Сириската опозиција длабоко раскарана
4 јули 2012Дводневата средба на сириската опозиција во Каиро заврши во хаос. Како што информираат учесници на конференцијата, делегатите се напаѓале и навредувале меѓусебно до таа мерка што присутните жени почнале да плачат. Ваквиот развој го поттикнала одлуката на сириските Курди да ја напуштат средбата. Конференцијата не го призна статусот на курдско малцинство, изјави Абдел Асис Отма од Националниот совет на Курдите. Повеќе опозициски групи исто така повремено ја прекинуваа конференцијата.
Сепак и покрај сите разлики поделената сириска опозиција постигна согласност дека нов почеток е можен само ако се повлече претседателот Башар ал-Асад. Политичкото решение на конфликтот мора да почне со симнување на Асад, се вели во завршната декларација од средбата во Каиро. Тие се согласија и да дадат поддршка за опозициската Слободна сириска армија. Опозицијата не е единствена околу евентуална странска воена интервенција.
Опозицијата во Сирија досега не успеа да ги обедини различните етнички и религиозни групи и затоа се’ уште се бори за меѓународно признавање. Поделеноста меѓу противниците на режимот на претседателот Башар ал-Асад е една од причините зошто и по 16 месеци од почетокот на конфликтот тој се’ уште е на власт. Асад профитира и од неединството на меѓународната заедница. Русија досега спречува ОН да воведат санкции против Сирија.