1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Избори во Сирија: Засекогаш Асад

Диана Ходали
26 мај 2021

Сиријците денеска (26 мај), среде економска криза и пандемија, избираат претседател на државата. Победникот е однапред познат: Башар ал-Асад. На неговото владеење не му се наѕира крајот.

Syrien Wahlkampf l Wahlplakat, Präsident Bashar al-Assad in Damaskus
Фотографија: Louai Beshara/AFP

Денешните претседателски избори во Сирија се втори такви избори од почетокот на војната во земјата во која стотици илјади луѓе се убиени, а милиони принудно ја напуштија. Се очекува Башар ал-Асад, кој на последните претседателски избори во 2014 година освои 88,7 отсто од гласовите,  да осигура четврт мандат од 7 години. За волја на вистината, тој, како и на претходните избори, чисто формално дозволи учество на противкандидати на изборите. Станува збор за поранешниот државен министер за парламентарни прашања, Абдулах Салоум Абдулах и за Махмуд Ахмад Мареи, шеф на Националнодемократскиот фронт, мала партија кој го поддржува режимот.

„Асад си бие шега со демократските структури глумејќи дека двајцата кандидати, кои ги одобри тајната служба, се вистински конкуренти. Тие немаат шанса за победа“, вели Моуна Гханем, директорка на Сирискиот женски форум за мир.

Целата изборна постапка, од изборот на кандидатите до пребројувањето на гласовите, ја контролира режимот. Исто така, е јасно дека режимот се обидува со изборите да создаде легитимитет.

„Меѓутоа, пред сѐ, изборите покажуваат оти Асад е и натаму со нас, без разлика на сите опозиции во изминатите 10 години“, вели Гидо Штајнберг, стручњак за Блискиот Исток од Фондацијата за наука и политика во Берлин. Асад сега повторно контролира околу две третини од териториите. Само регионот Идлиб, на североисток со кој управуваат Курди и турски протекторати, сѐ уште не е под негова власт.

Зависност од Русија и од Иран

Тој тоа го постигна со помош на Русија и на Иран, кога Русија интервенираше со воздушни сили, специјални единици и со воена полиција во 2015 година, непосредно пред претстоечкиот пораз на Асад, и кога Иран испрати бригади и шиитски паравоени сили. Со нивна поддршка Асад веќе воено победи во војната, дури и ако војната сѐ уште не е завршена. „Бидејќи воено веќе е одлучено, политичко решение едноставно нема да има“, вели Штајнберг.

„Не постои поттик за политичко преговарање за што било“, објасни стручњакот за Сирија, Кристин Хелберг, на случувањето кое го организираше Здружението Кверкултур. Асад сега е зависен од тие сили „кои го одржуваат на власт“, вели Хелберг. Но, Асад сега, исто така, мора да ги награди овие сили. „Овие страни ја гледаат Сирија како еден вид плен кој сега мора да се подели“, вели таа. Русија веќе со договор осигура природни ресурси како нафта и гас, но пред сѐ форфор.

Повеќе:

-Десет години војна: компликуваниот однос меѓу Германија и Сирија

-Пет години потоа: Дали војната на Путин во Сирија беше погрешна проценка ?

-Изопачената војна во Сирија

Покрај тоа, според Гидо Штајнберг, веќе јасно може да се види конфликтот меѓу Иран и Русија околу влијанието на сириската војска, тајната служба и на сириската милиција. „Значи, Сирија веќе не е целосно суверена“, вели тој.

Покрај Иран и Русија, Асад има поддршка и од богатите бизнисмени кои имаат полза од инвестиции или договори на црниот пазар.

Русија многу вложи во Сирија, и политички и воено. „Земјата е голема хипотека за рускиот претседател Владимир Путин“, вели Кристин Хелберг. „Едно е јасно: Русија не може сама да ја стабилизира земјата“.

Тешка хуманитарна состојба

Многумина сметаат дека безбедносната состојба е нестабилна. Таканаречената Исламска држава никогаш не ја напушти земјата - наводно илјадници терористи сѐ уште се кријат во сириско-ирачката погранична област. Иранското воено присуство исто така се смета за голема закана, особено од страна на Израел.

Уништен е голем дел од инфраструктурата во големите делови на земјата. Во областите контролирани од режимот, луѓето сѐ повеќе се во незавидна хуманитарна состојба. Луѓето стојат во редици за леб со часови. Пред бензинските пумпи се формираат долги редици, бидејќи бензинот стана ретка стока. „Русија сака Западот да се смири со Асад - исто така да ја финансира обновата, бидејќи Русија нема пари“, вели Кристин Хелберг.

Тешката хуманитарна состојба ја поттикна Русија да обезбеди помош. Путин исто така ѝ нуди на Европа да ги врати сириските бегалци назад во Сирија. Но, Асад, всушност не го сака тоа. Веројатно поради таа причина со декрет им беше одземен имотот на многу внатрешно раселени лица и Сиријци кои избегаа во странство.

Наместо тоа, на граѓаните и борците лојални на режимот им беа дадени станови и куќи. Не без причина, критичарите на режимот постојано исчезнуваат.

На Путин му се потребни сојузници за Сирија. Постојат знаци дека некои земји, особено од регионот, веќе се заинтересирани за нормализација на Сирија. Египет се обидува повторно да ја приклучи Сирија кон Арапската лига, а во 2018 година Обединетите Арапски Емирати повторно ја отворија својата амбасада во Сирија на пониско дипломатско ниво.

Фотографија: Reuters/SANA

Прашање е дали и кога Саудиска Арабија би можела да го следи нивниот пример. Сепак, некакво враќање на Асад на големата политичка сцена - на пример во Вашингтон или во Париз - во моментов се чини исклучено.

Да се услови повторната обнова

Сирија е економски скршена, а згора на тоа доаѓаат санкциите на САД, како и оние на Европа. И Европа и САД финансираат голем дел од хуманитарната помош за Сирија. „Агенциите на ООН, исто така, работат на терен со организации и луѓе кои се наоѓаат на листите со санкции на Европа и на САД“, рече Хелберг.

Многу хуманитарни организации во Европа би сакале да го поддржат народот во Сирија. Сепак, експертот за Сирија предупредува на опасноста со оваа помош да управуваат организации и луѓе блиски до режимот, бидејќи тоа би значело соработка со режимот. „Со тоа би се утврдиле токму структурите поради кои дојде до востание. Ако Европа сака повеќе Сиријци да се вратат назад во татковината, тоа нема да се случи сè додека Асад владее таму на таков начин. Едноставно не е безбедно за нив“.

Наместо тоа, насочените санкции треба да се задржат и да се разговара со граѓанското општество. „А обновата не треба едноставно да се поддржи безусловно“, истакнува Хелберг.

Во меѓувреме, германското Министерство за надворешни работи најави дека нема да има обнова на Сирија или нормализирање на односите со режимот сѐ додека тој не учествува во веродостојниот политички процес под водство на Обединетите нации. Но, тоа сѐ уште не изгледа така.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми