Сирија виа Милано кон север
22 ноември 2014На еден меѓуспрат на железничката станица има вода, малку јадење и информации за исчезнатите роднини, за правната ситуација во ЕУ и- за наредниот воз кон север. Десетици илјади сириски бегалци во изминатите месеци беа избројани на железничката во Милано, само 0,1 процент од нив поднесоа барање за азил. Сите други сакаа да патуваат понатаму: во Швајцарија, Германија или Шведска.
„Никој овде не останува подолго од пет до седум дена“
Абдула има дваесетина години. Тој е студент од Хомс, Сирија и е во бегство од теророт во својата татковина. За патот кон Италија платил 6000 долари. Патувал со мал дрвен чамец, преку Средоземното Море, а потоа долж цела Италија. Сега стигна на железничката во Милано и сака да го продолжи патот кон север. Брат му е во Малме, но дотаму нема да стигне, оти возовите се контролираат, раскажува Абдула. „Пред два дена ме фати француската полиција, затоа повторно сум тука“.
Мануела Бриенца од градската урпава на Милано вели: „Никој овде не останува подолго од пет до седум денови“. Таа се обидува колку што може да им помогне на бегалците, им нуди место за преспивање, нова облека, правно советување, доколку некој сака да поднесе барање за азил во Италија. Меѓутоа, од околу 45.000 бегалци, кои во изминатите 24 месеци стигнаа во Милано, само 50 сакаа да поднесат барање за азил во Италија. За најголемиот дел бегалци градот и железничката се привремена станица.
Бегалците и‘ се благодарни на Италија за секоја помош, но тие имаат сосема јасен план, продолжува Бриенца: „Тие не ги разбираат европските закони за азил, Даблин III- тоа за нив е чиста бирократија“.
Според Даблин III правилата сите овие бегалци би морале да останат во Италија, оти тука за првпат стапнале на територија на Европската унија. Но, оној кој успешно ќе се одбрани да не биде идентификуван, има шанси да продолжи со патувањето. Затоа во моментов има значително повеќе сириски бегалци во Малме или Минхен отколку во Милано. „Не сакаме да ја поттикнеме трговијата со луѓе. Не можеме да купиме билети за воз во една земја од која една личност со голем веројатност ќе биде протерана“, вели Бриенца.
Бегалците не треба да се плашат од италијанската полиција
Меѓутоа на главната железничка станица во Милано се има впечаток дека италијанските власти нагласено ги проверуваат бегалските рути низ цела Европа или ги блокираат.
Сандрин во името на хуманитарната организација „Универсис“ се грижи за едно собиралиште за сириските бегалци во зградата на железничката станица. Таму нема полиција, која прашува за документи, појаснува таа. Сандрин се грижи за ноќниот престој, таа обезбедува пар чевли или нешто за јадење и ги слуша приказните на луѓето во бегство. На пример одисејата на Хусеин од Сирија, кој заедно со 250 други луѓе во чамец долг десет метри од Либија сакал да патува кон Италија. На отворено море тие загубиле ориентација, кога GPS-уредот повеќе не функционирал. Три денови пловеле по отворено море. „Бевме кратко пред потонување, кога во последен момент пристигна морнарицата. Никого не загубивме“, раскажува Хусеин.
Други немале толку среќа. На ѕидот покрај првата помош, висат ливчиња со фотографии, телефонски броеви, имиња. Некои на патувањето загубиле членови од семејството. „И кога ќе дојдат овде, најпрво нѐ прашуваат дали имаме инеформација, дали знаеме, дали преживеало нивното семејство или не“, раскажува Сандрин од хуманитарната организација.
Честопати роднините се во Германија, Швајцарија или Шведска, па затоа централната железничка станица во Милано е само една станица на пат кон север.