Сириските опозиционери против воена интервенција како во Либија
12 јули 2011„Сирискиот народ ќе го поздрави меѓународниот притисок врз режимот на Асад. Тој испраќа барање до меѓународната заедница да го изведе Асад пред меѓународниот трибунал и да му наметне економско и политичко ембарго“, објавија активистите на страницата на „Фејсбук“ под наслов „Сириска револуција 2011“. Сепак, народот јасно и категорично одбива секаква странска воена интервенција, како кампањата на НАТО во Либија, истакнуваат активистите.
САД и Франција го заострија тонот кон Дамаск, откако во понеделникот нивните амбасади беа нападнати од провладини демонстранти, кои протестираа против минатонеделната посета на дипломати од двете земји на бунтовниците во градот Хама. Вашингтон, првпат по четиримесечните репресии врз демонстрантите во Сирија, порача дека претседателот Асад го изгубил легитимитетот. Францускиот премиер Франсоа Фијон денеска, пак, изјави дека молчењето на Советот за безбедност на ОН за насилствата во Сирија станува неподносливо и истакна дека претседателот Асад ги поминал сите граници. Од почетокот на протестите во март во насилствата во Сирија животот го загубиле повеќе од 1.300 цивили, додека силите за безбедност уапсиле повеќе од 12.000 лица, тврдат организациите за заштита на човековите права.
Автор: ГЧ/ЕМФ/миа
Редактор: Борис Георгиевски