму се сметани за нелегитимни, но споредбено попресметливи, и за гаранти за регионалната, ако не дури и за меѓународната стабилност. „Владата на американскиот претседател Обама веќе јасно стави на знаење дека таа сака Башар ал-Асад да остане на власт; таа не сака нова влада во Сирија“, вели Надим Шехади.

Фотографија: Z. Al-Rifai/AFP/Getty Images

Времето работи за Асад

Режимот на Асад продолжува да постапува против своите противници. Од тоа страдаат првенствено оние луѓе, кои живат во областите под контрола на ИД. Во борбата против џихадистите, воениот апарат на Асад нема обѕири спрема цивилното население. Во градски квартови под контрола на ИД сириски хеликоптери фрлаат импровизирани бомби полни со метални делови. тие, навистина, не се наменети за населението, туку за борците на ИД, но режимот свесно калкулира и со смрт на безбројни цивили.

Меѓународната заедница и натаму е беспомошна против таквото постапување. Весникот Ал-шарк ал-Аусат неодамна направи горчко резиме на досегашните бескрајни мировни напори на пратеникот на ОН за Сирија Стафан де Мистура: Сиријците досега од него не виделе ништо друго, освен неколку фотографии на кои се покажува насмеан покрај Башар ал-Асад. „Неговата мисија е капка врз врел камен. Нему му беа потребни 4 месеци за да издејствува примирје во еден кварт од градот Алеп - во земја која гори и секој ден наново се разорува“, пишува весникот.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми